Нов бизарен тренд: Родителите во Кина ставаат калапи на главите на бебињата - „Не сакам моето дете да порасне како мене“

Најновиот тренд кај родителите во Кина е ставање шлемови за обликување на главите на бебињата кои наводно им помагаат да добијат убава, тркалезна форма

Според „Инсајдер“, трендот на „калапирање“ на главата на бебето започнал во октомври, кога родителите почнале да им купуваат кациги на своите деца. Шлемовите наликуваат на топка за куглање и се наменети за бебиња чија глава е рамна одзади.

Бебињата треба да носат кацига неколку часа, а родителите веруваат дека тоа ќе обезбеди нивниот череп да добие убава, тркалезна форма.

„Саут Чајна Морнинг Пост“ објави изјава од мајка која на форумот „Ксиаохонгшу“ презентирала детали за употребата на „чудесната“ опрема, која наводно помогнала да се „корегира“ обликот на главата на нејзиното бебе. 

Објавата со наслов „Ја коригирав главата на моето бебе и покрај протестите на моето семејство“ раскажува како мајка ја однела својата седуммесечна ќерка во медицинска установа за да ѝ направи прилагодена „опрема за корекција на главата“. 

„Мислам дека носењето шлем ја има истата функција како носењето протеза, а тоа е да се поправи дел од телото и да се направи поубав. Имам рамна глава и знам колку е болно за жените на кои убавината им е важна. Не сакам моето дете да порасне жалејќи се за овој дел од себе“, рекла мајката. 

Кинескиот сајт „Соху“ пренесува дека ваквите уреди за „корекција“ можат да чинат и до 4.300 долари, додека шопинг порталот „Таобао“, кинеската верзија на „Амазон“ во сопственост на „Алибаба“, продава различни уреди за „корекција на главата“ кај бебињата. Шлемот чини три долари, а 15 долари чинат влошките-подметачите за спиење кои го спречуваат детето да спие на начин што предизвикува рамна глава, а корективните перници се 20 долари.


Фото: WEIBO / SCREENSHOT