Олга Панго на Светскиот ден на танцот: Да се вратиме во сала – па макар и на дистанца

Добивај вести на Viber

Светскиот ден на танцот, 29 април, годинава на балетските сцени ширум светот ќе биде одбележан – без танц. Балетот, таа чудесна уметност на експресија преку телото, на креација во блискост и човечки допир, наеднаш среде пандемијата со корона вирусот настрада поради мерките за физичка изолација. За балетот среде ковид-кризата и за празникот на танцот разговараме со Олга Панго, кореограф и уметнички директор на Македонскиот балет.

* Како ќе се одбележи Денот во националниот балетски ансамбл?

- За жал, да, годинава ќе помине мирно и без танц на сцена. Македонскиот балет, како и сите компании ширум светот, е во домашен карантин од 11 март, така што на балетските уметници, освен што можат да практикуваат балет, односно танц по дома и да мечтаат за моментот кога сите повторно ќе се вратат на сцената - не им преостанува ништо друго.

Нацоналната Опера и Балет се потруди да им го разубави животот на граѓаните емитувајќи на својот You tube канал секој вторник - балет и секој петок - опера.Во пресрет на Светскиот ден на танцот ја емитуваме преставата „14 часа“ на музика на Кирил Џајковски, во кореографија на Игор Киров и режија на Наташа Поплавска. Во преговори сме на Денот на танцот да го емитуваме и балетскиот триптих од Ицик Галили.

*Знаете ли можеби за некакви напори кај некоја танц-компанија, каде и да е по светот, да танцува, макар и експериментално, макар само во чест на Светскиот ден?

- Не сум запознаена со такво нешто со оглед на тоа што сите се дома. Експериментално може човек само сам да испробува со оглед на тоа дека групирањата се секаде забранети.

*Антикорона-мерките негираат некои од основните принципи на балетската уметност. Медицинските експерти велат дека физичката дистанца ќе остане на сила до 2022 година. Ќе треба ли да се реизмисли балетот?

- Не можам да верувам во тоа... 2022? Тоа би било поткопување на нашата професија... Не може да опстане…... И не само балетот, туку сите изведувачки уметности. Искрено се надевам дека ќе можеме да се вратиме во балетските сали час поскоро. Макар тоа било на бараното растојание од почетокот.

*Има ли во модерната балетска теорија веќе некакви размислувања за тој, да го наречеме, постпандемиски балет?

- Постпандемиски балет како термин ми е непознат. Постои балет, класичен, модерен, современ танц и експериментални содржини. Ако мислите на балетот по завршувањето на оваа криза, навистина не знам што ќе биде. Во нашата професија меѓусебниот контакт е неминовен во сите танцови форми.

*Која е основната порака што ќе треба балетот да ја испрати кога се ова ќе заврши?

- Танцувај, биди здрав, зашто само со танц и позитивна мисла може да се надминат и најтешките денови во животот.

*Која би била првата нова премиера што би ја предложиле за поставување на сцената постпандемиски?

- Македонскиот балет започна со подготовки на премиера на легендарната „Жизел“ од Адолф Адам, а во подготовка на Ирена Пасариќ (гостинка од Хрватска). Сцената и костимите се на Александар Ношпал. Топло се надевам дека од септември ќе можеме да продолжиме со подготовките и, здравје Боже, на почетокот на ноември да ја одиграме премиерата.

Јасна Франговска

Фото: Емил Петров