НОВИ ОБВИНУВАЊА ДО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА: Наградените од конкурсот за откуп на музички композиции се закануваат со тужба
Од Министерството за култура информираат дека поради формално - правни недостатоци конкурсот се поништува и дека повтоно ќе биде распишен. На него ќе имаат право да учествуваат и апликантите од поништениот конкурс
Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) бара од Министерството за култура итно обештетување на авторите наградени на анонимниот конкурс за откуп на музички композиции во 2017. Од СОКОМ бараат да се достават договори до наградените автори согласно објавените резултати без понатамошно одложување на постапката.
- Министерот за култура цели 10 месеци одбива средба со претставници на најстарото и најзначајното здружение, а молкот за резултатите од нивниот Конкурс покажува дека Министерството нема капацитет за спроведување на нивните декларативни заложби за унапредување на музичкото творештво, ниту капацитет за почитување на законските прописи и нивните сопствени конкурсни објави. Авторите - добитници на наградите, алармираат дека ваквите непрофесионални и неетички постапки на Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, ќе остават црна дамка врз работата на службите и комисијата, а деградираните автори кои вложиле труд со месеци за да ги создадат своите дела, ќе бидат приморани да ја бараат правдата низ судски процес – стои во официјалниот допис на СОКОМ до медиумите.
Од таму нагласуваат дека на 18 јануари годинава на веб-страната на Министерството за култура и преку повеќе јавни медиуми и портали биле објавени наградените автори и дела, но истиот ден оваа објава била повлечена од официјалниот сајт на Министерството, наводно без никакво известување во врска со причините за тоа.
Меѓу наградените автори се композиторите Благој Цанев, Никола Коларовски, Јана Андреевска Димитровска, Андреј Блажевски, Велковска Трајановска, Драган Стојков, Ана Пандевска, Тодор Трајчевски и Сони Петровски.
Веднаш се огласи и Министерството за култура со соопштение дека конкурсот се поништува поради административни пропусти во неговото спроведување.
- Тргнувајќи од констатираните административни пропусти, Министерството за култура го поништува конкурсот заради формално - правни недостатоци и ќе го распише повторно, за што јавноста ќе биде благовремено известена. На него ќе имаат право да учествуваат и апликантите од поништениот конкурс. Ќе поведеме соодветни дисциплински постапки за службите задолжени за спроведување на конкурсот, со цел да се утврди одговорноста за направените пропусти - информираат од Министерството.
Ѓ.С.