Оптималното ниво на тироидни хормони во тек на бременоста е есенцијално за здравјето на мајката и бебето: Интервју со Доц. Д-р Саша Јовановска Мишевска, ендокринолог и Д-р Маја Катранџиска Џонлага, специјалист по семејна медицина
Од 25 до 31 мај се одбележува меѓународна недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда. Оваа година, одбележувањето на неделата се фокусира на темата „Мајка и бебе“. По тој повод поразговаравме со Доц. Д-р Саша Јовановска Мишевска, ендокринолог и Д-р Маја Катранџиска Џонлага, специјалист по семејна медицина.
Од 25 - 31 мај се обележува 12-та Меѓународна недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда. Зошто здравјето на оваа жлезда е важно за целокупното функционирање на организмот?
Доц. Д-р Саша Јовановска Мишевска, ендокринолог: Тироидната жлезда е дел од системот на жлезди со внатрешно лачење. Таа произведува тироидни хормони кои се многу битни за човековиот метаболизам. Тироидните хормони го регулираат телесниот метаболизам – производството на енергија од нутритиентите и кислородот – и се неопходни за круцијални телесни функции како што е правилното функционирање на срцето, мускулите и дигестивниот тракт, мозокот и скелетниот систем. Нормалното функционирање на тироидната жлезда е неопходно за одржување на телесната температура и базалниот метаболизам. Тироидните хормони делуваат на секоја клетка од човековиот организам, потпомагајќи го нејзиното работење и одвивањето на клеточните функции. Доколку тироидната жлезда е заболена, може да биде нарушено создавањето на тироидните хормони, кое се манифестира со пореметување на основните метаболни процеси. Заболувањата на тироидната жлезда не се ретки. Се смета дека некаква форма на нарушена тироидна функција се јавува кај 5% од светската популација, или дека окулу 1,6 милијарди луѓе се во ризик да развијат нарушување на функцијата на тироидната жлезда.
Оваа година Меѓународна недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда е посветена на мајките и бебињата. Колку се чести кај нас случаите на пореметувања на работата на тироидната жлезда пред забременувањето, во текот на бременоста и после породувањето?
Доц. Д-р Саша Јовановска Мишевска, ендокринолог: Жените се многу поподложни на заболувања на тироидната жлезда. Една од осум жени може да има проблем со функционирањето на тироидната жлезда во текот на животот. Ова е посебно важно да се земе во предвид во тек на бременоста, бидејќи за адекватен раст и развој на бебето, како во текот, така и после бременоста, неопходно е оптимално ниво на тироидни хормони, кои се одговорни за правилен раст и развој. Во првите единаесет недели од бременоста, бебето во целост зависи од тироидните хормони на мајката, а дури после осумнаесетата недела од бременоста, детската тироидна жлезда е развиена и самостојно почнува да произведува тироидни хормони. Доколку мајката има заболена тироидна жлезда која не произведува доволно тироидни хормони, ова може да се одрази и на правилниот раст и на развојот на мозокот на бебето. Затоа е многу важно жените кои имаат заболување на тироидната жлезда, штом ќе дознаат дека се бремени, веднаш да се јават на својот ендокринолог, со цел да се провери дали нивото на тироидни хормони во крвта е адекватно. Доколку жената веќе прима заместителна терапија со тироидни хормони, битно е да знае дека оваа терапија никако несмее да се прекине во тек на бременоста, а честопати дозата на тироидни хормони е потребно да се зголеми, со цел да се обезбеди неопходното ниво на тироидни хормони за мајката и за бебето. Во тек на бременоста, посебно во првите три месеци, проверка на нивото на тироидните хормони треба да се прави еднаш месечно.
Кои опасности ги носи едно вакво заболување врз мајката и бебето?
