Осигурувањето не ги штити само поединецот и семејството туку цела економија: Интервју со Вилма Учета Дузлевска, генерален директор во Кроација осигурување неживот

Добивај вести на Viber

Интервју со Вилма Учета Дузлевска, генерален директор во Кроација осигурување неживот во кое говори за нејзиниот денешен ангажман во секторот за неживотно осигурување откако претходно цели осум години беше на чело на животното осигурување во Кроација, за работењето во услови на пандемија и за новото Доброволно приватно здравствено осигурување, како и за тоа што ја прави среќна покрај кариерата и професионалниот развој – семејството и стабилниот семеен живот исполнет со меѓусебно разбирање

МАРИЛИ: Веќе неколку месеци сте прв човек на Кроација осигурување неживот. По цели осум години на чело на Кроација осигурување живот, период во кој успеавте да ја поставите компанијата на лидерската позиција на животното осигурување во Македонија, кој беше предизвикот да се зафатите со менаџирање на една проблематика што има значително подолга традиција?

УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА: Речиси една деценија извршувам главна извршна функција во рамките на брендот Кроација Осигурување. Во два мандата, колку што ја водев Компанијата за животно осигурување, изградивме компанија што стана лидер на пазарот за животно осигурување и препознатлив бренд на македонскиот пазар. Во период од осум години успеавме двојно да го зголемиме капиталот, 140 % над законскиот минимален цензус и тоа низ процес на органски раст и како резултат на акумулирани добивки од работење, четирипати ја зголемивме премијата за осигурување или во апсолутен износ 620 милиони денари, профитот на Компанијата го зголемивме за десетина пати во апсолутен износ и минатата година, според групациските стандарди, тој надмина 70 милиони денари. Компанијата за животно осигурување им ја предадов на нови млади менаџери, со лидерска позиција на пазарот за животно осигурување со високи 44 %. Денес Кроација осигурување - Живот има повеќе од 3 милијарди денари средства под управување, единствена на осигурителниот пазар во Македонија, во однос на 0,5 милијарди денари кога го презедов раководењето во 2012 година. Евидентни се бројките како сме растеле во изминатиот период. Токму затоа, растот и развојот на една мала компанија во вистински лидер го гледам како личен печат во мојата кариера. По постигнатиот успех беше логично да се размислува развојот да се продолжи во нова област, во секторот за неживотно осигурување, што лично го гледав како дополнителен мотив, но во тогашните расплети на групациско ниво тоа беше и наметнато решение. Мојот денешен ангажман е само логичен настан во низата поминати расплети што ги имаше компанијата, но кои секогаш резултираа со правилни одлуки. Доказ за тоа се резултатите што денес ги остварува компанијата.

МАРИЛИ: Како менаџер на Кроација осигурување – Друштво за неживотно осигурување, какви промени направивте во работењето, која е Вашата стратегија со која ќе ѝ се спротивставите на големата конкуренција во овој сегмент од осигурувањето? 


УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА: Добивајќи ја поддршката од целиот тим што го водам во изминатите шест месеци презедовме сериозни промени во деловната стратегија. Непосредно пред крајот на минатата година значително ги зголемивме резервите на компанијата, целосно го реорганизиравме процесот на решавање на штети, а со тоа реализиравме значителни исплати кон нашите осигуреници. За да може овој процес да го спроведеме на квалитетна основа, непосредно пред крајот на минатата година компанијата ја докапитализиравме со 1,2 милиони евра. Понатаму, компанијата претрпи целосна реорганизација што подразбираше воведување нова организациона структура, се спроведе оптимизација на трошоците, а во делот на управување со продажната мрежа имплементиравме нов систем со изменети услови што имаат цел да ја стимулираат продажбата на незадолжителните осигурувања. Аквизициските трошоци ги редуциравме до оптимално ниво, а притоа забележуваме раст и на премијата. Фокусот го ставивме на новите проекти што станаа дел од нашата развојна стратегија: нови производи во доменот на незадолжителните осигурувања, значително подобрување на информатичката структура, компанијата започна процес на сертификација за квалитет ISO што веќе е имплементиран и во завршна фаза на сертификација. Во јуни во продукција беше пуштена и нашата нова веб-платформа што пласира прецизни, транспарентни и визуелни информации, а таа е во согласност со воспоставените стандарди на Групацијата Croatia Osiguranje. Самиот факт дека во време на крупните реорганизации што ги спроведовме, кога бевме подготвени да изгубиме и дел од пазарот и во време на криза и опаѓање на целокупната економија, ние растеме во приходите од премија со околу 10 % и со над 70 % во профитот и тоа зборува дека се направени вистински процени за трансформацијата.

Целото интервју може да го прочитате ТУКА