Откако примив втора доза „Спутник В“ добив ковид со лесна форма, вакцината ме спаси: д-р мед.науки Камелија Бушлетиќ за Женски магазин
Секоја наредна мутација на вирусот ќе биде поопасна и пофатална по човековото здравје. Д-р мед.науки Камелија Бушлетиќ нагласува, како што се бориме да го решиме, така тој за да опстане, мора да изнајде начин да биде посовршен убиец. Затоа е многу битно да се вакцинираме сите и во пократок можен период, за да не му дадеме шанса на вирусот да направи нови мутации.
Д-р Бушлетиќ, пулмоалерголог, е дел од тимот на на Систина Аџибадем.
* Кога се договаравме за интервјуто, ме збунивте кога рековте дека лекувате пациенти кои се со негативен ПСР тест, но сепак се заразени со ковид. Какви се нивните симптоми, на кој начин доаѓате до дијагнозата?
-Не постои биохемиски тест кој e 100% специфичен и сензитивен за дадена болест. Така е и со PCR тестот за SARS CoV 2 бидејки неговата позитивност е врзана со местото на земање на испитуваниот примерок и стадиумот на болеста. Тоа би значело ако пациентот веќе има ковид пнеумонија, тогаш ако се работи PCR од брис земен од нос и грло истиот може да биде негативен. Ако PCR тестот би се работел од бронхоалвеолатер лават, тогаш тој ке биде позитивен. Симптомите кај пациентите со негативен PCR се исти како и кај тие со позитивен. Но, негативниот тест прави повеќе забуна кај пациентот на кого треба да му се објасни дека негативен тест не значи одсуство на болест. Ако пациентот има симптоми на ковид а негативен PCR тест тогаш се обсервира, по потреба се прави контролен PCR, лабараториски тестови, се прави рентген на бели дробови, уште подобро е да се направи КТ, компјутерска томографија, бидејки ретгенот на бели дробови може да биде уреден, а пациентот да има лесна форма или почетна пнеумонија.
*Ако ПСР тестот е негативен и не ја покажува реалната здраствена состојба, дали пациентот е изложен на поголеми компликации, бидејќи добил потврда дека нема ковид?
-Пациентот би бил изложен на поголем ризик во случај ако има симптоми и поради негативен PCR тест не се јави кај својот лекар.Тоа е и една од причините зошто велиме дека пациентите доаѓаат доцна или во потешка општа сосотојба па секако и последиците тогаш можат да бидат многу поголеми. Но, со овој вирус имаме и други проблеми. Особено проблемот со доброто толерирање на ниското ниво на кислород во крвта, хипооксија, што е многу чудно кога таа се јавува акутно.Хипооксијата може да ја толерираат пациентите со хронични белодробни заболувања, но пред ковидот тоа не беше случај со акутните белодробни заболувања. Ако нормалната кислордна сатурација би требало да биде 95-99% во зависност од возраста, ковид пациентите ни доаѓаат и со 60% и пониско на нозе и комуницираат со нас во една таква многу сериозна и животно загрозувачка ситуација.
Бразилскиот сој т.н P.1 варијанта се смета дека е уште поопасна
* Британскиот сој на вирус ја доживува кулминацијата во земјава. Дали е пофатален по здравјето на луѓето од претходниот?
-Секоја наредна мутација на вирусот ќе биде поопасна и пофатална по човековото здравје. Како што ние се бориме да го решиме, така тој за да опстане, мора да изнајде начин да биде посовршен убиец.Британскиот сој беше поопасен. Сега бразилскиот т.н P.1 варијанта се смета дека е уште поопасна. Во бразилските градови веке ¾ од новите случаи со корона се предизвикани со високо трасмисибилната P.1 варијанта.
* Почитување на епидемиолошките насоки и вакцинирање, тоа е решението за пандемијата, поточно ендемијата. Зошто треба да се вакцинираме?
-Вакцинирањето заедно со епидемиолошките мерки ќе го спречи ширењето на вирусот. Вакцината Ви дава можност да стекнете имунитет на одредено време и кога не сте го прележале вирусот, па заедно со оние кои го прележале и тој имунитет го стекнале по природен, но секако потежок пат, вирусот ќе нема нови домаќини каде ке може да преживува. Бидејќи неговиот опстанок е можен само ако има домаќин. Затоа е многу битно да се вакцинираме сите и во пократок можен период за да не му дадеме шанса на вирусот да направи нови мутации кои можеби вакцините кои ни се во моментов на располагање не би ги покриле. Мора да се нагласи дека вакцината е битна бидејки не дозволува да добиеме тешка форма на болеста, поради која би биле хоспитализирани и би можеле за жал и да починеме. Секако секоја потешка форма значи поголема можност и за компликации од болеста и трајни последици од неа.
*Како би го објасниле стравот кај луѓето од вакцините против вирусот?
