Почина храбрата Елизабета која се бореше со рак на желудник: Зад себе остави две малолетни дечиња

Почина Елизабета Бабунска, жената која се бореше со рак на желудник.

За нејзиното лекување, во јавноста се споделуваа апели за донирање финансиски средства кои беа потребни за продолжување на лекувањето.

Елизабета од Скопје беше мајка на две малолетни дечиња, Лина која има 8,5 години и Јаков кој има четири години.

Откако по интервенција желудникот ѝ бил отстранет, се утврдило дека има и метастази.


Тажната вест ја објави отец Оливер Петровски во фејсбук групата „Хуманитарна организација Сцети Спас“, каде што членуваше и Елизабета.

„Нашата сестра Елизабета се пресели во Царството Небесно и замина од земниот свет... Но не тагувајте, затоа што таа го напушти овој свет и се пресели во Царството Божјо. Таа не умре, а одново се роди за живот вечен...
Сестро, ти вечно ќе останеш во нашите срца и во нашите сеќавања!
Со духовите на починатите праведници упокој ја, Спасе, душата на Твојата слугинка, чувајќи ја во блажениот живот што е во Тебе, Човекољубче!
Вечен спомен сестро Елизабета!!!“


„Секогаш кога ќе паднам помислувам за децата и си викам- станувај, за нив станувај, мораш да станеш. Тажно е кога треба да бараш помош, свесна сум ама нема како поинаку“ изјави таа во интервју за ММС неодамна, раскажувајќи за нејзината борба. Тогаш откри дека најголемата поддршка ѝ е нејзиниот сопруг Ивица, кој како што рече таа, тој се' прави за да ѝ го задржи духот, да не падне психички и да не забележат децата дека нешто не е во ред.

За жал, Бети не издржа.