Никогаш нема да ја заборавам 2013 година, ја дочекав со татко ми за последен пат: Новогодишно со Костадин Костадинов, градоначалник на Струмица

Добивај вести на Viber

Како градоначалник на општина Срумица, за новогодишната ноќ ќе ги посети сите дежурни служби во градот и ќе им ги честита празниците на луѓето кои ќе бидат на своите работни места. Со нетрпение ќе го чека раѓањето на првиот жител на општината во новата 2022 година. Костадин Костадинов се надева дека ќе остане време да ја прослави Новата година со својата Марија и блискиот круг пријатели, во домашен амбиент, со традиционалните новогодишни готвени јадења.

* Празничното расположение е околу нас, а покрај подароците и дружбите, неизбежно е да се посветиме себеси и да се преиспитаме како ни поминаа 365-те дена од годината. Кои се најбитните мигови на кои сте посебно горди и ќе ви останат во сеќавање?

- Секој ден од годината со себе носи различни случувања и моменти, секое со свое значење и важност. Со оглед на мојот работен ангажман, деновите се навистина исполнети и динамични и можам да кажам дека оваа 2021 година имав навистина многу случувања и мигови, за паметење. На професионално ниво, би го издвоил пратеничкиот мандат, како дел од македонскиот Парламент и секако - изборот за Градоначалник на Општина Струмица. Во таа смисла, посебно ми значат и ми се драги сите средби кои ги реализирав и активно ги реализирам со моите сограѓани од Струмица, посебно сега, за време на мојот мандат, кога заедно можеме да придонесеме повеќе за нашата Општина. На личен план, исклучително сум горд на вдомувањето на неколку кучиња кое го направивме заедно со сопругата Марија. Со помош на здружение од Гевгелија помогнавме згрижувачко семејство да најдат во Лондон. Овие, иако можеби малку на број, за мене лично се многу важни моменти од 2021 година.

* Што е она што го планиравте, но не успеавте да го реализирате и ви остана како празнина?

- По природа сум човек кој функционира со однапред дефиниран план. Таа матрица ја следам приватно, но и професионално. Верувам дека со правилно планирање, проценка на тековните случувања, адаптирање на секоја конкретна ситуација и соодветно дејствување со посветеност и плодотворност, планираното може секогаш да биде реализирано. Во тој поглед, во текот на изминативе 365 дена ги реализирав скоро сите оние помали и поголеми планови кои ми беа зацртани. Затоа, задоволен можам да констатирам дека за мене оваа година беше успешна. Секако, се надевам и верувам дека и идната 2022 година ќе биде исто таква!

* Учиме од своите успеси и неуспеси. Која нова животна лекција ви ја донесе 2021 година и ќе ви биде од голема корист во иднина?

- Оваа година ми ја потврди филозофијата по која се водам целиот мој живот – дека напорната работа, можеби не веднаш, но секогаш и без исклучок е препознаена, од секого. Да, луѓето препознаваат искрени заложби, вложен труд и напорна работа.

* Во помал град речиси сите се познаваат меѓу себе, луѓето освен роднински ги поврзуваат пријателства од школските клупи, од маалски дружби. Дали ваквите релации ја олеснуваат или ја отежнуваат вашата работа како градоначалник на еден таков град, Струмица?

Струмица како град, иако помал од Скопје, Тетово, Битола, Куманово е сепак доволно голем. Градот има 35.311, а нашата Општина вкупно 54.676 жители. Секако, невозможно е сите да се знаеме, па дури и лично да се познаваме меѓу себе. Тука, сакам да потенцирам дека Струмица, впрочем како и секој еден град, има посебна душа. “Хемијата“ на мојот роден град е токму тоа што е сплет од соодветна големина за бројчано идеална популација.Затоа, Струмичаните се знаат и познаваат меѓусебно делумно, но не доволно или премногу, што донекаде помага за одредена кохезија помеѓу жителите. Така, како Градоначалник, можам да кажам познанството со определен број сограѓани го гледам исклучиво како бенефит од аспект на можноста за искрен и отворен разговор за сето она кое е реално потребно за Општина Струмица. Токму тоа е големата предност. Многу е поедноставно да се дојде до гласот на секој граѓанин и да се сослуша, да се разберат ставовите и мислењата и врз основа на тоа, да се планираат активностите по приоритет и важност.

* Во кој дел од градот ви помина најбезгрижниот дел од животот? Кои звуци, мириси и слики би ги издвоиле од детството?

- Кога ќе се спомне безгрижно детство, најпрво се присетувам на “транзитот“ – тоа е булевар „Климент Охридски“. Се сеќавам на мирисот на дивите маслинки кои ги имаше таму кога бев дете. Секако, поради големата фреквенција, ги паметам звуците на возилата кои во илјадници, транзитираа секој ден. Струмица и тогаш беше средена, убава, чиста, но не беше така развиена како сега. Многу сум среќен што како секое дете, голем дел од времето го минував со моите другари. Имавме многу маалски игри и дружби. Секоја можност ја користевме да играме фудбал во маало и игри како “комити и џандари“ и слични. Слободно можам да кажам дека имав убаво, интересно, безгрижно и исполнето детство.

* Во тинејџерскиот период човекот почнува да верува во себе, но се уште не престанува да им верува и на другите. Каков тинејџер бевте вие?

- Она што го одбележа моето тинејџерство е завршување на средно училиште во главниот град. Добар дел од тоа време го поминував во Скопје. Беше тоа период на нови пријателства, дружби, излегувања. По природа сум доста комуникативен и тоа нешто не беше исклучок ниту во тинејџерските денови. Со леснотија и од срце создавав нови контакти и познанства. Секако, како дете излезено од домот, надвор од родниот град, носев сериозна обврска и затоа, во однос на училишните обврски бев доста дисциплиниран и исполнителен и се трудев излегувањата и динамичниот, скопски ноќен живот да не влијаат на успехот во училиштето. Дополнително, во тинејџерските години, започнав интензивно да се посветувам и ангажирам во доменот на политиката, што во тој период за мене значеше ново искуство, познанства и секако, обврска повеќе, на мое задоволство.

