НОВ ПРЕДИЗВИК ЗА ИВАНА ТОРЕС: Нарушено здравјето на нејзиниот сопруг, авантурата со комбе одложена
Пред патувањето одлучивме да направиме рутински здравствени прегледи. Се шокиравме од резултатите на Ману. Ни соопштија дека првичната дијагноза е карцином. За две недели ќе го оперираат и ќе бидат направени дополнителни испитувања, ни откри македонската авантуристка
Македонската авантуристка Ивана Чолаковска Торес ги вознемири фановите откако на својот блог објави дека најавеното патување од Арктик до Антарктик со комбе старо 30 години е одложено поради здравствени проблеми на нејзиниот сопруг. „Женски Магазин“ ја контактираше во Шпанија, родната земја на Ману каде заминала пред три дена. Ни откри дека лошите вести ги добиле непосредно пред стартот на новата мисија за која интензивно се подготвуваа шест месеци.
- Пред патувањето одлучивме да направиме рутински здравствени прегледи. Се шокиравме од резултатите на Ману. Ни соопштија дека првичната дијагноза е карцином. За две недели ќе го оперираат и ќе бидат направени дополнителни испитувања - ни изјави таа.
Вели дека ова е нешто што никогаш не би помислиле дека може да им се случи. Се исплашиле, но тамошните лекари им рекле дека нема простор за паника.
- Ова е еден од оние моменти кога животот си поигрува со вас. Наеднаш сите планови паднаа во втор план. Се надеваме на најдоброто. Комбето е подготвено и чека. Ама здравјето пред сè – порачува таа.
Торес признава дека изминативе десет години, колку што со партнерот патуваат низ светот, нивните тела постојано биле изложувани на екстремни климатски услови.
- Живеевме со вируси и бактерии од целиот свет и никогаш не отидовме на доктор. Убедени сме дека ова е само мал шок за нас од кој ќе се закрепнеме. Сега многу повеќе го цениме животот секој нареден ден. Дури и да се потврди првичната дијагноза ќе останеме мотивирани. Патот нè повикува и нè чека–раскажува Торес.
Ивана и Ману се авантуристи и фотографи кои една деценија заедно патуваат. Лани беа спектакуларно дочекани на скопскиот плоштад пред финишот на нивното претходно патување околу светот кога за четири години посетија 55 земји и поминаа 147.000 километри на мотор. Досега имаат одржано повеќе мотивациски говори во различни земји, а нивните искуства ги претопуваа во репортажи за влијателни светски списанија. Следниот предизвик за кој макотрпно се подготвуваа беше токму одложеното патување од Арктик до Антарктик во адаптирано старо Фолксваген комбе. Планираа авантурата да стартува во Њујорк откако возилото со брод ќе биде транспортирано од Белгија до САД.
- Ќе го претвориме комбето во мал театар и работилница. На проектор ќе пуштаме интересни материјали во рурални средини на Латинска Америка. Ќе бидам горд македонски амбасадор и во секое интервју ќе нагласувам од каде потекнувам. Ќе собираме средства за неколку хуманитарни кампањи – изјави Ивана пред два месеца за „Женски Магазин“.
Ѓорге Стојанов