Откако ми ја соопштија дијагнозата прво нешто на кое помислив беа моите деца: Ивана Ѓорѓиоска(32) за борбата со Леукемија на лифна жлезда

Добивај вести на Viber

Ивана е 32-годишна жена, млада мајка на две мали дечиња која изминатиов период се соочила со Леукемија на лимфна жлезда. Оваа храбра жена, која воопшто не помислила дека ќе се бори со оваа болест, по раѓањето на синот кај себе забележала промени, но како што ни откри тоа биле промени кои биле нормални за попородување, се‘ додека не го напипала топчето на вратот. И од тука започнала нејзината борба за која зборува отворено во оваа интервју, но и за кое пишува искрено на својот Инстаграм профил - сакајќи да охрабри што повеќе луѓе да ги споделат своите приказни и да бидат поттик за редовни контроли и за тоа колку е важно нашето тело, нашиот организам и дека ни најмала промена не е за занемарување.

Ѓорѓиоска вели дека е скромна личност, сака позитивни мисли, а обожава и деца па и наместо да работи по струка (дипломиран еконосмист) таа изработува табли - рутини за деца, и пред породувањето работела во дневен престој за деца, работно место кое ја исполнувало целосно.

Оваа силна мајка искрено сподели дека за неполно деноноќие ја прифатила својата судбина и не трошела време на непотребни прашања, се прибрала и ја започнала својата борба, пред се‘ за своите две дечиња и сопругот кој е нејзина најголема поддршка.

*Кои симптоми први ги почувствувавте, што беше различно од секојдневието?

-Првите симптоми беа толку нормални симптоми за после пораѓај што искрено не обратив многу внимание. (слабеење, ноќно потење, кашлица-која мислев дека е од настинка, нафрлена кожа за која што посетив доктор и ми кажа дека е егзема) се‘ додека не го напипав "топчето" - жлездата на вратот. 

*Кога решивте да посетите лекар?

-Доктор посетив веднаш штом ја забележав жлездата на вратот, но за жал бев непослушен пациент. Пред да се појави жлездата, поради промените кои ми се случуваа имав проверено буквално се‘! И сите резултати беа во ред. Ова сакам да го нагласам!

Никогаш, ама никогаш не оставајте за подоцна или со помислата "ајде бе, ништо не ми е". Кога мене докторот ми кажа „оваа жлезда ќе пробаме да ја третираме само 10 дена, и ако нема промена ќе одиш веднаш на биопсија“, јас искрено и за жал не го сфатив толку сериозно. Поминаа можеби 2 до 3 месеци ако не се лажам. т.е кога почнав да имам благи болки на вратот се вратив кај докторт и тоа беше тоа.


*Откако ви ја соопштија дијагнозата, што е она на кое помисливте најпрво?

- Децата... првата мисла што ми помина и првите зборови што му ги кажав на сопругот беа "и сега децата"? За среќа многу брзо се "прибрав". Немав мисли од типот зошто баш мене, или од што се направило сега ова...

*Колку време ви требаше да се народски речено свестите, да ја прифатите дијагнозата?

- Многу кратко. Скоро и да не поминаа 24 часа. Првиот ден знаеше само мојот сопруг и наш пријател кој помина низ многу потежок пат. Тие ме бодреа и зборуваа дека во ваквите борби па скоро и 95% игра улога психата. Колку полесно ќе го прифатиме нештото толку полесно ќе помине. 

Секако, чувствував страв, голем страв, жал, измешани емоции но за среќа како што кажав не поминаа ни 24 часа јас бев свесна каде, што и како понатаму. 

*Како реагираа вашите најблиски на болеста, дали се понудија за помош или имаше и такви кои се повлекоа?

- Моите најблиски мислам гледајќи ме и слушајќи ме мене како им кажувам па и "мораа" да прифатат како и јас. Не им оставив простор за паника и страв. Можеби се плашат но еве прилика и вака да им кажам да не се сомневаат во мојата желба за живот пред се‘ и упорност да го победам ова! Помош, прекрасни пораки и повици добив премногу. Ни еден близок не се тргна настрана. Напротив, добив и доста многу нови пријателства на кои сум горда и среќна. 

*На Инстаграм откривте дека веќе сте биле на операција. Што понатаму, што треба да се третира и дали ве очекува хемотерапија и зрачење?

-Да, на Инстаграм споделив дека операцијата е направена. Следно што чекаме се резултатите од истата, резултатите од снимањето и со Господ напред докторот да ми одреди колку и какви хемотерапии ќе примам. 

*Откако ви соопштија за дијагнозата дали пребарувавте на Интернет за болеста, и колку ви помогна тоа што го споделиле други лица кои поминале низ истото?

- Апсолутно. Пребарување на Интернет не, мислам повеќе стресови ми правеше, па не пребарував. Но тоа кога некој ја споделува својата приказна колку многу ми помага не можам да опишам. Затоа и се осудив на таков чекор. Да споделувам и јас... да им помогнам на други и да потсетиме сите заедно колку е важно нашето тело, нашиот организам и тоа дека ни најмала промена не е за занемарување.

*Вие сте мајка на две мали деца, едното се‘ уште бебе, дали тие почувствуваа нешто, како се однесуваат?

- За жал со бебето немавме избор и морав да прекинам со доењето. Но, за среќа добро поминавме. Супер ги прифати промените и тој и јас. Ќерка ми е поголема (4,5 години) и разбира, знае дека одам на доктор, а и ја гледа лепенката на вратот од операцијата. Мило ми е што и таа  лесно прифати дека 'мама има боле' и тоа е тоа. Други промени во однесување нема, сметам дека тоа е така затоа што сите во семејството се однесуваме сосем нормално и приземно, не креваме паника воопшто, одиме чекор по чекор и на тоа дека не планираме ништо пред време. Како ќе се одвиваат работите така, ако има потреба и ќе и се кажува на ќерка ми. Засега е супер, се надевам така и ќе остане.  

*Што би им порачале на сите оние кои почувствувале дека нешто не е во ред со нивното тело и здравје, но ете од пусти страв не се осудиле да отидат на лекар?

-Страв не смее да има. Стравот е не дај Боже ако не посетите доктор на време. Ве молам, затоа и пишувам. Не чекајте да прочитате или разберете дека на некого му се случило тоа и тоа па 'ај да се проверам и јас'. Сметам дека и без промени на телото редовни контроли (посебно жените) треба да правиме сите.


Наталија Миланова