Од стресен начин на живот до мозочни удари и афазија: Интервју со кл.логопед специјалист В. Сиљаноска

Добивај вести на Viber

Токму поради афазија, актерот Брус Вилис се повлекува од глумата, а за жал станува збор за состојба за која е мала свесноста и за која малку се зборува.

Во Македонија не постојат статистички податоци за бројот на лица кои се соочуваат со афазија, а според истражувања, најчесто со афазија се соочуваат луѓето над 50 години, но со стресниот начин на живот почести се мозочните удари и изместени се возрасните граници, така да оваа состојба може да се случи и кај доста помлади луѓе. 

Афазијата не ја засега интелигенцијата на луѓето кои се соочуваат со оваа состојба. И тие сакаат и понатаму да се дружат, да остваруваат контакти, да разговараат, да одат на работа, да минуваат време со своите најблиски и да прават работи кои сите ние сакаме да ги правиме, но едноставно се соочени со бариера, а тоа е неможноста да се продуцира и/или разбере говорот. Затоа многу често овие луѓе се изолираат и се затвораат во себе. Тоа е исто како човек кој не разбира македонски јазик, да дојде во Македонија и да не може ни да праша, ни да одговори на нешто кога ќе го прашаме на македонски јазик.
Кај нас, не станува збор за тоа дека останатите од околината не сакаат да ги вклучат луѓево со афазија во комуникација, туку едноставно не знаат како. А, кога нешто не знаеме се дистанцираме. Луѓето, затоа што не знаат како да комуницираат и не знаат што да очекуваат од спротивната страна, се плашат да пријдат.

За состојбата афазија, кај нас е доста ниска свеста иако бројот на луѓе кои се соочуваат со истата, се зголемува, затоа, на тема афазија пред една година разговараме со кл.логопед специјалист Викторија Сиљаноска. Од неа дознаваме како се јавува, како се дијагностицира, какви се третманите, со што се манифестира и сѐ она што не сме го знаеле за афазијата. 

  •  Кај нас е доста ниска свеста за оваа состојба, објаснете ни повеќе како и кај кој се јавува, кои се симптомите, причините и како се дијагностицира. 

-  Афазија претставува губиток или пореметување на јазичните функции, а до тоа доаѓа поради мозочно оштетување. Мозочните повреди може да бидат предизвикани од повреди на главата при сообраќајни несреќи, тумори, поради недоволно снабдување на мозокот со крв итн. Најчеста причина за афазија е мозочен удар. Во зависност од локализацијата на мозочната повреда има различни видови на афазии и манифестациите на симптомите се различни. Најчесто настанува одеднаш на пример после мозочен удар или друга повреда на главата, но има случаеви кога истата се развива споро на пример при тумори на мозокот или деменција. Најчести знаци се тешкотии во зборувањето, тешкотии во разбирање на слушнатото и тешкотии во читањето и пишувањето. Многу е важно да се направи прецизна дијагноза, да се има предвид анамнезата, да се изведат одредени логопедски тестови, да се опсервира и анализира однесувањето на клиентот со афазија со цел да се направат индивидуални план и програма за работа. 

  •  Дали е излечива состојба? Што подразбира третманот? 

- Во зависност од локацијата на мозочното оштетување, зависат видот и сложеноста на говорно-јазичните нарушувања. Има случаеви кога е возможно да настане т.н “спонтано излекување” на афазија, во период од неколку дена до неколку месеци по повредата, но во најголем дел од случаевите третманот на афазија е долготраен процес. Од логопедски аспект се препорачува по дијагностицирањето на афазија, да се почне со третман колку е можно порано затоа што најголем потенцијал од подобрување на говорно-јазичните вештини се забележува во првите месеци по повредата. Третманот е индивидуално приспособен според состојбата во која клиентот е, неговиот/нејзиниот карактер, професија, однесување и сл. Целта е да се подобрат, да се вратат изгубените или оштетените јазични способности или пак со компензација да се најде алтернативен начин на комуникација. Терапијата е секогаш насочена кон подобрување на способноста за комуницирање и избегнување на социјална изолираност. 

  •  Што покажува праксата и Вашето искуство, доколку постои статистика, дали често се јавува и кој може да биде најпогоден од состојбата? 

