Охридска банка Сосиете Женерал објавува Конкурс за млади сликари
Охридска банка Сосиете Женерал објавува Конкурс наменет за сите млади сликари на возраст од 18 до 23 години. Во рамки на платформата за општествена одговорност, ОБСГ Клуб на Таленти, Охридска банка Сосиете Женерал објавува Конкурс со кој се освртува кон младите и кон уметноста, повикувајќи амбициозни и талентирани уметници кои се насочени кон сликарство и кон цртањето. Целта на конкурсот е да се изберат учесници на ликовната колонија Вевчански видувања, која ќе се одржи во с. Вевчани во периодот од 22 јуни до 6 јули 2019 година.
Аплицирањето на конкурсот ќе се врши по електронски пат и ќе трае до 9 јуни 2019 година со пополнување на формуларот за апликација на веб-страницата на Клубот на таленти www.obsgklubnatalenti.mk. Во рамки на апликацијата за учество, сите заинтересирани потребно е да испратат пет фотографии, од пет свои авторски дела во акрилна техника на која било тема.
По завршувањето на конкурсот, од сите пријавени апликанти, Банката заедно со стручно жири ќе одбере максимум 12 (дванаесет) финалисти, кои ќе бидат објавени на веб-страницата www.obsgklubnatalenti.mk на 13 јуни 2019 година. Финалистите што ќе бидат избрани ќе земат учество на ликовната колонија Вевчански видувања 2019, каде што ќе престојуваат 5 (пет) дена и ќе бидат поделени во 2 (две) групи, односно првата група во периодот од 23 до 27 јуни 2019 година и втората група во периодот од 28 јуни до 2 јули 2019 година.
Охридска банка АД Скопје ја презема целокупната организација околу учеството на финалистите од конкурсот на колонијата и ги покрива нивните трошоци за храна, сместување и за материјалите за работа.
Финалистите-учесници на Вевчанската колонија ќе сликаат дела на слободна тема, по сопствен избор, во техниката акрил.
По завршувањето на ликовната колонија, Банката ќе организира хуманитарен настан на кој насликаните уметнички дела ќе бидат понудени на јавна аукција, а средствата собрани од аукцијата ќе бидат донирани во хуманитарни цели.
Победникот на конкурсот ќе биде јавно прогласен на денот на аукцијата од страна на Банката, ќе биде награден со награден фонд од 60.000 денари и истовремено ќе биде прогласен за Член на Клубот на таленти на Охридска банка Сосиете Женерал.
Платформата за општествена одговорност ОБСГ Клуб на таленти, беше формирана во 2018 година и функционира на база на конкурси кои се објавуваат во текот на годината на одредена тема. Сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите може да се пријавуваат, а Банката како основач на клубот заедно со однапред дефинирано стручно жири во секоја област, избира финалисти и победници кои финансиски ги поддржува, а истовремено ги прогласува за членови на Клубот на таленти на Охридска банка Сосиете Женерал.
Првиот конкурс на Банката заедно со темата и условите за учество, во рамки на Клубот на таленти беше објавен минатата година кога двајца млади инструменталисти беа наградени со награден фонд од 150.000 денари и беа прогласени за членови на Клубот на талети. Денес ОБСГ Клуб на Таленти брои тројца членови и Банката цели овој број континуирано да расте.
Повеќе информации за Конкурсот и условите за учество може да прочитате тука.