Плукање како спортска дисциплина
Без оглед колку и да сме успешни, задоволни со себе, богати, славни, секогаш нашето битисување е ценето по тоа дали сме имале љубов, семејство, деца. Ако мене ме прашате, јас сум за тоа секој да си прави онака како што му е убаво, но чесно кон себе за да може да биде чесно и за околината. Седењето насила во врска или брак во кои не сте среќни, ама е тоа заради (одберете кое ви чини): родители, деца, комшилук, страв од самотија, страв како ќе се снајдете сами, љубомора дека партнерот ќе се снајде поарно од вас, финансиска несигурност... е во најмала рака потиснување на она што е ваша слободна воља и може да ве чини здравје. Нема универзална формула за среќа, нема универзална патека по која сите би дошле до живот полн благодети. Секој посебно си ја бие својата битка, но (секогаш мора да има НО) за да се извојува истата, потребна е храброст и истрајност во она што го сакате за себе и во она во што верувате.
Вербата во изборот што го правите е веќе половина изоден пат, а да се остане доследен кон идеалите кои ги имате е гаранција за успех. И сега, вака напишано е идеално, нели? И кога го читате, се чини лесно и совршено. Ама не е и во ниту еден момент не велам дека е едноставно да се биде свој. Впрочем, да беше едноставно, немаше да биде предизвик, ниту достигнување во кое би уживале повеќе од ден-два.
Последнава недела само ми се забетонира сознанието дека живееме во нездрава средина во која не е дозволена автентичност, свое мислење и став. И не знам дали сме станале вакви оти ни е смачено да живееме како скотови и потполно недостоинствено, што заради политички, што заради економски услови, ама знам со сигурност дека луѓе кои се среќни и исполнети, немаат потреба да блујат отрови. Секогаш имаме што да кажеме за некого, дали е некој геј или би, дали некоја била сама, стара мома или распуштеница, па анализираме успешност на нечиј однос во зависност од тоа дали се земале, дали имале деца или заеднички кредит. Па за оние кои ќе се земат имаме коментар дали се еден за друг, колку ќе траат, како изгледале на сликите. Ако имаат дете, кога второ... ако немаат деца, каде е проблемот. Чиниш, некој нам ни должи објаснување за одлуката да се има или нема дете, прстен на рака или свадба. И погани сме, или ако сакате веќе да сум попрецизна, не се социјални мрежи замена за психијатар или психолог. Врие портали на кои нема шанси да видите кој е уредник, но затоа на нивните вести (кои патем речено имаат наслови кои немаат врска со содржината на текстот за да се бележат „кликови“) ќе најдете коментари кои се како јавните вециња, преполни фекалии и гадости. Па ќе се изначитате вулгарности и потсмевања, пцости и речник од кој ќе ви се наткрене утробата. Што е најинтересно, голем дел од коментарите се од луѓе на чии профилни слики имате фотографии од семејство, деца, некој верски симбол, луѓе на чии профили ќе се изначитате молитви и извадоци од свети книги, ќе се изнагледате крстови и трпези на кои е спремна погачата и маслото за попот кој ќе осветува дом или ќе даде благослов за домашната слава.
Живеејќи во услови во кои живееме, сѐ почесто мислам дека е вистинска храброст човек да биде она што е, да си го живее својот филм и ич да не се припотресува дали тоа ќе е гледано со потсмев или неодобрување, земајќи предвид дека сеирџиството тука веќе не е спортска дисциплина, туку главен бизнис. Муабетејќи со неколкумина блиски луѓе, сфатив дека секој има нешто да каже за некого. Така, другарка ми која на свои 50 и кусур е неомажена и не сака да се мажи (а и не сака да има дете) е соочена со осуда и омаловажување заради тоа што „не е нормално жена да не сака да биде мајка“. Оди и објасни некому со таков став дека е почесно ако некој не сака деца да ги нема, отколку да ги има и никогаш да не им го пружи она најосновното за да станат саглам луѓе, љубов и грижа. Имам другарка која после долги години брак се разведе и сега е ставена во ситуација да мора да се објаснува со ѓон луѓе зошто ја донела одлуката да стави точка на бракот. Нема поголем простотилак од тоа да се поставуваат интимни прашања и да се очекува одговор на истите. Оние кои се фини и воспитани како другарка ми, од пуста збунетост за туѓата дрскост не се снаоѓаат и одговараат на прашањата. Истото го правев и јас, дур не ми текна дека е само моја работа и на партнерот, па станав безобразна и почнав да одговарам со „ич да не ти е гајле“. Имам другарка која се омажи и на која ѝ бројат дали ѝ бил прв или втор брак, оти тоа е работа од животно значење за оние кои живо ги интересира туѓата спална соба, не водејќи сметка што им се случува во нивната.