-За мене неколку работи се причина за тој страв. Единствено можам да го оправдам стравот од вакцинирањето, бидејќи се соочуваме со нова болест за која поради пандемијата мораше нормалниот тек на создавње на една вакцина да биде многу скратен и секако немање на искуство од вакцините од предходно, кое сега го стекнуваме паралелно со самото вакцинирање.Но, не можам да го разберам трендот против вакцините кој почна и пред корона кризата. До пред само 150 години луѓето во просек живееле 30-40 години и најмногу умирале од инфективни заболувања, за кои денес имаме вакцини.Мора да кажам дека за време на епидемии со вариола и рубеола во периодот пред вакцинациите умирала половината од заразената популацијата. А, при пандемијата од грип во 1918 година половината од светската популација. Сега животниот век е многу продолжен, благодарение на чистата вода и канализацијата. Но, во голема мера и благодарение на вакцините кои се огромен допринес на глобалното здравје. Местото на секоја вакцина точно се знае и не треба да биде нарушено поради лични мислења ,поединечни искуства и желбата да се биде „google“ доктор.Дали и после 200 години од првата вакцина на Едвард Џенер ние се уште треба да разговараме за улогата на вакцините во нашето здравје ???. Не се битни процентите со кои сме секојдневно бомбардирани за ефикасноста на една вакцина против ковид.Сите вакцини за ковид штитат од тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход. Тоа е најбитната порака кога ќе одлучувате дали ќе се вакцинирате. Но, со таа одлука одлучувате истовремено и за другите луѓе чиј живот може да го загрозите ако решите да не се вакцинирате.Секој лек има несакани ефекти така е и со вакцините. Но, бенефитот од нив е неспоредливо голем, особено во едно време на пандемија.
* Дали се вакциниравте?
-Да се вакцинирав со „Спутник В“ и една недела по примањето на вторта доза добив корона, но во многу лесна форма. Среќна сум што имав можност да ја добијам вакцината и да не поминувам низ пеколот на оние кои се разболеа од тешка форма на болеста и за жал го изгубија својот живот .
Секој пациент ми е предизвик
* Може ли да ни дадете насока за пациентите со алергии на пеницилин, полен, на лекарства, лактоза, глутен, хистамини и на повеќе видови храна. Колку тие се изложени на ризик од вакцинација, или која вакцина смеат да ја примат, а која не?
-Вакцинацијата со сите до сега расположливи вакцини против ковид 19 не се препорачува само кај оние личности кои предходно имале анафилатична реакција на некоја претходна вакцина или на некоја супстанца која е составен дел од вакцината. Така за m-RNA вакцините тоа е алергија на полиетилен гликол,( PEG, супстанцата која се кристи за стабилизирање на самата вакцина, но е составен дел на многу козметички средства и лекови. Според една студија од 2016 година на Samuel Lai ,фармакоинжињер на Универзитетот во Западна Каролина , 72% од нас имаме антитела кон PEG поради сензибилизирање во тек на животот при користење на козметички средтва и лекови. Но, нивото на овие антитела е ниско .Исто така се смета дека реакции на овие вакцини не биле вистински анафилакси, освен две со Фајзер вакцината, туку повеќе анафилактоидни реакции. Што значи дека не биле права анафилакса, туку симптомите личеле како за анафилакса.Но, ако пациентот направил тешка алергиска реакција на првата доза од било која вакцина, тогаш се препорачува да не прима втора доза. Исто така за сите оние кои имаат алергија од било кој тип за да се надмине стравот од вакцината пожелно е да останат 30 минути по вакцинација, под медицински надзор, бидејки најопасните алергиски реакции се јавуваат точно во првите 30 минути по апликацијата. Значи алергијата кон лекови и храна не е контраиндикација за било која ковид вакцина, туку е знак за поголема предострожност при нејзиното аплицирање.
* Колку трае опоравувањето на белите дробови? Можеме ли во овој момент да зборуваме за некои трајни последици кај оние кои прележале тежок облик на вирусот?
-Времето на опоравување е различно и може да биде од 3 недели до повеќе од 6 месеци .Колку потешка форма на болеста, толку е подого опоравувањето и можноста за трајни последици . Листата на трајни последици секојдневно расте и ќе зависи од тоа кој орган вирусот најмногу го нападнал. Трајни белодробните последици од болеста може да биде белодробната фиброза односно појавата на ткиво на лузни кое доведува до намалена размена на гасови во белите дробови и понизок кислород во крвта. Појава на разни типови на аритмии, срцев удар, воспаление на срцевиот мускул, депресија, анксиозност, Синдром на хроничен замор и многу други. Секако и листа на голем број на компликации кои не се трајни како кашлица, опаѓање на косата, несоница, замор, разни сензации на трнење на прстите,чувство на стегање во грлото и градите ,мускулна слабост ,главоболка, вртоглавица и уште многу други кои можат да се јават и при асимтоматска болест, значи во првите три недели пациентот немал симптоми, а по 3 месеци како манифестација на т.н пост ковид синдром.
*Дали короната е најголем предизвик во вашата успешна и долгогодишна кариера како доктор?
-За мене е сѐ уште предизвик секој мој пациент, бидејки секоја болест се манифестира различно кај секој пациент. Но, можеби короната е најновиот .
Соња Алексоска Неделковска