- Во Македонија не постојат статистички податоци за бројот на лица кои се соочуваат со афазија. Низ разговори со колегите, доаѓаме до заклучок дека бројот на лица кои се соочуваат со афазија во последниве години е зголемен. Поттикнати од тој факт заедно со мој колега минатата година изработивме и брошура за афазија, која е наменета најмногу за семејствата на лица со афазија и за сите кои сакаат да знаат повеќе за оваа состојба. Брошурата содржи корисни информации за тоа што претставува афазија, какви видови на афазија има, кои се симптомите, како да се пристапи на лице со афазија и слично. Според истражувања, најчесто со афазија се соочуваат луѓето над 50 години, но со стресниот начин на живот почести се мозочните удари и изместени се возрасните граници, така да оваа состојба може да се случи и кај доста помлади луѓе. Сакам да напоменам дека иако афазијата најчесто е состојба со која се соочуваат возрасните, постои и детска афазија. 

  •  Доближете ни низ контретен пример, кои и какви последици може да се јават, односно со што се карактеризира афазијата? 

- Кога станува збор за мозочен удар мора брзо да се интервенира затоа што со ударот се афектираат многу делови од телото, па така за да се редуцираат штетите предизвикани од ударот, важно е да е добие медицинска помош најбрзо што може. Во зависност која ареа од мозокот е афектирана се јавуваат и физичките манифестации.

View this post on Instagram

A post shared by Кл.логопед Викторија Сиљаноска (@prashaj.logoped)


 Во приказот на случај за кој јас пишувам во мојата објава на мојот инстраграм профил @prashaj.logoped станува збор за удар локализиран во лева хемисфера, во Брокиното подрајче на мозокот, затоа кај клиентката се забележува деснострана хемипареза и моторна афазија. По долготраен третман, кога зборувањето е веќе многу подобрено и сме стигнати до степен кога клиентката е во состојба да оди и на работа, покрај другите стимулативни вежби се насочивме и кон вежби за пишување. Клиентката била деснорака, но поради мозочниот удар моментално се соочува со деснострана хемипареза и затоа пишувањето е сега со лева рака. Манифестациите од мозочната повреда се различни, на пример доколку мозочната повреда е настаната во делот на мозокот кој го контролира јадењето и голтањето, тогаш клиентот ќе се соочи со дисфагија односно проблем со голтање.
Некои од манифестациите при повреди се следниве: Повредите во фронталниот дел од мозокот можат да предизвикаат проблеми во движењето, потешкотии во планирањето. Повредите во десната страна на мозокот може да предизвикаат потешкотии во вниманието и фокусот, потешкотии во препознавањето на лица и предмети, како и промени во однесувањето. Повредите во левата страна на мозокот предизвикуваат потешкотии во зборувањето и разбирањето на говорот и јазикот, проблеми со меморијата, организациски вештини итн. 

  •  Колку е клучна помошта од логопед и кои се некои од начините да се корегира говорот кај возрасните? Колку време може да трае третманот? 

- Не само кога зборуваме за состојба каква што е афазија и третман на афазија, туку и за сите други состојби, нарушувања и потешкотии кои логопедот ги третира многу е важна врската која ќе се оствари меѓу логопедот и клиентот. Моето досегашно искуство покажува дека најголем успех се постигнува тогаш кога клиентот ми ја дава целосно својата доверба и со мене се чувствува удобно. Процесот на третман на афазија е долготраен, состојбата е чувствителна, деновите се различни. Има денови кога часовите течат лесно и клиентот е расположен и мотивиран, има денови кога подоминантни се тагата, бесот и фрустрацијата од состојбата во која моментално тој/таа е. Многу е важен начинот на справување со сите предизвици кои афазијата си ги носи со себе, како за логопедот, така и за котерапевтите односно најтесната околина на клиентот. За клиентот е важно да ја прифати својата состојба, да се труди да биде подобар, да биде мотивиран и да верува дека ќе успее. Поддршката од семејството е неопходна. Третманот е долготраен и освен клиничката слика, во исходот од истиот зависат и многу други фактори. 

Целото интервју прочитајте продолжува ОВДЕ (третмани, препорака до луѓето кои се борат со афазија или познаваат некој со афазија)