По секоја цена не носам работи кои се модерни, ниту нешто што не ми прилега: За Стилот со Елена Стојановска - Јанковска

Добивај вести на Viber

Нејзината позитивна вибрација, нежна насмевка, убавата и секогаш средена коса се нејзин заштитен знак. Има 44 години, а на убавата става и изглед можат да ѝ позавидат девојки дупло помлади од неа. 

Важи за една од најатрактивните познати дами кај нас, водителка е и уредник на утринската програма на ТВ Сител, „Ја сакам Македонија“, а во оваа прилика Елена Стојановска - Јанковска за Женкси магазин открива што според неа е пресудно за добар стил.

*Дефиниција за стил?

- Има три жени кои секогаш ме фасцинираат, се прашувам како умееле за секоја прилика да го изберат вистинското парче гардероба. Познатата актерка Одри Хепберн,

Керолин Бесет-Кенеди, моден публицист позната и како сопруга на Кенеди - помладиот и Коко Шанел, француската модна дизајнерка. Тие се за мене дефиниција за стил.

*А, Вие стилски се дефинирате како..

- Порано велев дека имам романтичен стил и се‘ уште го задржувам тој став, но како минуваат годините забележувам дека голема предност и давам на комоцијата. Сакам да ми е убаво и удобно и во облеката и во сопствената кожа. 

*Што е пресудно за добар стил?

- Моето мислење за стилот може и не е нешто со што сите ќе се сложат, но за мене важи она правило ,,The less is more’’, или помалку е повеќе. Не носам по секоја цена работи кои се модерни, не носам нешто што сметам дека не ми прилега.

*Комбинирате елегантно со спортско или стекамелеон во облекувањето?

- Се облекувам така како што се чувствувам. Комбинирам се‘ што во моментот ми одговара, ми е пријатно и прави да се чувствувам убаво.   

*Минимализам, хедонизам, авангарда?

- Минимализам, а некогаш и хедонизам.

*Гламур или класика?

- Во зависност од приликата.

*Омилени нешта од вашата облека?

- Белата кошула, црниот мал фустан, моето trench coat во крем боја.   

*Дали практикувате брендирана облека или не ви е пресудна етикетата?

- Брендирана облека сакам доколку со неа заедно оди и квалитетот. Но, ако не ми одговара материјалот или не ми прилега, етикетата ништо не ми значи.  

* Што сакате да постигнете со вашиот стил?

- Сакам да се чувствувам убаво. Јас сум веќе во една убава возраст во која не ми значи многу да привлекувам внимание и потврда од другите луѓе.

* Дали ако сте автентична, тоа значи и осудување од нашава средина?

- Немам против некој да се изразува и преку сопствениот стил. Може лично нема да ми се допаѓа, но не би осудувала. 

* На кој дизајнер би му дозволиле да ти го преуреди гардероберот?

- Не се врзувам за брендови, повеќе би сакала некоја личност чиј стил ми се допаѓа да ми помогне во изборот. 

* Што облекувате денски, а што навечер?

- Се обидувам да се облекувам во склад со настанот и приликата. Преку ден ако не сум на емисија не се шминкам, а за вечерните излегувања знам и да се заиграм (се смее).  

* Дали експериметирате со косата и шминката?

- Не! Мојата коса не е воопшто бојадисана, не ја менувам ни должината но со годините веројатно и ќе морам да размислувам за промени. Се‘ уште собирам храброст. 

* Ваши трикови за брз, но ефектен изглед.

- Мислам дека секој најдобро си се познава. Сите имаме свои убави карактеристики, истакнете ги и сакајте си се. Сигурна сум дека само така секогаш ќе изгледате убаво!

Фото: Бојан Стоилковски/ Спасе Јовановски/Елена Трајкова/Огнен Јанковски

Наталија Миланова