Панчо за борбата со анксиозноста: Најтешко ми беше кога ќе ме фатеа паничните напади додека сум на сцена

Добивај вести на Viber

Многу светски ѕвезди јавно зборуваат за своите приватни и здраствени проблеми. Се вклучуваат и во кампањи со цел да им помогнат на луѓето кои минуваат низ слични тешкотии. Тоа го практикуваат и ѕвездите од соседството, но не и македонските.

Владимир Блажев – Панчо, дел од популарното дуо „ДНК“ и диџеј, е еден од ретките од нашата сцена, кој јавно прозборе за својата здраствена состојба и борбата со анксиозноста. Тој важи и за голем хуманист. Често на својата ФБ страна поттикнува добри дела. Неодамна подари мобилен телефон насамохрана мајка со четири дечиња.

* Кога првпат ги почувствува симптомите на анксиозност?

- Анксиозноста не е болест, туку состојба на умот. Самиот збор значи живот и таа состојба најчесто им се случува на интелегентни и емотивни луѓе и на тие  кои си поставуваат високи цели во животот. Прв пат со оваа состојба се запознав во 2004-2005година. Не знаев што ми се случува. Ги направив сите испитувања, но ниту докторите не ми дадоа појаснување за состојбата. Во 2010 година таа го достигна зенитот. Се запознав одблиску со анксиозноста, која навистинаможе да биде голем непријател,  доколку не ја прифатиш. Благодарение на една моја учителка, психологкоја работи како Јунгов аналитичар, успеав да се справам сам без никакви медикаменти. Иако имав страшни падови,  работата и вербата во себе, поддршката на блиските,  ми беа најголемите „лекарства”. Заврши и таа фазаи јас веќе бев подобар. Но, откако ја изгубив мајка ми, се повтори во најлошата можна фаза. Мислам дека тогаш го допрев дното. Симптомите се различни кај секого. Имав страв и панични напади. Тие ми се рефлектираа со страв од топло време и сонце, од инфаркт и смрт, од луѓе, метеж и јака светлина. Мојата работа е поврзана со скоро сите наведени нешта. Работев многу на себе, посетував психолог, читав психоаналитичка литература, слушав мотивациски говорници и почнав да посетувам акупунктура кај Др. Андријана на која сум бескрајно благодарен.

 ДОЛГИ И ТЕШКИ НОЌИ

* Кои моменти ти беа најтешки?

- Најтешко ми беше кога настапував на сцена како диџеј, а особено со ДНК. Пееме исклучиво во живо, придружувани од нашиот бенд. Во тие мигови морав да бидам кул и максимално фокусиран на тоа да ги забавуваме луѓето, кои платиле карти да не’ слушаат. Исто така имав многу долги вечери и непроспиени ноќи кога другарувавме со анксиозноста. Ама, кога ќе станете вистински „другари” , кога ќе почнеш да ја препознаваш, да ја прифатиш и да и’ подадеш рака да биде твој пријател, ќе биде се’ во ред. 

* Што би ги советувал оние кои ќе се соочат со оваа состојба на умот?

-Се’ што треба да направат е да ја прифатат, да се соочат со неа и да и’ контрираат. Ако им е страв дека ќе паднат во несвест, да речат „ајде да паднам, и да видам како е“. Ако им е страв да спортуваат или да возат автомобил, да го прават тоа. Едноставно да се спротистават и соочат со ситуацијата, бидејќи само така може да го решат проблемот.

ХУМАНОСТА ЈА НАСЛЕДИВ ОД МАЈКА МИ

* Во ова невреме, кога социјалната дистанца е приоритет, за луѓето дознаваме преку нивните ФБ статуси. Тоа што навистина импонира е твојата хуманост, поттикнуваш акции за помош на твојот профил. Најави дека ќе подариш телефон, најде ли соодветно семејство?

- Да расчистиме на почетокот околу постирањето на моите хумани дела на социјалните мрежи, бидејќи има многу што негодуваат. Постирам каде што ми е дозволено од луѓето, со цел да се рашири приказната, а не за да добијам поени. Мене реклама не ми треба. Тој што сака да ме слуша и да дојде на настап, тоа ќе го направи поради делата што ги создавам, а не поради хуманоста. Но, има такви луѓе на кои им пречи дури и бубрег да дадеш. Луѓе, тоа е! Телефонот го подарив на вистинско место. На самохрана мајка со четири дечиња која се бори во ова бајато општество.

* Дали хуманоста е наследство од твојата покојна мајка. Патем, на кои други човечки вредности те научи? 

- За среќа имав еден родител, но беше како да имав двајца. Мајка ми беше храбра, добра и хумана жена, која ме научи на вистинските вредности. Хуманоста ми е дефинитивно генетско надследство од неа. Исто така ме научи на најважното нешто, а тоа е да бидам и останам човек помеѓу сите луѓе.

* Која е основата на твоето воспитување на двата сина Андреја и Марјан. Што ти е најбитно?

- Многу едноставно. Да се добри и хумани. Да не им е притмарно материјалното, да ги почитуваат повозрасните лица, да помагаат секогаш безрезервно, да ја чуваа околината, да сакаат спорт, здрава исхрана и да имаат здрави навики.

ТРЧАМ ПО 10 КИЛОМЕТРИ

* Многу време поминуваш во природа. Кога почна со оваа активност?

- Да, факт е дека јас и Водно станавме едно и пресреќен сум. Отсекогаш сум одел на Водно, но не толку често поради начинот и работното време на мојата професија. Со оглед на сегашната ситуација и фактот дека ние уметниците од самиот почеток сме единствени кои сме технолошки вишок во државава, слободното време максимално го користам на спортски активности. Планинарам или трчам. Почнав да трчам по 10 километри кои се и мој личен рекорд во должина. Од неодамна имав и свој личен временски рекорд на кој сум бескрајно горд и среќен.Спортувајте тоа е мој совет до сите луѓе.

* Како се бориш со новата состојба, со оглед на тоа што замре твојата активност како диџеј, но и со настапите на ДНК. Подготвувате ли нешто ново? 

- Креативноста за среќа не ми е толку „убиена”. Среќен сум што го имам и Лазар Цветковски, кој знаете дека ни е како трет член во ДНК и секогаш е со нови идеи и одлично се надополнуваме. Го спремаме нашиот нов албум и до сега имаме поставени три нови песни. Две се готови, а за третата се прават варијанти. Една од нив е дует со една млада и перспективна пејачка, за која наскоро ќе дознаете. Како и да е, и од оваа негативна ситуација во која се наоѓаме, се обидувам да извлечам позитивни нешта. Животот е долг и трнлив пат и секогаш те става во искушенија, впрочем тоа е неговата убавината. Нели, како би знаеле што е добро ако не ни се случило лошо и обратно. Чувајте се и се надевам се гледаме наскоро на концерт на ДНК.

Соња Алексоска Неделковска