Од страв спиев седечки, бебето преку стакло си го галев: Искрена приказна на скопјанка која го прележа коронавирусот

Добивај вести на Viber

Поради неодговорноста на соседот, 24 годишната Л.К од Скопје се заразила со вирусот Ковид-19,  а потоа ја заразила и својата деветмесечна ќерка. Најтешко ѝ било што за време на изолацијата, својата ќерка плачејќи ја галела преку стакло, гледајќи ја низ прозор.

Младата мајка ја сподели својата приказна за тешкиот период со вирусот за Женски магазин, сакајќи да допре до повеќе луѓе, но нè замоли да ѝ ја испочитуваме желбата да се објават само нејзините иницијали. 

Со сопругот и со ќерката, таа живее во источниот дел на Македонија, а кај родителите во Скопје не била отидена од почетокот на пандемијата, од март, сè до јули кога вели дека се заразила.

„Ги немав видено родителите четири месеци, и отидов во Скопје да ги посетам. Беше јули. Тој ден, татко ми нешто работеше во подрумот од зградата каде што живеат. Вратата никогаш не ја заклучува затоа што освен нас домашните во нашиот подрум речиси никој друг не влегува. Но, баш тој ден, влегол соседот, кој бил позитивен на Ковид, и никој од соседите во зградата тоа не го знаел. Тој слободно си се шетал низ зградата, а подоцна разбравме и дека отишол да пазари со фамилијата, иако имал решение за изолација. Соседот од татко ми побарал да му позајми алат и кратко поразговарале. За неколку дена, татко ми разви симптоми, се тестираше и тестот му покажа дека е позитивен на коронавирус“, ни раскажа нашата соговорничка.

Најстрашно е што соседот заразил и друг возрасен човек кој живеел во истата зграда, кој починал како последица на вирусот.

Таткото бил хоспитализиран, и по неколку дена излегол од болница, а позитивна на вирусот била и нејзината мајка која се излекувала во домашни услови.

„Симптоми развив и јас, и не сакајќи да ја влошувам состојбата на моите родители, откако тестот ми покажа дека сум позитивна, заминав дома кај сопругот и кај ќерката. Имав покачена температура, многу тешко дишење. Живееме во куќа и јас се изолирав во посебна соба. Мојата деветмесечна ќерка ја гледав низ прозор. Тоа ми беше најтешко. Да не можеш да си го гушнеш своето бебе кое те гледа, плаче по тебе, и не може да разбере зошто мајка ѝ не може да ја земе во прегратка. Плачеше таа, плачев и јас“, вели мајката.

„Многу кашлав, имав страшна тахикардија во моментите кога не можев воздух да земам. Од страв да не се задушам, спиев седечки“, додава таа.

И покрај тоа што не смеела да ја погали ќерка си, педијатрите ѝ препорачале да не престане да ја дои, два пати во денот, со соодветна заштита.

„И тоа беше едно грозно чувство, како да сум робот. Со маска и со ракавици ја доев ќерка ми со свртена глава, оддалечена со лицето од неа најмногу што можев, и потоа само му ја предавав на сопругот. Тоа ми беше единствениот контакт со неа, и тогаш сум ја заразила“.

Состојбата на деветмесечното бебе по неколку дена се влошила, кашлање и наод на белите дробови, па мајката и ќерката поминале две недели во Детската болница Козле. Наод на белите дробови имала и мајката претходно, и као што вели најчудно ѝ е што во тие моменти матичната лекарка не ѝ дала упат за ренгенска снимка.

„Сакам да упатам апел до сите болни од Ковид, да не чекаат од матичните лекари, да инсистираат да одат и на ренгенска снимка, и да ги направат сите други потребни испитувања. Вирусот не се лечи само дома, лута сум на инертноста на некои од матичните лекари. Кога на мојата матична лекарка ѝ реков дека имам главоболки, таа ми рече да медитирам. Дали е тоа одговор, дали главоболка предизвикана од вирус се лечи со медитација?“, додаде нашата соговорничка.

По две недели поминати во Детската болница Козле таа и нејзиното бебе оздравеле. Ќерката имала енормно покачени леукоцити и лоша крвна слика, која дури по четири месеци откако го прележала вирусот ѝ се подобрува.

Мајката и денес има последници од вирусот. „Чувството за мирис и за вкус уште не ми е вратено. И многу брзо се заморувам. Порано со сопругот се качувавме на еден рид блиску до нашата куќа без одмор. Сега едвај се качувам, се задишувам и ми треба да се одморам неколку пати. И кога работам низ дома се заморувам, немам веќе енергија како порано. Мајка ми ни беше во посета, и додека шетавме низ нашата населба, поминавме покрај едно место каде што многу се чувствува канализацијата. Порано ми одеше да повратам кога поминував таму од непријатниот мирис, сега не го ни осетив“.

Нашата соговорничка е среќна што сестра ѝ и нејзиното семејство не се заразиле со коронавирусот, како и сопругот, кој ѝ бил најголемата поддршка во тешките мигови. Верувајќи дека времето лечи сè, таа се надева дека  наскоро повторно ќе ја има старата енергија и сила. Таа за крај уште еднаш апелира до сите заболени од вирусот да направат детална здравствена проверка, не чекајќи препорака од матичните лекари.

Милица Џаровска