Носењето тесна облека е знак на несигурност: Викторија Бекам за својот стил некогаш и сега

Добивај вести на Viber

Moдната креаторка Викторија Бекам, препознатлива по својот едноставен и моќен стил, одговори на прашања на модни студенти за „Гардијан“, каде откри многу за нејзиниот приватен живот, но и за нејзиниот стил некогаш и сега.

Според неа, животот за време на карантинот бил повеќе од необичен, бидејќи нејзината канцеларија во куќата ја окупирала нејзината ќерка Харпер, која и покрај тоа што слушала часови на Интернет, морала да носи училишна униформа.

- На почетокот ми беше чудно, но мислам дека помага да се одржи рутината. Дури и јас се однесував како и обично - се облекував како за на работа, но и удобно - пар стари фармерки, маица или џемпер. Не ми се допаѓа да носам тренерки затоа што сè уште се чувствувам добро и сакам да имам самодоверба - изјави жената која конечно пред некое време ја покажа својата вистинска порцеланска насмевка.

Викторија раскажа за својот стил за време на нејзината кариера во групата „Спајс грлс“.

- Носев премногу тесни фустани со корсети, а мојот личен стил е всушност многу поопуштен. Гледајќи наназад, мислам дека тоа беше одраз на мојата несигурност, штом носев толку многу тесна облека и прилепна за моето тело- призна таа.

Колку повеќе ѝ се менувал животот, толку повеќе ѝ се менувал и стилот.

- Јас правам многу работи во текот на денот, не можам да бидам мајка, сопруга и зафатена жена која ќе трча во високи потпетици цел ден. Дефинитивно имам поголема самодоверба како што стареам. Знам што ми одговара, знам што ми е убаво и што ме прави да се чувствувам пријатно. Не мислам дека треба да докажам нешто според начинот на кој се облекувам - истакнува Бекам.

На прашањето каков совет ќе ѝ даде на младата Викторија Бекам, таа одговори:

- Уживај во патувањето. Затоа што уживав и јас. Прави го она што ти го кажуваат твоите инстинкти. Јас секогаш велам дека можам да ги поднесам грешките што сум ги направила сама, но не и оние што сум ги направила затоа што не сум го слушала инстинктот. Тој постои со причина - заклучи таа.