Оваа година имавме и прв ЗУМ Бадник: Божиќно интервју со Tамара Тодевска

Добивај вести на Viber

За неа Божиќ претставува чувство на мир, спокој, љубов, безгрижност, и тоа уште повеќе го чувствува сега, кога има свое семејство и две деца.
А љубовта и сплотеноста, се нешто што ниеден вирус, ниту случување не може да ни го одземе - вели Тамара Тодевска.

Токму со неа, разговараме на првиот Божиќен ден, кој иако ќе биде многу поразличен од другите поради пандемијата, Тамара смета дека она што е најважно е да сме благодарни за работите и луѓето што го имаме во животот.

-Периодот помеѓу Нова година и Божиќ ми е најомилениот во годината. Моменти поминати со семејството, со пријателите, чувство на безгрижност и многу љубов. Иако можеби оваа година Божиќ ќе биде поразличен од изминатите, сепак чувствата на сплотеност и позитивна енергија се тука и се дел од нас. Оваа криза уште повеќе не' научи што е навистина важно во нашите животи, да бидеш опкружен со вистински луѓе но и да бидеме благодарни за работите што ги имаме во нашите животи.

„Не може во нашата куќа Божиќ да помине без музика“

-За Божиќ секогаш сите сме биле задно на купче. Секогаш владеело тоа чувство на единство и многу љубов. За Божиќ, без разлика каде сме биле, секогаш сите сме биле на исто место. И токму тоа е чувството кое засекогаш ќе го памтам. Насмевки, прекрасна храна и се разбира многу музика. Не може во нашата куќа Божиќ да помине без музика.

Тамара ни опиша и како изгледа првиот Божиќен ден во нејзиното семејство и дали оваа година се разликува многу од минатите.

-Овој Божиќ ќе биде многу поразличен од другите. За жал, оваа година ќе мора сите да заборавиме на големите собиранки и прослави, нешто по што јас секогаш ќе го памтам Божиќ. Оваа година ќе останеме дома и ќе си го прославиме овој голем празник со Дарен, Хана и Александар. Ќе има многу храна, многу музика и можеби да, ќе биде поразличен од другите, но тоа чувство на љубов и сплотеност, се уште е тука и тоа е нешто што ниеден вирус ниту случување не може да ни го одземе. Мислам дека особено сега, кога некако се гледа крајот на оваа криза, поважно од било кога е да ги почитуваме правилата и да славиме одговорно.

По што Тамара најмногу ги памети и се сеќава на Божиќните празници?

-Имало толку многу убави случки за Божиќ. Но пак ќе кажам, тоа се повеќе од случки, за мене Божиќ е баш чувство на мир, спокој, љубов, безгрижност. И тоа уште повеќе го чувствувам сега кога имам свое семејство и две деца. Нема нешто поубаво кога ќе се соберат повеќе генерации од исто семејство и ќе креираат нови спомени. Првиот Божиќ на Хана и на Дарен, или првиот пат кога и се падна паричката на Хана, тие се тие моменти што засекогаш ќе бидат вмрежани во мојата меморија. Ден поминат со луѓе што ги сакаш најмногу на свет и кои што знаеш дека ќе направат се за тебе но и ти за нив.

„Паричката се падна во Хана, а оваа година имавме и прв ЗУМ Бадник“

-Претходните години, Бадник беше повод да се собереме цело семејство, моите, Тијана, ние, блиски пријатели, но оваа година се разбира тоа е поинаку. Оваа година имавме и прв ЗУМ Бадник, единствен начин да бидеме блиску до луѓето што ги сакаме без да ги прекршиме правилата. И се разбира, тука следува и битката кај кого ќе се падне паричката. Хана некако мисли дека секоја година треба кај неа да се падне паричката. Хахаха. Инаку што се однесува до готвењето, тоа е семејна активност. Сите заеднички ја подготвуваме Бадниковата трпеза. И се разбира, сите сакаат да си ја наместат паричката да се падне кај нив.


А на што Хана и Дарен најмногу се радуваат кога се празниците во прашање?

-Овие празници секогаш сме биле сите заедно, и се разбира Хана и Дарен, како најмали секогаш се центарот на вниманието на сите во семејството. Се разбира тука е и битката кај кого ќе се падне паричката, но и што ќе им донесе Дедо Мраз за Божиќ.

Пред неколку години, Тамара Тодевска и колеги музичари ја испејаа старата коледарска песна „Вечниот Бог“, годинава, токму празничните настани, настапи  и колегите ѝ недостасуваат најмногу.

Ми недостасуваат колегите. Да се гушнеме, соработуваме, твориме заедно. Оваа година баш беше тешка за нас уметниците но тоа е што е. Важно е да сме здрави и живи и да си останеме сплотени. Ќе помине и ова и ќе излеземе сите од оваа криза похрабри. Нема друга опција.

„Ова беше година исполнета со предизвици, но и многу лекции“

- Мене искрено, оваа година комплетно ми ги промени видиците и ми покажа што навистина е важно во животот. Имав како многумина, моменти на криза, бидејќи животите комплетно ни се променија, но кога си опкружена со вистинските луѓе, секоја криза е надминлива. Среќна сум што сме сите здрави, што и покрај сите предизвици, останавме насмеани и спотени. Се разбира ми фалат настапите и дружбите но ќе има време за тоа. Сега, најважно од се е да ја надминеме оваа криза со короната, да останеме здрави, а после ќе има многу многу можности за славење.

Како Тамара Тодевска ја прослави Новата година и што си посака?

Ова можеби беше најмирната но и на еден начин најдобрата Нова година. Обично секогаш сум настапувала за Нова година и ова беше прва година кога имав можност да ја поминам заедно со моето семејство и нема поубаво чувство од тоа.


*Љ.И

фото: Мартин Трајановски 
фризура: Hairdo салон
шминка: VDmakeup
стајлинг: Јована Зука