Доц. Д-р Саша Јовановска Мишевска, ендокринолог:Оптимално ниво на тироидни хормони во тек на бременоста е есенцијално за здравјето како на мајката така и на бебето. Недостатокот на тироидни хормони (хипотироидизам) во тек на бременоста може да доведе до несакани исходи од бременоста. Мајките со хипотироидизам многу почесто имаат покачен крвен притисок во тек на бременоста, кој може да води до прееклампсија, a почесто е и предвременото породување, породување со царски рез и можноста за крварење после породувањето. Бебињата на мајките кои имаат недоволно ниво на тироидни хормони во тек на бременоста може да се родат со пониска родилна тежина, често се раѓаат пред термин, може да имаат неадекватен раст и невропсихолошки нарушувања. Многу ретко, некои бебиња може да се родат без тироидна жлезда – состојба која се нарекува конгенитален хипотироидизам. Конгениталниот хипотироидизам е состојба која резултира од неразвиена или недоволно развиена тироидна жлезда кај бебето или од проблем во произведувањето на тироидните хормони. Бебињата со оваа состојба неможат да произведат доволно тироидни хормони за потребите – но доколку оваа состојба навремено се дијагностицира, во првите денови после породувањето и доколку веднаш се започне со терапија, односно давање на тироидни хормони, овие деца имаат нормален психофизички развој и нормален живот. Во нашата земја, кај сите новороденчиња, задолжително се прави проверка за функционирањето на тироидната жлезда – TSH скрининг.
Навремената дијагностика е најважна за успешен третман на заболувањата на тироидната жлезда. На кои симптоми треба да се посвети внимание и кога бремените жени треба направат тестирање на тироидните хормони за да се утврди евентуалното заболување? Каков е третманот?
Др Маја Катранџиска Џонлага, специјалист по семејна медицина:Симптомите и знаците за намалена функција на тироидната жлездасе многу неспецифични и тешко препознатливи доколку не помислуваме на нив. Тие се менуваат и по интензитет и по квалитет кај различни пациенти. Токму, целта на овогодинешната кампања е да се подигне свеста кај идните и сегашни мајки за важноста на уредната функција на тироидната жлезда за нивното здравје, за нивниот фертилитет и за здравјето на новороденото. Многу често се случува под сликата на неспецифичната симптоматологија на намалената функција на тироидната жлезда да се крие и причината за секундарен стерилитет или нарушена репродуктивна функција кај младите жени. Симптомите и знаците за намалена функција на тироидната жлездасе многу неспецифични и тешко препознатливи доколку не помислуваме на нив.Тие се менуваат и по интензитет и по квалитет кај различни пациенти. Во поставувањето на дијагнозата од голема помош е анамнеза за инфертилитет, редовност за менструални циклуси, два или повеќе спонтани абортуси, ендометриоза или полицистични овариуми, семејна анамнеза за заболувања на тироидната жлезда. Од симптомите доминираат:замор, депресивно расположение,проблеми со меморија,ослабени или забавени моторни функции,чувство на студ,констипација,зголемена телесна тежина,забавена срцева акција.Кожата е сува и рапава,студена, бледа,косата кршлива и може да опаѓа.Нарушувањето на менструалниот циклус, како што и претходно споменавме може да не наведе да размислуваме за хипотиреоза.Кај млади жени првиот симптом на намалена тироидна функција,хипотиреоза, може да биде инфертилност или аменореа.Кај новороденчињата пак, симптомите се многу поразлични отколку кај возрасните.Секое дете може да покаже различни симптоми или одреден период да биде без симптоми.Најчест конгениталната(вродената) хипотиреоза е поврзана со зголемена инциденца на други конгенитални абнормалности.Доцните симптоми се исто така и многу неспецифични и можат погрешно да бидат интерпретирани како други состојби.Кај децата најчести симптоми се: жолтица, слаб апетит,засипнат плач,забавен психички и физички развој,умбиликална хернија,опстипација,слаб раст на коските.За среќа, таквите состојби се поретки, бидејќи од 2002 година во нашата држава се врши неоенатален скрининг за конгенитална хипотиреоза уште во родилиште.
