Ана Бунтеска: Чекаме

Добивај вести на Viber

Чекавме нов ден

За да ни се разбудат мислите

Потем ноќта ја привикувавме

За да ја заспиеме осамата

Та ниту белилото од денот го видовме

Ниту сласта на ноќта ја сетивме

Чекавме сонце

За да ни осветли окото

Потем дождот го побаравме

Да ни засвежи во душите

Та ниту од сонцето ќар имавме

Ниту дождот спокој ни донесе 

Чекавме тишина

За да ни стивне бурата во умовите

Потем џагорот го посакавме

За да не ни оглуви постоењето

Та ниту тишината нов здив ни донесе

Ниту џагорот смеа ни измами

Чекавме љубов

За живеачката да ја зачиниме

Потем бегавме во самотија

За себеси да се најдеме

Та ниту еден со друг се видовме

Ниту еден на друг во срцата си ѕирнавме

Откако умов ме служи

Ти и јас само нешто чекаме

И кога ќе го добиеме она по што пекаме

Веднаш нешто друго бараме

И ништо радост не ни донесе

Како заедно да не можеме

А еден без друг да не знаеме

И се вртиме во круг

Барајќи излез

Барајќи врата за од себе да избегаме

А на неа три катанци има

Еден твојата гордост

Вториот мојата суета

А третиот казна од Бога ни е

Оти бараме нешто што не знаеме да го чуваме

И колнеме се’ и сешто 

Синкир некој друг виновен е

Оти клучот стално некаде го затураме

Еве си...и еве сум

Како глувци во тркало пикнати трчаме

За никаде да не стасаме

И чекаме

Само чекаме

Без да се дочекаме


За Женски Магазин, Ана Бунтеска