Пилатес инструкторката Стојка Митева: Да не се “плашат“ да почнат со вежбање поради срам од својот изглед или некои здравствени проблеми

Добивај вести на Viber

Таа е дипломиран балетски педагог по современ танц и интернационален инструктор по кангоо џампс. 

Стојка Митева професионално се занимава со пилатес (инструкторка) од нејзината 18 година, а држи часови од 14 години возраст.  Вели дека балетот и пилатесот се поврзуваат со заеднички придобивки како баланс, координација, флексибилност, зацрвстување на мускулите- дел од придобивките.

ЖМ. Вие сте инструктор по пилатес, многу актуелна метода за вежбање особено за женскиот пол, па може ли да ни објасните што е всушност пилатесот и од кога е внесен во фитнес системот кај нас во земјата?

- Пилатесот е физичка активност која ги активира сите мускули во телото, а е различно од други типови на тренинг кои пак се фокусираат само на одредени мускулни групи или пак се чисти кардио тренинзи. Пилатесот е активност која ги раздвижува и активира сите мускули во телото, дури и оние најмали мускулчиња кои не ни знаеме дека постојат. Вежбите во пилатесот се конципирани така што постепено се постигнува активација на целото тело што ја забрзува циркулацијата и го подобрува дотокот на крв во сите органи. Тоа предизвикува забрзана елиминација на токсини од телото, чувство на леснотија, покачена енергија и уште многу други придобивки кои се резултат на целокупното раздвижување на телото кое ретко се постигнува со друга активност.

ЖМ. Од кога сте инстукторка по пилатес и колку лиценцирани инструктори има и што треба да се поседува за еден ваков сертификат?

- Моите почетоци се од мојата прва година средно школо имав околу 14 години.Немам информација колку лиценцирани инструктори по пилатес има во нашата држава. Пред се да може да се занимавате со се што вклучува некаков вид на активност на телото дали е пилатес или некоја друга гранка во фитнес индустријата е многу битно да имате блиска поврзаност со тоа,кога го кажувам ова мислам на овие фактори: пристап кон клиентот, анатомија на тело,психологија на личност и.т.н.

ЖМ. Вие сте препознаена кај клиентите како многу флексибилна во телото( инспирација за многу од нив), но и со исклучително професионален пристап базиран на приниципи пред кои не отстапувате... Дали тоа се рефлектира како резултат кај клиентите ?

Колку време сте пилатес инструкторка, дали имате и други лиценци и како ја поврзавте својата професионална определба- балетот со пилатесот?

- Во поголем процент кај клиентите што знаат да го препознаат тоа точно е дека придонесува до позитивни резултати. Всушност принципите се еден вид на дисциплина, а претпоставувам дека скоро сите знаеме дисциплината е една од важните работи за напредок кога станува збор за вежбањето. Поради таа цел се трудам да ги поттикнам сите па и оние кои не се мои клиенти на применување дисциплина низ целиот ден , не само за вежбањето туку и за поефикасно справување со секојдневните обврски што ги имаме .

Професионално се занимавам од мојата 18 година а држам часови од мојата 14 година возраст пресметано 16 години и баш тие почетоци ми се битен и главен фактор за моето понатамошно развивање како инструктор. Пред се јас сум дипломиран балетски педагог по современ танц и сум интернационален инструктор по кангоо џампс. Балетот и пилатесот се поврзуваат со заеднички придобивки како баланс, координација,  флексибилност,зацрвстување на мускулите се дел од придобивките.

ЖМ. Што е специфично за вас како инструктор?

- На ова прашање би требало да одговорат клиентите кој ме познаваат. Но можеби љубовта кон мојата професија која неуморно ја работам или посветеноста кон клиентите и желбата да имаат што е можно подобри резултати со цел решавање на нивните "проблеми" , без разлика дали се проблеми околу килограмите, закрепнување од  некоја повреда или болки во зглобовите, кичмата, колената итн. Го следам секој нивен напредок низ периодот додека вежбаат и посебно сум среќна за секој од нив што заедно за брз временски период успеваме да се приближиме до нивната цел со значителен напредок . Кога веќе зборувам за напредок би сакала да издвојам една соработка со клиентка која навистина за мене беше нешто посебно. Станува збор за млада девојка со тогашни 25 години , 138 килограми , дисбалансирани хормони, проблеми со жолчката, лоша крвна слика, варикозни вени на нозете и уште неколку дополнителни проблеми  која на првиот наш разговор за започнување со соработката ми остави таков впечаток дека ќе се откаже за максимум 2 недели. Како поминуваа деновите, а тренинзите стануваа се поинтензивни таа едноставно секој тренинг "експлодираше" од енергија, како кога ставаш масло во оган. Можеби заради мотивацијата која се трудев да и ја пренесам или сепак беше нешто друго но во нејзините очи се гледаше жарот за трансформации, за подобрување на својот изглед и здрав живот . Заедно успеавме да изгуби 52 килограми за помалку од 1 година соработка и да ги подобриме сите здравствени состојби позитивно. Оваа соработка и мене лично ми е мотивација во некои моменти , а ја споделувам со цел да стане и на сите останати што се “плашат“ да почнат со вежбање поради срам од својот изглед или некои здравствени проблеми. Стигматизацијата со која понекогаш се соочуваат овие луѓе во секојдневниот живот поради нивни изглед често е рефлексија на сопственото однесување и неодлучноста да му погледнат во очи на проблемот. Очигледно е дека луѓето не се свесни колку многу му е потребно на телото физичка активност и колку тоа многу допринесува за нашето здравје. Дебелината е голем проблем на денешницата, особено кај младите и овде треба систематски да се работи како општествено-социјален и здравствен проблем и да се креираат програми кои бараат мулти-дисциплинарен пристап.