Доц. Д-р Саша Јовановска Мишевска, ендокринолог: Доколку навреме се открие болеста и се започне адекватна терапија, луѓето со нарушена функција на тироидната жлезда може да водат нормален живот. Токму поради тоа е потребна редовна контрола на функцијата на тироидната жлезда, која може да се изведе со проверка на нивото на тироидни хормони во крвта. Бременоста предизвикува физиолошки и хормонски промени во телото на жената кои можат да влијаат на работата на тироидната жлезда. И самата тироидна жлезда нормално се зголемува во текот на бременоста. Многу од симптомите на намалено производство на тироидни хормони – хипотироидизам - се слични на симптомите кои бремената жена може да ги има во тек на бременоста, како што се замор, добивање на телесна тежина, болки и слабост во мускулите. Но ниското ниво на тироидни хормони може да доведе до проблем со забременување. Исто така, ниското ниво на тироидни хормни може да биде причина за абортус. Третманот, доколку тироидната жлезда не создава доволно тироидни хормони, се состои од земање на заместителна терапија со тироидни хормони во вид на таблета, која се зема секој ден, наутро пред појадок. Доколку пак, станува збор за тироидна жлезда која лачи повеќе тироидни хормони, терапијата е со анти-тироидни лекови, лекови кои го спречуваат зголеменото лачење на тироидни хормони.
Во некои студии се наведува дека нарушувањата на тироидната жлезда влијаат и врз плодноста на жените. Колку е честа оваа појава во нашата земја?
Доц. Д-р Саша Јовановска Мишевска, ендокринолог: Нарушувањата на тироидната жлезда, како хипотироидизмот (недоволно лачење на тироидни хормони) така и хипертироидизмот (прекумерно лачење на тироидни хормони) може да предизвикаат проблеми со забременување и неплодност. Се препорачува да се направи проверка на нивото на тироидни хормони во крвта доколку жената неуспешно се обидува да забремени повеќе од дванаесет месеци, доколку има нередовни менструални циклуси или претходни неуспешни бремености и секако доколку има во својата фамилија некој кој има дијагностициран проблем со тироидната жлезда. Проверка на нивото на тироидни хормони во крвта се препорачува и за жени кои имаат ендометриоза и жени со полицистичен оваријален синдром.
Дали може да се превенираат случаите на заболување на тироидната жлезда, особено кај трудниците, во смисла на посебен диететски режим или здрав начин на живот?
Др Маја Катранџиска Џонлага, специјалист по семејна медицина:Семејните лекари се грижат за здравјето на пациентите независно од полот, возраста или болеста применувајќи ги притоа основните принципи на семејната медицина, а тоа се: сеопфатна, специфична, континуирана здравствена заштита. Информираноста и свесноста како дел од превенцијата се значајни. Затоа и оваа година Здружението на лекари по општа медицина - семејна медицина се вклучува во кампањата за подигнување на свеста за болести на штитната жлезда.Целта на овогодинешната кампања е да се подигне свеста кај идните и сегашни мајки за важноста на уредната функција на тироидната жлезда за нивното здравје, за нивниот фертилитет и за здравјето на новороденото. Но, многу е важно и ние,семејните лекари,да бидеме едуцирани и подготвени да размислуваме во насока на советување на нашите млади пациентки, идни мајки, за навремена и редовна контрола на функцијата на тироидната жлезда.
Доц. Д-р Саша Јовановска Мишевска, ендокринолог: Јодот е неопходен за синтезата (создавањето) на тироидните хормони. Бидејќи нашето тело не го создава јодот, туку тој се внесува преку исхраната, многу е битно нашата секојдневна исхрана да содржи производи кои во себе имаат јод. Такви се морската риба, морските плодови, лебот, сирењето, кравјото млеко, јајцата, јогуртот, морските алги. Ова е посебно важно за жените кои планираат бременост, кои се бремени или дојат, бидејќи и најмал недостаток на јод во овој период може да доведе до нарушување на создавањето (синтезата) на тироидните хормони. Светската здравствена организација препорачува дневен внес на јод од 150 микрограми за жените кои планираат бременост и 250 микрограми во тек на бременоста и доењето.
ОПТИМАЛНОТО НИВО НА ТИРОИДНИ ХОРМОНИ ВО ТЕК НА БРЕМЕНОСТА Е ЕСЕНЦИЈАЛНО ЗА ЗДРАВЈЕТО КАКО НА МАЈКАТА ТАКА И НА БЕБЕТО.