Отидов на козметичка декорација - завршив на операција
Има една стара изрека: „Прашај паталец, а не гаталец“. Интервјуто со проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“, за zenskimagazin.mk го поттикна паталецот во мене. Решив јавно да го споделам моето искуство на оваа тема.
Првпат ставив пудра на 25 години. Дотогаш мојот омилен дел од козметичките препарати беше креонот. Го користев само да ја истакнам малку повеќе бемката над усната. Таа беше најомилениот и најсакан „додаток“ на моето лице. Другарките на шега ми велеа дека е единственото нешто што ме повзрува со Синди Крадфорд, мојот синоним за убава жена во деновите на младоста.
И мајка ми имаше бемка на исто место. Но, кога станува збор за генетика и наследство, доминацијата е од страната на Алексоски. Членовите од семејството што ги имаат во изобилие, редовно одат на контроли и посебно сум горда на нивната здравствена култура. За себе сметав дека гените не проработеле во мене во изобилие и прегледите на дерматолог повеќе ги насочував кон алергиите и егземите.
Имам уште една бемка од раѓање, на десната подлактица. Многу поголема и поизрезана. Лани, летото кога се вратив од одмор почувствував дека ме пецка и чеша и веднаш отидов на преглед. Ми направија проверка на цело тело и детектираа дека треба да се следи само бемката над усната. Искрено, не дај Боже да сум нечиј пациент. Пристапот ми е како да сум професор по предметот кој го опфаќа мојот здраствен проблем и им поставувам на лекарите такви прашања што едвај чекам да ги фатам да не знаат. Од друга страна кога ќе ја стекнам нивната доверба, ги слушам како „учениче“. При овој преглед, со својата несигурност паднаа на испитот. Тоа беше причина од мојот фајл здравје да се избрише терминот „контрола на бемка“. Алармантно за човек со голема здраствена култура, која некои ја поистоветуваат со терминот хипохондрик. Кој како милува.
Но... Едно зимско пладне, откако си дозволив пауза за одмор, почувствував како да ме крева некоја сила, која ја насочува мојата мисла сосема во друг правец. Со години гордо ги истакнувам подочниците, но баш тогаш добив идеја да закажам преглед кај една моја стара пријателка дерматолог Д-р Искра, која прави и третмани за разубавување. Сакав да се консултирам за некоја метода, со која барем малку ќе ги „намалам“.
Епилогот од прегледот беше следен: наместо да ми понуди совет за било каква козметичка декорација, итно ме прати на операција на бемката над усната. Излегов од ординацијата во „шокирана состојба“. Брзо се вратив во нормала и прво му се јавив на Зоки Фаци (Бог да те исцели и да ти даде здравје, пријателе). Го замолив да ме поврзе со докторот кој го оперираше. Две недели подоцна д-р Џонов успешно го отстрани делот кадешто беше бемката. Биопсијата покажа дека била во предкарциномска фаза. Ја остранив на време. Ја нема повеќе, ниту ми пречи лузната. Мене ме има, тоа е најважно, ти благодарам, Господе!
Пред операцијата стапија на сцена гаталците. Кога им го кажав проблемот, почнав да слушам муабети од типот: „Не чепкај бемки, тоа е страшно!“ Или: „Еден познаник откако ја извади бемката, му се појави канцер.“ Не подлегнав на тие приказни.
Ако мојот пример како паталец ќе ја подигне вашата свест барем малку, ќе бидам среќна. Затоа, респект и големо БРАВО за „Аџибадем Систина“, која 9 години по ред успешно организира и реализира 200 бесплатни дермоскопски прегледи на бемки. Oвие прегледи се прават со најсовремена техника на дигитална дермоскопија. Проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија, вели дека овој начин за 60% го подобри раното откривање на некои типови рак на кожата. Многу е важно ракот на кожа да се детектира во рана фаза, бидејќи ако се открие навреме, големи се шансите да се постигне добар резултат на излекување и преживување.
Сега е време на одмори. Ќе се печеме на сонце, тешејќи се дека тоа го правиме за да собереме природен Д витамин од сонцето. Не верувам. Најбитно е да собереме лајкови на фотографиите од плажа каде го истакнуваме чоколадниот тен. Една од најголемите причини да ги „вознемирите“ бемките.
Соња Алексоска Неделковска