Патувањето со македонски железници ви е еден од скриените скапоцени камења во земјата: Блогери од САД фасцинирани од Македонија
Дека Македонија е интересна дестинација за патување, докажува фактот што сѐ повеќе туристи сакаат да ја посетат. Нејзините природни убавини се надалеку препознатливи, па така посетата на нашата земја се најде на мапата на места за посета на една брачна двојка, блогери од САД.
Вил и Кејти, од Флорида, минатата година одлучиле да патуваат низ светот некое време. Ги напуштаат своите работни места со полно работно време и целосно се посветуваат на својот блог и влог WITY Travels.
“Ние сакаме да видиме што е можно повеќе од светот.”-велат Вил и Кејти, кои своите патувања ги документираат на својот YouTube канал.
Оваа година се одлучуваат да ги истражуваат убавините на Балканот, па така и убавините на Македонија и своето патување го започнуваат од февруари. Воодушевени од убавините на нашата земја, посебно патувањето со воз, во разговорот ни истакнаа дека патувањето со воз им било незаборавно прекрасно искуство.
WITY - Слетавме во Албанија и ја започнавме нашата патувачка авантура истражувајќи ги земјите во насока на стрелките на часовникот.
Отидовме во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, а потоа и во Македонија.
Кои градови ги посетивте во Македонија и какви впечатоци ви оставија?
WITY - Отидовме во Скопје, Битола, Нижеполе и Охрид.
Во Скопје прошетавме низ градот и ја истражувавме и периферијата. Има многу повеќе што да се види отколку само статуите во самиот центар. Исто така, се искачивме на врвот на Водно за да го видиме Милениумскиот крст. Со воз патувавме од Скопје до Битола. Битола ни се допадна, но за жал бевме таму за време на полицискиот час, така што не можевме да уживаме во целост. Од Битола со такси отидовме до Нижеполе за да прошетаме уште повеќе и да уживаме во природата.
Потоа отидовме во Охрид каде шетавме покрај езерото и уживавме во традиционалната македонска кујна. Мора да признаеме, воодушевени сме од богатството на вкусови.
Толку многу уживавме во храната, што направивме цел влог на YouTube за истата.
Го споменавте патувањето со воз до Битола. Какво искуство беше тоа за вас?
WITY – Патувањето со македонски железници ни беше прекрасно искуство и дефинитивно е еден од скриените скапоцени камења во земјата. Таа опција ни беше подостапна и поинтересна од возењето со автобус. Дури бевме во можност да работиме бидејќи во возот имаше приклучоци за напојување. Плус погледот низ прозорецот, сите тие пејсажи, беа неверојатни!
Дали имате неколку интересни моменти или настани од овие градови?
WITY - Пешачењето на Водно и возењето со воз навистина се издвојуваат. Плус, го посетивме кањонот Матка, се возевме со брод до пештерата Врело, што беше незаборавно!
Дали луѓето од Македонија ви излегоа во пресрет на вашите патувања?
WITY - Да! За малку ќе го пропуштевме нашиот воз ако луѓето не нè упатеа кон нашиот перон. Плус бевме пречекани одлично и се чувствувавме добредојдени каде и да одевме.
Која е следната дестинација?
WITY - Од Македонија ќе се вратиме во Албанија за да го видиме јужниот дел на земјата.
Од кога постои вашиот патувачки блог и влог?
WITY- Започнавме со WITY Travels посериозно оваа година. Ние правиме YouTube влогови, блогови на WityTravels.com, имаме подкаст на Apple и Spotify и објавуваме на Инстаграм и Твитер секој работен ден.
Кои земји сте ги посетиле досега?
WITY -Направивме неколку патувачки истражувања низ САД. За нашиот меден месец истражувавме неколку градови во Мексико. Исто така, ги посетивме Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.
Какви впечатоци ќе пренесете на вашите пријатели во Флорида за Македонија? Дали ќе им препорачате да ја посетат?
WITY -Дефинитивно ќе им препорачаме на нашите пријатели и семејства да ја посетат Македонија. Има сè што може да побарате кога сте на одмор, има толку многу работи да понуди.
За крај на интервјуто Вил и Кејти ни се пофалија дека покрај бројните сувенири, прекрасни впечатоци од нашата земја и многу видео и фото материјали, при посетата на Македонија научија и неколку македонски зборови меѓу кои- Здраво, благодарам, Чао.
Влоговите на Вил и Кејти може да ги погледнете на нивниот YouTube канал, блоговите на страната :
WityTravels.com, како и на нивниот инстаграм профил Witytravels.
Неда Маретиќ