По турнејата во Австралија, ново поглавје во кариерата на Ѓоко Јовиќ
Ѓоко Јовиќ, еден од најангажираните машки вокали кога станува збор за настапите во живо, наскоро ќе промовира две нови песни. Рефрените отскокнуваат од неговиот досегашен репертоар кој главно опфаќаше фолк-нумери. Новото поглавје во кариерата пејачот ќе го означи со композициите „Корени“ и „1001 ноќ“ потпишани од докажаниот автор и продуцент Лазар Цветковски, а стиховите се дело на Магдалена Цветковска.
- За разлика од претходните проекти, овојпат на публиката ќе ѝ подарам поп-албум. Спотовите за двата нови сингла ги реализирав со професионална екипа, која во Австралија има работено на многу големи и важни проекти. Најмногу сакам да му се заблагодарам на менаџерот Влатко Јовески и неговото семејство - ни изјави Јовиќ.
Придружуван од составот „Енерџи бенд“, Ѓоко пред неколку дена ја заокружи својата австралиска турнеја. Во неговата музика имаа можност да уживаат македонските иселеници во Мелбурн, Сиднеј, Перт и Камбера.
- Уште долго ќе ги паметам овие забави. Преполните сали и ресторани се доказ за успешната турнеја, која, според реакциите, дефинитивно ќе биде забележана како една од подобрите организирани за нашинците таму – вели пејачот.
Ѓ.С.