Нина Деан: Претставата „Замисли нов свет“ внесува бран на свежина во театарот, но и во мојот личен живот
Нина Деан е една од најистакнатите, но и најактивни млади актерки на македонската сцена, која имаме можност често да ја гледаме во моќни и незаборавни улоги на сцената на Македонскиот народен театар. Оваа сезона ќе ја видиме во нова улога, како дел од претставата „Замисли нов свет“, театарски проект на Македонски Телеком инспириран и работен како колаж од делата на нашиот драматург Горан Стефановски, во соработка со МНТ.
Во интервјуто кое следува, Нина ни открива дел од процесот на подготовка и од работата на еден професионален актер, но и ќе сподели неколку интересни детали за новата претстава која ќе биде дел од редовниот репертоар на МНТ.
1. Како е да се биде дел од еден значаен проект како „Замисли нов свет“?Што ве привлече кон оваа претстава и пораките што би допреле до публиката?
Имав желба да работам со Нела Витошевиќ уште од нејзината ,,Брод за кукли", па одлуката да бидам дел од ,,Замисли нов свет" беше донесена речиси без размислување. Тоа што претставата е колаж од делата на Горан Стефановски само уште повеќе ме осигура, а процесот ми потврди дека треба сум тука. Овој проект внесува бран на свежина во театарот и во мојот личен живот. Екипата е составена од актери од повеќе генерации и театри, секој е свој, а сепак сите работиме за претставата. Музиката на Окац е магична, читањето и поставувањето на драмите на Горан во новово време ќе биде интригантно, и заедно ќе допреме до секој во публиката.
2. Ова е една специфична претстава во која играте повеќе ликови. Како се поврзувате со ликовите што ги играте и кои се најголемите предизвици кога толкувате повеќе улоги?
Играм три лика: Цвета од ,„Силјан штркот“, Каталин од „Чернодрински се враќа дома“ и Вера од ,„Диво месо“. Нешто што ги поврзува трите лика е тоа што сите се “жената која чека“. Чекаат промена, сè самите малку прават за да променат нешто. Тоа е сосема спротивен мајндсет од мојот - јас верувам дека ние сме задолжени за сопствените животи и ако не сме среќни треба да промениме нешто, наместо во друг да го гледаме спасот- и баш поради тоа е предизвик, да анализирам, разберам, станам лик што е толку различен од мене во суштина.
3. Она што го знаеме за овој проект е дека се работи за проект на Македонски Телеком во соработка со МНТ. Колку е значајна таквата поддршка од големите организации за реализација на вакви значајни проекти?
Ми се допаѓа соработката и се надевам дека нема да е последна, дека и други организации ќе тргнат по чекорите на Телеком иќе “стапнат“ во театарот.Сè додека се подготвени да ја поддржат уметноста, а да ни ја дадат креативната слобода да се изразиме – апсолутно сум ЗА.
4. Што мислите за улогата на театарот во општеството денес? Дали драмските изведби и текстови имаат влијание на публиката?
Ако имаат влијание врз нас, актерите, ако го допираат режисерот – тогаш нема како да не допрат до публикaта. Особено ако темите се актуелни, проблемите безвременски а ликовите живи. Театарот може и треба позитивно, но неприметно. да влијае на општеството, и може да е моќен и голем дел од позитивните промени во свеста на поединецот.
5. Кои аспекти од театарската уметност најмногу ве инспирираат и ве мотивираат да продолжите да се развивате како актерка?
Непостојана постојаност на театарот. Сè е ново, а сепак е познато. Театарот претставува креативен вентил за мојот хаос од идеи. Секогаш имам по нешто да учам, а за мене токму тоа е животот. Надоградување, растење, креирање...
6. Што би им порачале на младите актери и актерки кои сакаат да тргнат по вашите стапки и да ја градат својата кариера токму тука?
Да продолжат да посакуваат, да сонуваат, да создаваат и да останат. На театарот му требаат млади и нови актери. На актерите им требаат нови колеги. Светот се менува со брзина на светлината и новите генерации се секогаш повеќе во тек со сегашноста. И тоа е добро, бидејќи на нив светот останува.
Фото: Стефан Рајхл