Победата во „Никогаш не е доцна“ на Христос Елинидис - Рус му донесе популарност, но и големо разочарување: Сѐ што ми ветија, ништо не исполнија

Добивај вести на Viber

Иако неговата кариера ја почна на 16 години, како дел од повеќе рок групи, Христос Елинидис – Рус (56) најголемата популарност ја стекна со учеството во шоуто „Никогаш не е доцна“. Тој беше еден од победниците во 2017 година - освои најголем број на гласови преку смс - пораки. Стана познат и надвор од Македонија, настапил на многу места, бил дел од прослави на видни луѓе од Србија.

- Со настапот во „Никогаш не е доцна“ добив голема реклама особено во Србија. Уште на граница сите ме препознаваа, се поздравуваа со мене, ме фалеа за изведбата на песните. Добив покани за настапи на сплавови, за дочек на Нова година. Но, се уште кај мене е присутно и разочарувањето од односот на Продукцијата. По победата ветија дека ќе ми подарат две песни кои ќе ги направи композиторот Саша Милошевиќ – Маре, кој е постојан член во жирито. Сѐ што ветија не го исполнија. Инаку патот до Белград, сместувањето, сѐ беше на моја сметка. – открива Рус, кој не го крие ниту разочарувањето од третманот во македонските медиуми.

- Немав покана од ниедна телевизија, зашто во шоуто пеев грчки песни. Се појавив само во емисијата „Фолк парада“. Живеам во Македонија и многу ја сакам оваа земја. Дете сум на бегалци од Егејска Македонија. За потсетување, бев дел од прославата за независноста на Македонија. Настапив како дел од бендот „Порта Нигра“ со темата „Пеат ветрови“ – вели пејачот.

Во шоуто „Никогаш не е доцна“ го пријавила ќерка му без да го извести. Кога му се јавиле да дојде на аудиција, мислел дека некој се шегува со него.

- Гледајќи една емисија од првата сезона, прокоментирав: „Ех, да сум таму, па да им покажам како се пее.“ Тоа го слушна ќерка ми Александра и во истиот миг решила да ме пријави за следната сезона. Скришно го зела моето дивиди со настапи и го испратила до Продукцијата со мои податоци. Кога ми се јави Иван Ивке Вукиќевиќ, кој е десна рака на Саша Јакшиќ – Жика и ми го соопшти датумот за аудиција, мислев дека некој од моите пријатели од Гостивар се подготвил добро за да се шегува со мене. Но, кога ми кажа дека ме пријавила ќерката, знаев дека сепак разговорот е сериозен. На аудицијата во жирито беа Саша Поповиќ и покојната Есма Реџепова. Отпеав руска песна. Потоа им објаснив дека кога имав шест години живеев во Ташкент и татко ми ме однесе на концерт на Микис Теодоракис. Ме качи на сцена и пеев заедно со него. Поповиќ ме праша: „Дали знаеш да пееш и грчки нумери?“ Кога му реков дека знам, тогаш тој прокоментира: „Само да те слушне Жика, ќе полуди.“ – открива Рус, кој изборот на песните кои ги пеел во шоуто го правел со својата сопруга Соња.

-Кога првпат настапив со „Очи пуне суза“, Жика инсистираше во следните изданија да пеам грчки песни. На финалето имав голема желба да се претставам со „Мајко моја, Лерин да го видам“, но Жика ми рече: „Го знам твојот голем патриотизам, но пеј на грчки, зашто кога си ти во емисија го дигаш рејтингот. Исто така, ти можеш да ги пееш песните на сите натпреварувачи, но ниеден од нив не може да ги пее твоите.“ – вели Рус.

Речиси сите членови на жирито во шоуто му делеа големи комплименти за пеењето. Особено беше впечатлива изјавата на Жељко Самарџиќ: „Пејачки најсилен впечаток ми остави Христос Елинидис – Рус. Тој пее толку прекрасно. Пее како повеќето Грци, кои се популарни. Во Грција да си пејач, тоа значи дека си горе, на пиедестал. Едноставно тие тоа го сакаат и го ценат.“

Но, и покрај големиот потенцијал Рус, живее едноставен живот во Гостивар, опкружен со најмилите и посветен на музиката.

- Најтешко ми беше во текот на Короната, немав настапи и не добив никаква помош. Им благодарам на сите Албанци од Гостивар, Тетово и Скопје. Кога почна Короната, никој не ми ги побара парите назад кои ми ги дадоа за да пеам на нивните прослави. Ми рекоа најбитно е да бидам здрав и жив, а кога сето тоа ќе заврши, ќе закажат нови веселби, на кои ќе ме поканат да пеам – посочува Елинидис.

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА