Човек треба да верува во себеси: Николина Ристовска за првите модни креации
Заврши академија за мода во Скопје, а во моментов се надградува на меѓународниот институт Изет Цури. Неодамна пред јавноста ги претстави своите креации, а токму тоа е повод и за интервјуто со Николина Ристовска, сопругата на ракометарот и голман Борко Ристовски.
Полека се стреми кон остварување на сонот за сопствено модно ателије, а живеејќи во повеќе европски метрополи имала прилика да запознае многу жени од различни делови на светот. Сите тие имале големо влијание врз неа и оставиле одреден белег. „Сакам таа жена да ја видам во Македонија“, вели Нина, за Женски магазин.
*Неодамна ги претставивте вашите седум креации, а името на колекцијата ја нарековте Крстосница... од каде дојде идејата за името?
-Темата „Крстосница“ ми беше зададена како тема од мојот ментор професорот Никола Ефтимов. Меѓутоа „Крстосница“ во случајов има и сентиментално значење бидејќи самата моја мотивација да воопшто се занимавам со ова потекнува од моето семејство. Така впрочем и ми дојде и идејата бидејќи мојот дедо за кој што бев многу емотивно врзана своевремено беше еден од најдобрите мајстори на својот занает од местото од кај што потекнувам, Куманово. По заминувањето на дедо ми, вујко ми како хоби почна да се занимава со пцеларство и тоа е мал дел од приказната зад овие први креации.
*Како реагираше публиката на овие парчиња?
- Многу сум среќна и благодарна за поддршката што ја добивам од луѓето околу мене. За мене беше сосема ново што многумина ме побараа со желба да купат некое парче, некои со желба да им се дизајнира нешто. Сосема нов момент за мене. Не можам да го објаснам задоволството кога некој го облекува тоа што сте го направиле вие и се радува и воодушевува.
*Колку време работевте на креациите?
- Оваа колекција почна да се гради во февруари годинава. На часовите со мојот ментор Никола Ефтимов. Парчињата ги изработував во текот на септември. Сакето и квартовите во Барселона се моја инспирација.
*Кој може да се пронајде во вашата колекција, да ја носи, како вие ја доживувате?
- Колекцијата е комбинација на класика и смелост. Јас ја доживувам многу романтична и мека. Такви жени замислувам дека можат да бидат облечени во овие дезени.
Ја имав таа среќа да живеам во повеќе европски метрополи каде што запознав многу жени од различни делови на светот. Сите тие имале големо влијание на мене и оставиле одреден белег. Сакам таа жена да ја видам во Македонија.
*Што е следно од Нина Ристовска како моден дизајнер?
- По завршувањето на академијата се запишав на меѓународниот институт Изет Цури со желба да добијам вистинско квалитетно образование. Во план е отварање на сопствено ателје, меѓутоа сега приоритет ми е да ги завршам сите задачи кои ми се зададени од професорите на Институтот.
Мојата желба е да бидам успешна, затоа и моето образование е во таа насока.
*Мото кое ве води низ животот?
-Мислам дека случајности не постојат. Човекот треба некогаш и да се опушти и да верува во себе си. Голема сила постои во нас.
Фото: Приватна архива