По средбата со една личност, станав подобар човек: Данијела Мартиновиќ открива непознати детали од животот

Добивај вести на Viber

По пауза од една година, Данијела Мартиновиќ се врати на балканската сцена со новата песна „Љубав не одустаје“, за која сними и спот. Вели дека едвај чека да ја презентира и во живо пред македонската публика, за која ја врзуваат прекрасни спомени.

Освен како пејачка, јавноста ја перцепира и како писателка. Пред четири години ја објави автобиографската книга „Шалабахтер на животот “, во која пишуваше за неоствaрените соништа. Следуваше ново продолжение наречено „Шалабахтер на животот – Неописливо“.

*Светот преку ноќ застана поради корона пандемијата и луѓето почнаа да живеат во зададени рамки. Како го доживеавте првиот карантин и што правевте?

- Како и за сè што е ново, потребно е одредено време за навикнување, за запознавање со новата ситуација. Но, многу брзо ја прифатив состојбата и продолжив да живеам во зададените рамки. Научив да се набљудувам себеси, светот, како луѓето се однесуваат под одредени услови кои не се вообичаени. Научив многу. Учам и ќе учам додека сум жива. Едно е сигурно, се наоѓаме во единствен период во времето на целото човештво, што е многу предизвикувачко искуство.


Дизајнирав неколку производи за мојата веб- продавница

*Луѓето обично велат дека пандемијава ги натерала да се свртат повеќе кон себе и да обрнат внимание на работите за кои никогаш немале време, а кои се многу важни. Која промена се случи кај вас?

- Ако е така, тогаш е добро, затоа што тоа е повик да се вратиме на поважните нешта, да живееме посвесно и поодговорно, да го ставиме значајното пред небитното. Да не го одложуваме тоа што нѐ прави среќни и да сфатиме дека е изобилство секој поединечен момент кој го дишеме со полни бели дробови.

*Колку планови поврзани со кариерата ви застанаа поради пандемијата? Што сѐ планиравте, а не остваривте?

- Постои една стара изрека којашто излегла од луѓето и која многу кажува: „Човекот сонува, Бог остварува.“ Големите планови можат во еден момент да се распрснат како песок што го носи ветерот. Животот е најдобриот режисер. Нема такво сценарио какво што тој може да напише и сите сме сведоци на тоа. Веднаш штом станав свесна дека концертните активности ќе почекаат некое време, се нурнав во пишување, дизајнирав неколку производи кои ќе се најдат во мојата веб-продавница, која ќе почне наскоро. Редизајнирам сликовница за деца за ангелот Мала Дама. И уште многу нешта.

Секогаш бев цензурирана

* Пред четири години ја објавивте книгата „Шалабахтер на животот“, во која доста се соголивте, му се обраќавте на своето неродено дете, пишувавте за неостварените соништа. Книгата доживеа голем успех. Кој беше тој порив што ве натера да започнете да пишувате и да бидете писател?

- Не би го нарекла порив, туку копнеж на мојата душа да се изрази до крај. Како јавна личност секогаш бев цензурирана, прилагодувана на одредени формати и тоа никако не ми се допаѓаше. Еден ден едноставно одлучив дека нема да  давам интервјуа, затоа што информацијата која доаѓа до слушателот или гледачот е површна и делумна. Така, еден навистина соема обичен ден, зедов хартија и почнав да пишувам. Никогаш повеќе не застанав со пишување и нема да застанам.  Ете уште една потврда дека еден, навидум сосема обичен момент може да биде епохален. Оној момент според кој подоцна многу нешта ќе бидат пресметувани.

*Дали очекувавте толку голем успех на книгата, што беше логично да објавите уште една книга „Шалабахтер на животот - Неописливо“? Што содржат страниците на втората книга?

- Не почнав да пишувам за да ја објавам книгата, пишував за себе, но очигледно некој од горе замисли поинаку. Ракописот го прочита еден мој роднина, кој е професор доктор по книжевност и кој ми рече: „Даниела, ти си имала скриено богатство на својот таван. Сега си го открила. Ова мораш да го објавиш, а ако мене ме прашаш, ова е само првата книга во низата кои ќе ги напишеш во иднина“. Тогаш мислев дека не е нормален, но се покажа дека бил во право. И така се одлучив. Тоа што го пишувам е всушност слободна форма. Сакам да ги нарекувам мотивациони поетски записи, иако има и љубовни и духовити, но сите тие се одраз на моите проживеани искуства, а не на замислени ситуации. Во нив пулсира искуството, затоа имам искрена желба тие зборови да допрат, да  придвижат, да насмеат, да смират, да инспирираат, да охрабрат.

Мечтаев за поинаков звук

*Го претставивте и Вашиот нов албум „Неописливо“, кој содржи 17 ваши хитови, но со нови и различни аранжмани. Кој беше мотивот за овој проект?

- Одамна мечтаев за еден поинаков звук, мек звук со многу инструменти. Мечтаев за концерти кои се интимни во помали простори, за да можам да се поврзам со публиката на повеќе нивоа. За да можам да го почувствувам секој поединечен човек. Тоа беше мојот мотив. Мојот продуцент и аранжер, Томица Модриќ ги собра најдобрите хрватски музичари. Едноставно седевме во просторијата, свиревме, уживавме и се случи тој нов звук за кој сонував.

*Се надевам дека ќе дојдат подобри времиња и дека ќе ги претставите тие нови песни и пред македонската публика. Што Ве врзува посебно за Македонија?

- За Македонија ме врзуваат многу убави спомени, прекрасни луѓе и навистина  едвај  чекам да дојдам. Ми недостасувате, ама навистина. Последните два последователни  концерти кои ги одржав во Македонскиот Народен Театар пред повеќе од една година, непосредно пред затворањето на сè поради короната, беа нешто што ги надминува зборовите. Незаборавни концерти. Единствената македонска душа, мојата Моника, Ана, Марина, Наско. Тие се мои бисери.


Уживам да пишувам

* Пред некое време изјавивте дека зачекоривте во едно свое неописливо поглавје од животот и дека ви е многу убаво. Сепак, дали жалите за нешто во животот?

- Да,ова е моето неописливо поглавје од животот, во кое не брзам никаде, ништо не морам, само постојам и среќна сум што постојам, а тогаш сите околности се поклопуваат така и да остане. Уживам да пишувам, да пеам, да создавам. Кога си верен на самиот себеси, без потреба некому да се докажуваш или оправдуваш, кога го слушаш своето срце, тоа секогаш непогрешливо те носи таму каде што треба да бидеш.

*Го започнавте Вашиот YouTube канал#danijelabezfiltera, со идеја да снимате луѓе кои Ве импресионираат со својата животна приказна. Кои се тие луѓе, што  снимивме досега?

- Тоа е една од моите идеи која, засега, ја оставив настрана поради густиот распоред. Желба ми е да снимам мали - големи луѓе, кои инспирираат со своите вистински приказни. Има толку многу прекрасни луѓе околу нас, само треба да ги знаеме и да можеме да ги видиме. Ве молам, погледнете го разговорот со Марина на #danijelabezfiltera и ќе останете без здив. Останав без здив и станав подобар човек.

*Како е Петар?

-Добар е. Заедно сме, си даваме поддршка еден на друг.

СОЊА АЛЕКОСКА НЕДЕЛКОВСКА