Новогодишно со Тамара и Тијана: Си плачевме со Џибони на телефон
Тијана Дапчевиќ често ја раскажува приказната дека кога била мала, од родителите побарала да има жива кукла, и да се вика Тамара. Желбата ѝ се исполнила кога имала десет години, тогаш се родила нејзината сестра, Тамара Тодевска.
Денес и двете се успешни жени, музички и актерски ѕвезди, мајки и сопруги. Иако живеат раздалечни една од друга, Тамара во Скопје со сопругот Александар и со децата Хана и Дарен, а Тијана во Белград, со сопругот Милан и со синот Вук, тие се секогаш тука една за друга. Во новогодишната приказна, сестрите ги споделуваат своите најдраги заеднички сеќавања за овие празници и раскажуваат за она што би сакале да им остане во сеќавање, и она што би сакале да го избришат од годината што си заминува.
- Не можам да се сетам на жпрослава на Нова година со Тамара кога сме биле деца. Ќе ви раскажам за најинтересна Нова година од поновото време. Јас бев бремена со Вуле, пречек на 2008- 2008, дома кај мене, овде во Белград, беа и мама и Тамара и тоа ми беше најинтересна Нова година, затоа што прва беше да не работам, да не пеам за Нова година. Затоа ми е интересна од оваа перспектива“, вели Тијана.
На истата Нова година, се сеќава и Тамара, и за неа таа прослава била најзабавна.
- Многу не се сеќавам на некои Нови години поминати со Тијана, затоа што има голема разлика во годините, и ако некоја Нова година сме ја поминале заедно, тоа е кога таа беше бремена со Вук, и бевме со мајка ми кај неа во Белград, и си поминавме лудо и незаборавно ние три. Секогаш имавме различни места затоа што имаме разлика во годините, голема, десет години сме разлика, така што кога таа почна да ги слави своите Нови години со своите другари, јас бев мало бебе, дома се’ уште“, вели Тамара, а Тијана се сеќава на нивните ретки прослави на Нова година дома, кога биле деца.
- Дома покрај телевизор, па ќе дојдеа некои пријатели на тато и на мама, па се слушаше Тома Задравковиќ, па Шабан Бајрамовиќ, па тогаш се сеќавам, ми купи тато „Пионир“, музички систем, и се сеќавам, прва плоча којашто ја добив од татко ми беше „Трилер“ на Мајкл Џексон, и се сеќавам, среде Тома Здравковиќ и Шабан Бајрамовиќ велев: „А, сега малку јас“. Морав да ги забавувам, морав секогаш да бидам во центарот на вниманието“, со насмевка се сеќава Тијана.
Таа се присети на една интересна Нова година, која ја поминала работно, во Херцег Нови каде што пеела на плоштадот, во 2004-2005 година.
- Се сеќавам, облеков капутче едно, баба ми Бог да ја прости викаше Веленција, ладно, дуваше некој ветер, се смрзнав, не можев да се соберам после тоа, а морав да пеам и утередента и задутре дента. Значипеев на 31, 1 и 2. Се сеќавам дека останавме на море уште едно 5-6 дена, откако заврши тоа дувањето, останавме да се стоплиме“, се сеќава Тијана.
Оваа година, Тамара вели дека ќе ја памети по убави нешта, но има и работи и луѓе кои сака да ги заборави.
- Сакам да замапетам дека многу бев горда на себе приватно за некои работи, тоа ќе ми биде како лајт мотив за оваа година и нешто коешто ми го исполни срцето. Сакам да заборавам некои луѓе коишто од оваа година сфатив дека не треба да се во мојот живот, и сум многу благодарна за тоа што имав шанса да им го видам вистинското лице. Сакам да ги запаметам и да не ги заборавам оние прекрасни концерти, коишто ги имав во Античките театри, за коишто мислам дека ќе бидам горда исто така цел живот“, ни раскажа Тамара.
Тијана додава дека ако добро размисли, од 1997 година до годинава, таа нема пеено само кога била бремена со синот, а сите други дочеци на Нова година ги поминала работно. Од оваа година, таа сака да ги запамети сите убави работи кои ѝ се случиле, а вели дека лошите ги има избришано од меморија.
- Нема вчера, нема утре, живеј за моментот, така што, јас сум од тие. Го живеам моментот“, рече Тијана. За Нова година, таа требаше да ја дели сцената со Џибони, на плоштадот во Будва, но за жал црногорските власти ги забранија сите масовни собири поради опасноста од ширењето на коронавирусот, и се откажаа сите настапи на плоштадите.
- Нема да пеам никаде, вчера си плачевме со Џибони на телефон. Сите што требаше да пееме во Црна гора, нема да пееме никаде. Ќе дојдам во четврток во Скопје, и дента за Нова година ќе одам кај сестра ми на матине во „Интермецо“,и ќе ужовам во новогодишниот ден, а богами и ноќ, со децата“, ни рече Тијана.
„Инаку, ова што го слушаш сега, што бучи, е мојот прочистувач за воздух, многу сме загадени“, додаде Тијана во снимката која ја испрати од Белград.
Тамара пак се радува што новогодишната ноќ ќе ја помине дома, со најмилите.
- За Нова година сум преку ден во музичкиот бар „Интермецо“, на дневна журка, а вечерта ќе бидам дома со фамилијата и многу ми е ќеиф. Посакувам многу здравје, многу љубов, и убави моменти во 2022, многу поубави отколку во овие претходниве две“, се желбите и плановите на Тамара.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива, Мартин Трајановски, Горан Поповски, Лука Шарац- Хелоу магазин, Србија