Павловска: Уникатноста на македонскиот филигран го воодушевува светот

Добивај вести на Viber

Македонската уметничка креативност најдобро е изразена во прекрасните филиграни, врвни дела на големите стари мајстори со неверојатна прецизност, деталност, богатство од форми, симболи и раскош. Денес традицијата на народната уметност ја продолжува и Валентина Павловска која пронајде фантастичен начин да ја пренесе убавината на македонскиот фолклор, но и елементи од модерната култура. Таа е горда мајка на четири деца, успешен уметник и македонка која може да каже дека успеала нејзино дело да го краси и кабинетот на Папата Франциск во Ватикан. Со неа разговаравме за креирањето импресивни филиграни од срма, за убавината која ја опкружува и инспирира непречено да твори и со тоа да остави свој белег во македонската народна уметност на рачно изработени дела.


Женски магазин: Што претставува техниката на филигран со срма, дали може да се нарече една од најуникатните уметнички македонски форми?

Павловска:
Филигранот е една од најстарите и најубави уметнички форми создадени од човекот. Оваа техника се користи со векови во Македонија. Но, во поново време се појави нов вид на изразување на филигранската уметност - прикажување на филигрански форми со срмен конец. Филигранот со срма е специфичен вид на уметност препознатлив само за Македонија и слободно може да се каже дека е уникатна уметничка форма.



Женски магазин: Во вашите дела преовладува златната пеперутка, но и фаунот, ангелот, крстот, претежно мотиви од македонскиот фолклор и традиција. Колку е тешко истите да се доловат и на кое дело сте најмногу горда?
Павловска: Мотивите во моите дела се најразлични. Застапени се теми од пребогатата ризница со македонска традиција и фолклор,но не изостануваат и современи форми. Пред се кога започнувам со изработка на одредено дело темелно се подготвувам. Тоа значи читање на литература за зададената тема и проучување на симболиката.
Особено внимавам на оригиналноста. Со таква подготвеност секое дело е за гордост. Сепак особено, се гордеам со дизајнот на мојот филигрански ангел кој ги краси полиците на Папата во Ватикан.



Женски магазин: Како започнавте да се занимавате со оваа уметност, што ве мотивираше?

Павловска: Со овој вид на уметност се занимавам речиси една деценија. Љубовта кон филигранот ми се створи уште од најраното детство. Воодушевена од филиграните сработени од старите охридски мајстори во мене се створи желба еден ден и јас да изработам таква безвременска убавина. Македонскиот фолклор и традиција се мојата најголема инспирација.

Женски магазин: Колку време е потребно да се усоврши оваа техника и колку е тешко во неа да се вметне ваш личен печат кој веќе станува препознатлив и признат?

Павловска: Да се работи со оваа техника воопшто не е лесно ниту едноставно.Бара исклучителна трпеливост,внимание, креативност....

Но, со секојдневна работа и експериментирање се доаѓа до усовршување на техниката .. И тоа усовршување никогаш не престанува. Секогаш постои нешто ново што може да се вметне и надгради.

Сето трпение, умешност, прецизност, оригиналност вткаени во изработката на срмениот филигран му дава личен печат, а луѓето тоа знаат да го препознаат и почитуваат.



Женски магазин: Дел од вашите дела имаат тридимензионални форми, делуваат моќно и инспиративно, кој најчесто сака да ги купува, дали се наменети за подароци или за украси во домот или деловниот простор?
Павловска: Делата со тридимензионална техника имаат посебна убавина. Делуваат многу реалистично и досега никој не останал рамнодушен пред нивната убавина. Нивната намена е најразлична и погодна за секоја просторија независно дали станува збор за деловен простор или дом.
Тука многу важна улога има симболиката. Секоја тема е со своја симболика и порака. На пример паунот е симбол за долговечност и благосостојба во домот, бувот симболизира мудрост, лебедот - вечна љубов. Симболи има многу и сите означуваат убави нешта.



Женски магазин: Станува ли препознатлива македонската уметност на филигран со срма надвор од границите?
Павловска: Надвор од границите на нашата земја луѓето пополека ја осознаваат оваа прекрасна техника. Секогаш има пофални коментари бидејки особено ја почитуваат рачната уникатна изработка.
Интернетот ги прави достапни сите информации и побудува интерес кај многу луѓе од различни земји. Многу и пројавуваат желба да се изработи и со таа техника нешто од нивната култура и стара архитектура што за мене претставува вистински предизвик.



Женски магазин: Вие сте инаку и мајка на четири деца, па како успевате да најдете баланс за креирање и создавање уметност, особено што филигранот бара трпеливост, прецизност и креативност?
Павловска: Најголемата поддршка за мојата работа ја имам од моето семејство. Со правилна организација на работите и давање приоритет во одредено време може се да се постигне. Горда мајка сум на четири прекрасни деца кои веке се пораснати и секој ја презема својата одговорност и задолжение. Секако, и мојот сопруг учествува во сето тоа и се одржува речиси совршана рамнотежа. Воедно тој е и мојот наголем поддржувач , но и најголем добронамерен критичар.



Женски магазин: Дали има потенцијален заменик во вашето семејство, дали љубовта кон рачните уметнички изработка на филиграни од срма се пренесе кај некое од вашите деца?
Павловска: Во нашето семејство се почитува и сака уметноста. Трите сина се ориентираа на изучување не техничките и медицинските науки. Единствено ќерката која е апсолвент на економски науки своето слободно време го посветува на уметноста. Успешно ја совлада техниката со филигран - срма и веќе самостојно издработува свои дела кои морам да признаам дека веќе ја надминуваат мојата прецизност и креативност.