По смртта на татко ми престанав да пеам: Животната приказна на Соња од Прилеп
Со впечатлива интерпретација на хитот од Весна Змијанац „Да будемо ночас заједно“, Соња Муличкоска (57) од Прилеп лани блесна во популарното регионално шоу „Никогаш не е доцна“. Конечно ѝ се исполни животниот сон, да пее на голема сцена, a по нејзиниот настап публиката во студиото ја поздрави со овации.
- Имате прекрасна енергија и мислам дека било крајно време да ни дојдете на оваа сцена и да го исполните вашиот сон - ѝ порача Саша Милошевиќ Маре, еден од членовите на жирито.
Муличкоска од мала пеела по разни секции и хорови, а нејзиниот татко отсекогаш ѝ бил најголемата поддршка. Престанала да пее на само 14 години, откако татко ѝ починал во сообраќајна несреќа. Нејзината мајка не ја поддржала во идејата професионално да се занимава со музика.
- Завршив средно училиште на отсекот за модни креатори. Никогаш не работев, одбрав да бидам домаќинка. Шиев, кроев, готвев.. - им раскажа Соња на српските новинари.
Муличкоска е разведена и има две возрасни ќерки.