Отворен вебинар во среда со Женски Магазин и Ирена Јакимова:Стравот како советник
Не знам дали го познавате – кај секого има различна боја, форма, температура, површина, тежина... Ако застанете и се обидете да го почувствувате, можеби ќе успеете веднаш, а можеби ќе ви треба време да го лоцирате, во кој дел од вашето тело има канцеларија. Всушност, каде му се наоѓа магацинот, бидејќи главната канцеларија му се наоѓа во – нашиот мозок.
Излогот со неговите производи ќе го најдете на вашите раце – кога се потат пред јавен настап или на некое место каде што не ви е пријатно. Или ќе го најдете во вашето грло – суво и со грутка. Или на вашите вкочанети рамења – кога сме ги стегнале или ни се тресат од неизвесна ситуација... Тоа е нашиот верен животен сопатник, нашиот верен соработник што добро го плаќаме, а често пати го плаќаме многу скапо. Господинот Страв.
Како и другите емоции што ги доживуваме, така и стравот има некоја улога, некоја задача, некоја функција, тука е за да ни служи. Основната задача му е да се грижи да го зачува нашиот живот. Но, нашиот мозок многу често му дава измешани команди, па тој ни служи и премногу, односно не’ чува од се’, па и од самиот наш живот што би можеле да го „живееме со полни гради“. Ќе препознаете многу изреки поврзани со стравот, не само оваа. Ќе се сетите на: „страв лозје чува“, „да му втера страв во коски“ и др.
Така доаѓаме до моментот кога се прашуваме – кога и како стравот, наместо да ни служи и да ни помага, тој станал наш господар, па наместо да го чува нашиот живот, тој дури и го спречува?
Како што и изреките се поврзани со различни ситуации, ајде и ние да ги разгледаме една по една. Да тргнеме од таа за лозјето. Стравот има позитивна задача, корисна улога – со неговото појавување треба да не’ „посоветува“ да се погрижиме за нешто, да внимаваме на нешто, да чуваме нешто. И тоа е корисно. Често пати стравот треба да не’ поттикне на некоја акција, на некоја промена, на некое дејствие, за да се заштитиме.
Но, што е со полните гради? Што е со „ми застана здивот од страв“?
Присетете се на сите ситуации во коишто ви застанал здивот од страв и запрашајте се: дали дишам, дали земам воздух? Еден од најдобрите совети што можете да си го дадете во тој момент е да се потсетите да вдишете и да издишете длабоко. Да се поврзете со животот. Потоа, можете да направите анализа и попис на сите можни исходи, што се’ навистина може или не може да се случи, дали овој страв што го чувствувам има основа или е измислен, повикан без да има реална работа за него...
Ако водите фирма, дали така ќе викате советници и соработници да ви даваат совети и кога немате потреба и немате да ги платите? Веројатно, не. Така е и со стравот. Добро е да ви биде советник, но, да си го знае работното време, описот на работното место, па и надоместокот.
Ваша одговорност е да умеете да го послушате кога сака нешто навистина важно да ви каже, а уште поголема одговорност е да научите како да не го послушате кога од него и нема потреба. Кога ви кажува нешто важно, застанете, послушајте, преземете акција и потоа можете да му дадете пауза на стравот. Но, кога се обидува да ве заштити и од работи од кои не треба да ве штити, тогаш треба да седнете и сериозно да поразговарате. „Од што сакаш да ме заштитиш?“
Постојат бројни методи како да изградите однос на соработка со стравот. Некои од нив вклучуваат свесно обрнување внимание на дишењето, телесни движења за растеретување, танцување, музика, вежби за трансформација на емоцијата, потоа, мисловни процеси, како прашања од типот: „Дали ова е вистина? Дали ова навистина ќе се случи? Што ако ова не се случи? Што ако јас имам увид само во дел од состојбата? Што размислува, што чувствува некој којшто не се плаши од оваа ситуација?“ Ќе дојдете до интересни увиди и насоки коишто можат на вашиот страв да му го стават договорот во мирување.
И, конечно, една од најкорисните изреки во врска со стравот е следната: „Храброста не е отсуство на страв. Храброста е да продолжите напред и покрај тоа што чувствувате страв.“ Кога последен пат ова го применивте? Браво. Сега, изберете си задача за која наредна ситуација сакате ова да го примените. Пишете ни какви биле резултатите. Дали вредеше?
Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 19 часот.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching