НИКОЈ СЕГА НЕ МИСЛИ НА ПЛАЖА - не се купуваат нови аранжмани, резервираните зависат од можните мерки

Никому сега не му е до плажа. Дури и некој да сака да резервира патување, на пример за јуни, и со тоа да искористи пониски цени, не може да се знае како дотогаш ќе се развива состојбата со коронавирусот во светот, и дали и какви рестриктивни мерки ќе важат тогаш во земјава, но и во државите во кои би се патувало.

Туристичките агенции во земјава не се отворени, но нивните вработени работат од дома и се постојано достапни на телефоните што се оставени како дежурни на нивните веб страници. 

Фактор разговараше со некои од вработените во агенциите. Велат дека летните аранжмани за од јуни натаму се уште важат, доколку не дојде до нови измени и преппораки од надлежните.

Сепак, во овој период има само интерес, но никој не резервира аранжмани и не уплаќа средства. Сите чекаат да видат како ќе се развива ситуацијата. 

Во туристичката агенција „Аурора“, иако претходно биле закажани, сега се откажани сите патувања што беа планирани за Велигден и за Први мај.

Сепак, се уште се активни летните аранжмани, односно оние што почнуваат од 10 јуни па натаму. Станува збор за планирани патувања за Хургада - Египет, Анталија – Турција, Коста Брава – Шпанија, но и во туристичките места во Грција.

„Станува збор за аранжмани кои граѓаните си ги резервираа уште во декември или во јануари, кога воопшто не беше толку сериозна ситуацијата со коронавирусот и патувањата не беа забранети. Сега засега нема откажување на тие аранжмани, однсно граѓаните се уште имаат позитивни очекувања дека состојбата ќе се подобри и ќе можат да ги реализираат тие патувања“, велат вработените во туристичката агенција „Аурора“.


После резервациите што биле направени во „мирнодопски услови“, сега, во екот на паниката и мерките против вирусот КОВИД-19, граѓаните не прават нови резервации за посета на некоја од привлечните летни туристички локации. Има и такви што, сепак, се јавуваат за да се распрашаат за условите.

„Нема нови резервации. Некои од граѓаните се јавуваат и прашуваат какви се условите, но нови закажувања од нивна страна нема“, објаснуваат од оваа туристичка агенција.

Нивните очекувања се дека новите резервации ќе се појават дури откако граѓаните ќе имаат малку попрецизна слика за тоа до кога ќе продолжат и кога ќе бидат прекинати рестриктивните мерки со кои се ограничува движењето и во земјава, но и во другите држави каде што тие се воведени.

Дали можеби оваа ситуација ќе ги намали цените на летните аранжмани, вработените во „Аурора“ велат дека тие не можат да знаат, бидејќи не се тие што ги носат одлуките.

Од дома работат и вработените во туристичката агенција „Савана турс“. На нивната веб страница се оставени неколку телефонски броеви на кои граѓаните можат да се јавуваат за сите прашања.

И во оваа агенција се уште се активни сите туристички аранжмани за летниот период за повеќе атрактивни туристисчки дестинации, како што се Грција, Турција, Египет, но и Хрватска. Тие се резервирани пред да почне кризата со корона вирусот.

Целиот текст за туристичките агенции, како се справуваат со коронавирусот и дали ова година ќе се оди на летен годишен одмор прочитајте на Фактор.