Пациентот со вештачко срце една година по операцијата: Жив сум, како нинџа-желка, со ранец на грб кој тежи 7 килограми

Добивај вести на Viber

Горан Спиров е 46-годишниот маж од Штип на кого лани, точно пред една година му беше вградено првото вештачко срце во Македонија. 

Д-р Александар Николиќ, кој ја изведе оваа револуционерна операција, изјави дека ваквата направа го спаси животот на Горан, но секако дека вистинско живо срце е најдобрата опција за пациентот.

Тој очекува во иднина да се сменат законите кои не дозволуваат да се изврши операција на пресадување на срце во приватните болници, бидејќи болницата „Аџибадем Систина“ е веќе подготвена за таква интервенција.

Спиров вели дека се чувствува живо, дека му е мило што секое утро се буди како и сите останати луѓе, но посакува да добие вистинско срце со кое животот целосно ќе му се врати во нормала.

- Сега сум како нинџа-желка, носам постојано ранец кој тежи 7 килограми. Убаво е да си нинџа-желка, но уште поубаво е да си обичен човек- низ смеење вели ентузијастичниот Спиров.

Ранецот за кој зборува Спиров, а стои постојано до него, е всушност апаратот кој го претставува вештачкото срце на Горан, а она по кое веднаш ќе го забележите се гласните срцебиења кои се слушаат од апаратот.

Тоа е секојдневието на Горан, неговата сопруга и семејство, бидејќи засега сѐ уште не постои апарат кој е бесшумен или бежичен, но сепак како што и самите велат веќе се навикнале на тој звук.

Горан целиот свој живот бил спортист и живеел здрав живот, а тоа е она што е потребно за човечкиот организам да може да издржи една ваква операција. Фабриката која ги произведува апаратите гарантира 5 години живот на пациентот, но според Д-р Николиќ тој период може и да се продолжи, доколку е сѐ во ред.

За една недела, на 25-ти јули Горан ќе наполни 47 години, и е вечно благодарен на тимот доктори кои го спасија неговиот живот.

Пациентот Горан Спиров и Д-р Александар Николиќ, пред една година, непосредно по операцијата

Оперативниот зафат на вградување целосно вештачко срце, којашто беше изведена во ноќта помеѓу 11 и 12 јули, минатата година и траеше повеќе од пет и пол часови, комплетно ја изведе тимот од „Аџибадем Систина“, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ, а пациентот Спиров по едномесечен постоперативен период во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ си замина дома.

Механичкото срце е со иста големина како и природното. Се напојува со батерија, којашто, пациентот ја носи во специјален ранец на грб. Вградувањето механичко срце е тренд во светската кардиохирургија, со оглед на фактот што сè потешко се доаѓа до донорско срце. Со новото срце, пациентот добива нова шанса за живот и нови шест години за наоѓање соодветен трансплантат.

Даница Караташова