ЖМ. Како се подготвувате за еден час, да биде интересен за луѓето на кои им е важен крајниот резултат, односно добивање на посакувано тело и кондиција. Објаснете повеќе?

- Кога станува збор за резултати "интересен тренинг" е терминот што многу често се користи кај луѓето мислејќи дека тоа е нешто подобро од останатото. Не , тоа не е точно . Тренингот не мора да биде интересен за да биде ефикасен и да допринесе до подобри резултати , меѓутоа едноличноста на тренинзите доведува до губење на мотивацијата за вежбање . Човечкиот мозок се презаситува и секогаш бара нешто ново и интересно , тоа важи и за вежбањето . Затоа во еден ден од викендот кога децата ќе заспијат го варам своето попладневно кафе и седнувам со пишување на тренинзи за цела недела кои ќе бидат различни од претходните, интересни и истовремено ефективни , со вклучени и различни реквизити за вежбање како ластици, лесни тегови, јажиња, медицински реквизити, понатаму  степери , топки и др.

ЖМ. Пилатес, фитнес и исхрана се “светото тројство“ преку кое се препозанава еден здрав начин на живот... Така е или не? Кои се предностите на пилатес, за што е добар?

- Да дефинитивно, оваа тројка како вие ја нарекувате влијае на целокупното здравје на една личност како физички така и психички. Кога одредена личност навистина се придржува и го сфаќа процесот кој не е едноставен и краткотраен тогаш и постигнува успех. Затоа и после е многу тешко да излезеш од оваа “зависност” како би ја нарекла јас- комфорна зона на своето здравје. Затоа и имам клиенти кои вежбаат со мене со години непрекинато.

ЖММногу често имаме и режими на исхрана кои ги поврзуваат со вежбањето, дали треба нешто посебно да се внимава, има многу имиња кои се декларираат како нутриционсти и нудат рецепти/режими за исхрана... Дали е тоа безбедно?

- Темата за исхрана е  исклучително важна доколку една личност сака да води здрав живот. Исхраната со вежбање е сериозен процес, исхраната е многу важна компонента, исклучително сензибилна и и искрено со овој дел не би требало да бидеме несериозни, нестручни или да импровизираме. Не препорачувам инстант или популарни “гуру за исхрана“ и безрезервно да ги прифаќаме, читаме или применуваме нивните различни и непроверени режими кои буквално и се продаваат и се исти за сите. Најнапред, ние сите не сме исти и по физиономија, здравствена состојба, животен стил. Секој од нас има различен начин на живот и различен начин на работа на метаболизмот и затоа секој треба да има свој начин на исхрана која треба да се практикува секаде и во секое време. Бидејќи ако тоа не  е така често се сретнуваме со разочарани личности кои од одредени диети имаат јојо ефект и други негативни ефекти врз нивното здравје. Навистина мислам дека на ова мора многу да се внимава бидејќи се работи за наше здравје.

ЖМ. Вие сте млада мајка и сопруга која е активна повеќе од 12 часа во денот... Тоа е многу необично за младите мајки во денешно време. Сепак вие сте пример на жена која треба да ги инспирира и другите млади лица за да бидат професионално и приватно исполнети... Која е тајната, како излгеда еден твој ден?

- Тајната за мојата ангажираност како сопруга, мајка и ангажираност е  пред се е мојата желба за успешен и исполнет живот. Но голема поддршка имам од мојот сопруг, а децата се моја инспирација. Љубовта кон професијата и фамилијата влијаат на мојата позитивна енергија. Мојот ден започнува како и во секоја фамилија со домашни обврски во домот и подготвување на децата за носење во градинка, подготвување на јадење за цел ден за сите нас како би имале квалитетни оброци, потоа одење на работа и одржување на часови, доволно и квалитетно поминато време со децата....  Искрено, речиси скоро секој ден ми недостасува време за уште многу работи кои сакам да ги направам.

9. Како се исхранувате, има ли некои посебни ритуали, како се мотивирате за вежбање? Што би препорачале?

-Во принцип се исхранувам со продукти кои ги  има на нашето поднебје и се достапни секогаш. Не ја сакам комплицираната и новокомпонираната исхрана во светот зашто мислам дека сепак тоа нема смисла. Најбитно ми е да внесам квалитетни нутритивни вредности составени од протеини, јаглехидрати, здрави масти и витамини. Мотивација за моето вежбање е благодетот кој го чувствувам после вежбањето... Па нема ништо поубаво од тоа за мене.

Препорака: Нашата самодоверба се гради  од квалитетниот начин на живот, психофизичката состојба на нашето тело и ум.

10. Дали подговувате некои новитети, нешто што не е воведено и познато кај нас, а може да им помогне на одредени групи на луѓе (родилки, лица од социјален ризик, млади-анксиозни, лица на рехабилитицација)...

-Навистина мислам дека е потребно сето ова и за секоја од овие групи може да се спроведува посебна програма. Јас спроведувам веќе една програма составена од пилатес и јога, која ќе биде надоградена со цел да им се излезе во пресрет на потребите од психо-физичка активност за младите лица кои се анксиозни бидејќи се повеќе во реалноста се соочуваме со анксиозни, депресивни млади, но и повозрасни лица за кои е потребен посистематски пристап во кој ќе бидат вклучени повеќе стручни лица од различни професии. Тоа е мој предизвик на кој работам на развивање на концептот и би сакала да имам поддршка од повеќе колеги со цел да направиме една позитивна промена во животот на овие лица.

Небојша Толески

Фото. Приватна архива