Остави сѐ во Македонија и со 500 долари замина да го оствари својот американски сон: Мила Арсовска денес ги стилизира едни од најпопуларните личности во Aмерика
Таа е позната македонска стилистка која речиси една деценија живее и работи во Америка. Мила Арсовска, некогаш една од најдобрите во својата професија во Македонија, денес една меѓу поуспешните во Америка, благодарение на својата креативност и професионалност. Иако овде имаше се, сепак, среќата ја пронајде онаму каде што од секогаш сонувала да биде. Иако почетокот во друга земја не бил воопшто лесен, денес има богато портфолио, составено од еминентни имиња со кои соработувала и сеуште соработува. А ова е нејзината приказна.
*Не живееш во Македонија речиси една деценија, од оваа перспектива, дали сметаш дека донесе правилна одлука да си заминеш од земјата?
- Моите одлуките се секогаш исправни за мене, секогаш стои поголема причина зад секоја одлука која сум ја донела и довербата во себе за она што го правам и ме прави да се чувствувам добро. Секогаш ми недостига Македонија затоа што ми беше база да се развијам во тоа што сум денес и како сакам да се развивам во иднина. Можностите во поголемите градови се секогаш на поинакво ниво и предиззвиците се многу здрави за секаков развој на учење и разбирање.
*Каков е животот во Америка, многумина велат дека убаво живеат само оние кои имаат среќа да успеат и да имаат добра работа, дали е тоа вистина?
- Перспективата и начинот на гледање на работата е од суштинско значење. Америка ми порасна, тоа е сериозна земја со сосема поинаква култура на живот и предизвици. Најважно е да разбереме што сакаме од нашиот живот и да бидеме реални за тоа кои сме и каде се гледаме себе. Секогаш е добро за сите оние кои имаат идеја каде да одат и што сакаат да прават. За успех, треба прво да разбереш што е успех? За мене успех е кога ќе си го најдеме мирот и кога ќе најдеме луѓе со кои сакаме да работиме за да се изреализираме подобро. Сè е процес и секогаш вратите се отворени за оние кои се подготвени да учат и да растат на кое било ниво. Ако треба ќе почнам десет пати од нула, ама битно ми е да имам мир.
*Дали во Америка веќе се чувствуваш како дома, или секогаш ќе имаш чувство дека не припаѓаш таму целосно?
- Да бидам искрена, почетоците ми беа со споредување. Македонија ми беше се што имам во глава. Реков дека ќе се развивам во Америка и ќе се вратам дома. Но, сега се е сменето, тука ми е животот, тука ми се пријателите, соработниците. И пред две години, конечно се почувствував како да сум дома.
*Дали ти беше тешко да успееш, со оглед дека си една од подобрите стилисти, ако не и најдобра во твојот крај?
- Уф :) Ти благодарам драга за убавите зборови, ми значи. Да, имав лимити и стравови и самото тоа ми правеше да ми биде тешко. Тука се ајкули, се осеќав како мало златно рипче, мала во многу голема земја со 500 долари во џебот.
Во Македонија веќе бев позната во работата, се познавав речиси со сите. Имав се бизнис, стан, кола... Тука, во Америка имав денови кога се чувствував слаба и бев тотален странец кој знаеше многу англиски јазик и немаше ништо. Од друга страна, имаше денови кога сè ми беше толку лесно затоа што правев се со љубов. Ми помогна тоа што имав убаво портфолио од МК и работна етика. Досега не сум имала проблеми за соработка и ми беше потребна само една година да стигнам таму каде што сакам да бидам. Сите сакаа да ја слушнат мојата приказна и ми правеа да се чувствувам многу безбедно. Во мојата индустрија преовладува егото и се што сакам да дадам е мојот талент што го имам и љубовта да направам некого посреќен со себе.
*Какви клиенти се Американци, дали досега си имала проблеми во соработката?
- Моето искуство е одлично. Американците имаат етика на почитување и се одлични клиенти. Етика на плаќање, соработка и разбирање. Немаат очекувања дека другите треба се да направат нив. Кога се грижиш за нив и тие ќе се грижат за тебе. Работата се цени, затоа што и они знаат колку напорно работат и имаат многу здрав ментален стадиум. Сè што не разбрав на почетокот, сега ми е многу јасно. Луѓе што се среќни со себе ќе бидат среќни и со тебе. Фокусот овде е друг. На пример, во Македонија имам се уште клиенти кои ми се должни или ме измамиле. Тука за сега од тоа не сум го доживеала.
*Дали е навистина опасно да се живее во Америка? Велат дека треба да се биде многу внимателен, каде се движиш или пак во односот со некои групи на луѓе?
- Секаде има безбедни и небезбедни места. Секогаш треба да внимаваш бидејќи има секакви умови. Изложена сум на се заради начинот на кој живеам и сум била во небезбедни места каде „Пепер спрејот“ ми е најдобар пријател :) Но, не се плашам, се чувствувам многу безбедно таму каде што живеам. Кога сме на поголеми евенти тогаш имаме обезбедување.
*Дали е вистина дека си личен стилист на познати личности и кои се тие?
- Имам многу соработки со луѓе кои се едни од најуспешните во бизнисот или медиумите, сопственици на Google, Amazon и нивните сопруги, сопственици на империи, ресторани, фотографи... Последната соработка ми беше со Remington Jay Perregaux, кој ги има сите насловни страници на Vogue, People, GQ, модел за Ralph Lauren итн. Имав можност да се запознаам со Маја Маск. Манекенките, моделите и инфлуенсерите речиси сите ми се клиенти, многу се :) Ако зборуваме за музичари - Јури Џинаи е мојот долгогодишен соработник, Денош Бенет кој настапува со Роби Вилијамс. Од филмската индустрија соработував со Џозеф Оберле од Paramount Pictures... Некако ме потсети дека за мене сето ова е само забава, тоа се само убави и обични луѓе кои работат многу и го сакаат тоа што го прават. Сите клиенти ми се познати личности.
*Дали го живееш американскиот сон?
- Сè уште сонувам.
*Ајде малку да поразговараме за приватноста. По што се разликуваат балканските мажи од оние преку океанот?
- Стереотипите и комплекси има кај сите луѓе, мажи или жени. Мене најпривлечни ми се оние кои се ментално здрави и среќни со себе. И мажи кои се среќни со жените покрај себе. Секој сака да е сакан.
*Дали си вљубена, имаш ли некој... И ако имаш дали е балканец или американец?
- Да. Вљубена сум. Тој е Американец. Нај Амерканец на светот. И сум среќна, пу, пу, пу!
Елеонора А.