Од шестка до шестка
Налетав на едно видео на Фб, од индиски гуру, пред некој ден и го
споделив кај мене. Да се разбереме, немаше голотии за да привлече лајкови но
барем на еден некој од фб му изигра улога. Во кратки црти вели вака, а јас сум
многу среќна што освен површни манијакални трачови, се уште има надеж за човек
нешто да научи од социјалниве проклетија.
Без разлика дали возиш Бентли или Голф, патот останува ист, Без разлика дали зборуваш на Iphone или постар телефон, оној кому се јавуваш останува ист, Без разлика дали патуваш во бизнис или економски лет, дестинацијата останува иста нели, Без разлика дали носиш обичен часовник или најнов Ролекс, времето останува исто нели..Чудно е колку вложуваме во тоа да го подигнеме стандардот на живеење, а забораваме да го подигнеме стандардот на нашиот живот. Имајте се, имајте Бентли, имајте Ролекс, ама додека правите компромиси за стандардите на вашиот животен стил, Ве Молам не правете компромиси за вашиот живот. Забораваме да дадеме внимание на оние работи кои вистински не прават среќни. Додека патувате со приватен авион, не правете компрромиси за принципите кои го подобруваат стандардот на вашиот живот. Некои луѓе се толку сиромави што единствено што поседуваат се пари. Ако се што имаш се пари, ти си најсиромавиот човек на светот. Нашата среќа, нашиот животен стандард, не е во тоа што го поседуваме, туку во луѓето покрај нас, во односите и врските, во значајните, искрени и длабоки врзувања во љубовта, во искрените моменти кои ги делиме во љубовта, таму е среќата на срцето. А иронијата е тоа што она кое ни носи неизмерна среќа, ние го запоставуваме со тоа што се обидуваме да го подигнеме стандардот на животниот стил.
Сега јас ќе ве прашам нешто. Кога последен пат сте облекле фустан, сте се нашминкале, сте поделиле прекрасен оброк во друштво на сакана особа, не мора да е љубовен партнер, може да е пријател, без потребата да тоа биде брендирано, наместено, испозирано и подготвено за лајкување? Јас вчера, и се повеќе практикувам да не споделувам. Или бар да го споделам она што сметам дека мојата професија го налага од мене, заедно со потребите за модерното општество. Но јас сум дел од јавноста, во job discription ми е. Не сте свесни колку повеќе и позначајни моменти на уживање имам што вие не ги гледате.
Ајде со мене. Имајте дотерувања за сите, и дотерајте се за тој некој од кого ви се тресе цело тело. Сликајте некој кул оброк за на инста, ама не заборавајте да го храните со прсти од неговото омилено јадење додека ве гледа во очи. Патувајте со бизнис класа, ама не ги сликајте брендираните кофери, на крајот на денот навистина не се важни. Сликајте го погледот од собата, вкусете и мириснете ја храната додека сте таму, покажете ни ги боите и формите, музеите и сите оние скриени улички кои отвараат сетила до макс. И колку повеќе му давате на значај на чувството, колку повеќе оставате време за љубов, за емоции, за луѓе, за доживувања, толку повеќе ќе имате поседувања. Толку повеќе ќе успеете да ја склопите сложувалката и да си ги наместите коцките по модерен лего редослед, за да може да имате се. И Бентли, и Ролекс, и љубов, и партнер, и дете, и кариера. Бидете алчни, станете од кревет со цел за повеќе, и поголеми очекувања, ама од себе дечки.
Во оној момент кога ќе прифатите дека Вие сте сопственици и режисери на сопствената судбина, на сцена настапува пишаното по народно и се ви се мести.
Ама ако ви е потребно да патите, да се самосожалувате, да сочувствуваат со вас, да ве тапкаат по рамо и да наоѓате утеха во зборови а не дела, таму и ќе останете.
Мотивацијата е лесна, кај секој еден некој има еден фитиљ што се запалува и доведува до чекор кон промена. Е дисциплината, тука се двојат хероите. Со дисциплина се стига до резултат. За да ви биде комплетна насмевката, ваша лична од шестка до шестка, што би рекла забарката моја. Не за на инста, не за на фб, не за лајк. За себе, за добро утро на комшијата, за најубав ден на целото ваше семејство, за ваш поубав животен стандард.
Се враќам на рецептите, ме искаравте.
Во кризни денови и лесно решение за вечера, пилешко варено или на скара, со зелена салата и рукола, наут, домати и краставица, зачинето по желба без тешки сосови. Карма каша со минимални калории а превкусно. Нешто пак се подопуштив периодов па имав неколку нутрициони испади, ама не си се лутам, еве ме пак на старо нов начин каде телото само ми побара да баталам пороци.
Јас сум Ивана Кнез, со најпозитивна енергија денес, за да ви тргне лесно денот.
Се читаме следната недела.