Некогаш се прашувам дали оние кои се најгласни со коментари, плукање, експертиза и поганлак, би биле сосем смирени и раат ако некој им влезе во животот со истата страст, интензитет и простотилак како што тоа тие го прават. Еве, да одберете еден носител на гнасен коментар на некоја вест и да се потрудите да му го направите животот пекол. Да го влечкате по портали, да му коментирате минато и сегашност, да му предвидувате црна иднина, да му сецирате и жена, деца, сите бивши во животот, постапки и дела. Едноставно, да му сервирате на тацна сето она што некој го сервира за другите оти така му се сака или му се може, оти тука не функционираат закони и прописи. Па да му објавувате слики јавно, да го нарекувате со разни имиња, да му се изнаплукате на сѐ околу него, да се изживувате со неговото право за достоинство и да му го загорчите животот прописно и со многу труд.
Мислите дека на таквите ќе им притекне после? Дека ќе подзастанат малку и ќе се сепнат кога ќе им дојде да напишат ред два полни навреди и злоба?
Еве што мислам јас.. или се раѓаш за саглам човек да бидеш или си лајно цел живот. Оние кои се раѓаат како луѓе, кои се воспитани да бидат луѓе кон сѐ што ги опкружува имаат сѐ освен време да се занимаваат со животот на другите. Оние кои се лајна, колку и да им е сѐ натокмено, однатре немаат спокој ако не наштетат некому. Зошто? Само затоа што се мизерни, а тоа нема никаква врска со пари, моќ или власт. Тоа е веќе одраз на тоа дали биле сакани и гушкани ко мали, дали им била дадена љубов или не. Мизерноста кон луѓето е само огледало на сопствената мизерија. Човек кој си го сака животот, кој се сака себе, кој е задоволен со она што го дише, нема порив и нема потреба да биде лош со другите или да коментира туѓ живот. Едноставно, тие луѓе немаат време да се занимаваат со она што не е нивна работа и таквите луѓе се благодет. Оние кои кога ќе зинат, мед од устата им тече како резултат на мислата која ја носат внатре. Таквите луѓе стануваат реткост и треба да се чуваат, да бидат пример за тоа како треба, да бидат барем зрак надеж дека сепак знаеме и можеме поинаку.
Живејте го она што ви се сака да го живеете, без да барате дозвола и без да давате отчет. Вие одлучувате... да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Велат
За секој од нас место под сонцето има
И ниту еден човек роден не е
За во туѓа сенка да се прпелка
Дека секој сончевина во себе носи
И дека со убост посебна сјае
Дури и тогаш кога небото сиво е
И кога облаците натежнале над земјата
Велат
Старите и мудрите така велат
Дека дете ко ќе се роди
Ко сонце в куќи да има влезено
И дека од него сите се греат
Небаре топло огниште среде зима баботи
Та свети куќата со радост
Од среќа распослани шербет мисли на сите страни
Велат
Ете сум чула како велат оти сонцето за сите исто е
И за него нема боја, раса ниту пол
Дека бакнежот сончев за секого ист е
И топлината која душата ја загрева
Та нема чоек кој со сласт не ја впива
Мижурајќи со глата угоре крената
И насмев на крајот од усните
Велат
Велат оти за секој од нас време има на земјава
И дека секој со секого ист е
Та сите за љубов копнееме
Од исти кошмари страдаме
На исти радости срцата ни се полнат
Од исти болки утробата ни се собира
Ко во неа камчиња мали да има
Од јад и бес, од страв и гнев
Велат
Велат оти небото доволно широко е
За под него чоек раат да си живее
И најдоброто од себе да го даде
Оти мисијата чоечка не е за војна да води
Ниту за сабја в раце да држи
Туку некоја арнина да стори
И од арнината друг да израдува
За да мирно може да спие, да заспие
Велат
Велат дека за секој од нас место има
И под сонцето
И под ова небо
И над него кога душата телото го напушта
За секој од нас место има
И за секој од нас надеж има
За под сонцето да живее
И на небото споменот да му заживее
Ете така велат
Така велат оние кои за љубов знаат