Најпродаваната книга за возрасни „И јас сум Сирма“ е книжевен експеримент, историска фикција со примеси на драма, политички трилер и сатира. Авторот зема парчиња од нашата историја, од различни временски контексти и ги поврзува со една заедничка нишка – ликот на Сирма Војвода... Заработката од продажбата на „И јас сум Сирма“, како и претходните романи на Ѕоф, ќе биде донирана во хумани цели. На второ место е „Лејла“ од Колин Хувер, број еден авторката на бестселери на „Њујорк тајмс“. Станува збор за роман што го истражува животот по трагедија и неуништливиот дух на љубовта.
На третата позиција е првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев, чиј автор е доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов. Во изданието, Михајлов открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев, за неговиот подем, за постигнувањата и за неговата личност, почнувајќи од неговото детство, преку ангажманите во ФК Вардар и ФК Црвена звезда, па сѐ до европската фудбалска авантура. Во книгата се открива за животот на Панчев и надвор од зелениот терен...
На четвртата позиција е новиот роман на популарната авторка Јана Мишо - „Што се случи со Исидора?“ Приказната во овој трилер почнува по смртта на екстравагантната авторка Ноемија Нера. Нејзините отуѓени ќерки се враќаат во готската опатија каде што пораснале, заради отворање на тестаментот... „Изгубениот“ и досега необјавен роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес – „Се гледаме во август“ во издание на „Арс Ламина“, беше една од најбараните книги во 2024 година. Десет години по смртта на легендарниот колумбиски писател, книгата излезе од печат на македонски јазик, на неговиот роденден (6 март), истовремено во повеќе од 30 земји во светот.
На шестата позиција е мотивациската книга „Твоите пет следни потези“ од креаторот на „Валјутејнмент“ (Valuetainment), број 1 канал на „Јутјуб“ за претприемачи и „еден од највозбудливите мислители“ во бизнисот денес, Патрик Бет-Дејвид. Топ листата со најпродавани книги за возрасни во издание на „Арс Ламина“ ја комплетираат: романот „Нов живот“ од најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература, Орхан Памук, „ЗЕН Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно и бестселерот „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон.
|