Секогаш ме “влечеше“ мојата Струмица

* Кој дочек на Нова година бил посебен по многу нешта?

-Секој ден може да биде посебен и убав доколку сами си го направиме таков. Токму затоа, на секој ден гледам да пронајдам нешто посебно и да уживам во него. Секако, дочекот на новата година, вечерта на 31.Декември дополнета со празнична еуфорија си има посебна магија, верувам за секого. Јас верувам во филозофијата: не е важно каде си, туку со кој си. Затоа, секој дочек до сега за мене има засебен дел во моите спомени од причина што бил споделуван со луѓе кои навистина ми значат, многу. А исклучително посебна Нова Година, која никогаш нема да ја заборавам е дочекот на новата 2013 година, заедно со татко ми и целото мое семејство.

* Студиите во еден период беа причина да ја напуштите Струмица и да живеете во Скопје. Успеавте ли да се прилагодите лесно на животот во нашата метропола?

-Како што веќе кажав, бев дете дојдено да учи средно училиште во Скопје на свои 14 години и секако, главниот град ми беше интересен и полн со предизвици. Запознавав нови луѓе, се аклиматизирав во новата средина и секако, вложував многу напор да ги оправдам очекувањата и довербата дадена од моите родители. Со тоа што од релативно мала возраст сум “излезен од дома“ прилагодувањето можеби и не ми претставува потешкотија. Се навикнав на животот во Скопје, со сите негови карактеристики и специфичности. Сепак, секогаш ме “влечеше“ мојата Струмица назад, па така секој слободен момент, најчесто за време на викендите, го користев за враќање во родниот град. Ова ми остана пракса и по завршување на студентските денови, во периодот кога веќе работев, па дури и вклучително за време на мандатот како пратеник. Знаете, не се преселив во Скопје и покрај тоа што такво нешто функцијата овозможува. Ем ми беше полесно да патувам од и кон Струмица, ем на таков начин, со личен пример покажав дека се може без таа пратеничка бенефиција. Сепак, од периодот кој го поминав во Скопје излегов како многу побогат човек – со повеќе пријатели и другари, со кои и денес редовно контактирам и без кои моето секојдневие не би било тоа што е.

По природа сум насмеан и весел човек

* Луѓето кои ве познаваат велат дека сте позитивна личност, а во комуникацијата доминира вашата насмевка. Дали таа особина ви помага да останете цврсто на земја и кога наидувате на препреки?

-Тежнеам и се трудам максимално да чекорам цврсто, на земја. Кон препреките секогаш се поставувам и ги совладувам со силен фокус и посветеност, нешто кое е “клуч“ за поедноставно, но сигурно надминување. А ако насмевката е атрибут кој е од помош при вакви ситуации, секако е добредојдена, а така и мене ми е полесно, затоа што по природа сум насмеан и весел човек. Насмевката е дефинитивно знак за позитивно.

* Среќен е оној маж кој ќе го пронајде својот вистински пријател, а најсреќен е оној кој ќе го пронајде во својата сопруга. Дали со оваа флоскула би ја опишале и вашата сопруга?

-Тогаш, на “прва“ можам да кажам дека јас сум неизмерно среќен човек. Да, среќен сум што во Марија, покрај сопруга, имам партнер, мотиватор и најважно - животен другар. Марија има многу важна улога во моето секојдневие - и од личен и од професионален аспект. Од неа ја добивам најголемата поддршка и разбирање, а истовремено, знае и да ме охрабри и да ме бодри секогаш да одам напред. Без неа дефинитивно немаше да бидам тоа што сум денес.

* Има ли во вашиот дом поделба на работите?

-Ако се земе предвид дека во просек поминувам 12 часа на работа, поприлично малку време останува за домашните обврски и сум навистина благодарен за разбирањето кое Марија го има за моето динамично работно темпо. Сепак, кога сум временски во можност, особено во слободните денови и во недела, знам да зготвам нешто, да раскренам низ дома или пак, да сум дел од домашна активност за која има потреба. Така да, од овој аспект домашните обврски се поделени. Единствено, признавам дека има една која воопшто не ми лежи. Не знам и не сакам да пеглам. Кој сака?

* Што посакувате да ви донесе Новата Година вам и на вашите сограѓани?

-За претстојната 2022 година, пред сé, на сите мои сограѓани им пожелувам многу среќа, здравје, љубов и просперитет. Нека новата година ни обезбеди благосостојба и сили за сите нови предизвици кои нѐ очекуваат, како на работа, подеднакво и во нашите домови. 2022 година сакам да биде година во која ќе продолжи континуитетот на мирот и слогата кои го имаме во Струмица.
А секако, сите да имаме убав и исполнет празничен период, во кругот на блиските и саканите.

Каде за Новогодишната ноќ?

- Оваа Новогодишна ноќ ќе биде работна. Како градоначалник ќе ги посетам сите дежурни служби во градот и ќе им ги честитам празниците на вработените кои таа ноќ се на своите работни места и секако со нетрпение ќе чекам раѓањето на првиот жител на Општина Струмица во новата 2022 година. Се надевам ќе остане и време со Марија и блискиот круг пријатели, во домашен амбиент, со традиционалните новогодишни готвени јадења и со здравица да ја испратиме старата и да ја поздравиме Новата 2022 година.


Соња Алексоска Неделковска

Фото: Приватна архива