Пишувачки предизвик на ТРИ: Страв, копнеж, љубов и интроспекција во карантинските раскази

На неочекувано голем одзив уште во првата недела по објавувањето наиде пишувачкиот предизвик на издавачкиот центар ТРИ, насловен „Карантински приказни – Антологија на изолацијата“.

- Веќе имаме 140 пристигнати текстови, најголем дел од автори-ентузијасти, сите уникатни и пишувани од различен аспект. Секој автор на свој начин ја доживува изолацијата. Кај дел доминира стравот, кај други копнеж по секојдневието, има повеќе апокалиптични и СФ, љубовни, интроспективни – вели Бојан Саздов, директор на издавачкиот центар „Три“.

Целта на овој пишувачки предизвик е да се поттикнат авторите на пишување и да се соберат најоригиналните и најинтересните раскази настанати во ова време што сме принудени да го поминеме во изолација и дружење најмногу со себе и сопствените мисли.

-Сите творби ќе бидат внимателно прочитани и објавени во една книга. Она што досега го прегледавме нè уверува дека на крајот ќе имаме навистина оригинално и интересно издание со многу познати и нови имиња, а книгата ќе биде достапна бесплатно преку нашата нова апликација Книга.мк. – вели Саздов.

Со Карантинските приказни и Антологијата на изолацијата се создава траен запис за овој драматичен период од нашите животи, зашто расказите претставуваат своевидна хроника на новото време и присхолошки пресек на колективните емоции, кои го одбележуваат моментот.

- Иако лесно е да се препостави дека темата со вирусот ќе биде многу присутна во уметноста и кога сето ова ќе заврши – вели Бојан.

Предизвикот е отворен до крајот на април, а издавачката куќа ги охрабрува сите пишувачи – искусни и помалку искусни, да учествуваат и да праќаат раскази на темата на redakcija@kniga.mk. Нема ограничување во однос на стилот и обемот.