Почитувањето на сообраќајните правила и прописи, гаранција за безбеден сообраќај
Сите ние секојдневно сме учесници во сообраќајот и секојдневно сме сведоци на голем број негативни примери на непрописно и опасно учество во сообраќајот, непочитување на сообраќајните правила и прописи, непочитување на поставената сообраќајна сигнализација, ниско ниво на култура, етика, толеранција и ниско ниво на меѓусебно почитување помеѓу учесниците во сообраќајот.
Ваквата состојба резултира со голем број на сообраќајни незгоди и голем број на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.
Анкетите на РСБСП покажуваат дека околу 50% од возачите не секогаш ги почитуваат сообраќајните знаци и поставената сообраќајна сигнализација.
Согласно тоа, РСБСП со потсетување до возачите за дел од одредбите во ЗБСП кои се особено важни за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот:
• На патиштата во Република Северна Македонија, задолжително е да се користат светла за осветлување на патот, и дење и ноќе. Непочитување на оваа законска одредба се санкционира со парична казна (глоба) од 15 ЕУР (дење), односно 35 ЕУР (ноќе).
• Возачот секогаш е должен да ја прилагоди брзината според условите во кои се одвива сообраќајот и според состојбата на патот. Брзината на движење, на патиштата во Република Северна Македонија, е ограничена и тоа:
- 130 км/час на автопат
- 110 км/час на пат резервиран за моторни возила
- 90 км/час на останатите патишта
- Најголема дозволена брзина во населено место е 50 км/час.
Непочитувањето на оваа законска одредба во зависност од големината на пречекорувањето се санкционира со парична глоба од 10 до 400 ЕУР.
• Влечење неисправно возило на јавен пат мора да се врши на пропишан начин, односно со јаже, крута врска, или потпрено или натоварено на влечното возило.
Непочитување на оваа законска одредба се санкционира со парична глоба од 45 ЕУР.
• На автопат и на пат резервиран за моторни возила, забрането е влечење неисправно возило, освен ако неисправноста е настаната на тој пат. Mеѓутоа, влечењето ќе се врши само до првиот исклучок од автопатот или патот резервиран за сообраќај на моторни возила.
• Возилото што влече неисправно возило не смее да се движи со брзина поголема од 40 км/час.
• Во Република Северна Македонија, користењето сигурносен појас во возилото е задолжително не само за возачот, туку и за лицата кои се превезуваат во возилото. Употребата на појасот е задолжителна за патниците на сите седишта кај кои фабрички е вграден сигурносен појас.
За непочитување на оваа законска обврска предвидена е парична глоба во износ од 40 ЕУР за возачот, односно 50 ЕУР за лицата кои се превезуваат во возилото.
• Дозволено количество алкохол во крвта кај возачите изнесува 0,5 промили. Кај професионалните возачи и возачите почетници не е дозволено никакво количество алкохол во крвта (0,0 промили).
Глобата за непочитување на оваа законска обврска изнесува од 225 до 375 ЕУР.
• На предното седиште во возилото не смее да се превезуваат деца до 12 годишна возраст и лица кои се под дејство на алкохол.
За непочитување на оваа одредба од Законот, предвидена е парична глоба во износ од 35 ЕУР.
• Возачот додека го управува возилото не смее да користи мобилен телефон.
За непочитување на оваа законска одредба предвидена е парична глоба во износ од 40 ЕУР.
• Возачот кој учествува во сообраќајна незгода во која има загинато или повредено лице или настанала голема материјална штета, не смее да го напушти местото на незгодата, освен ако укажува помош на лицата настрадани во незгодата.
За непочитување на оваа законска одредба пропишана е парична глоба во износ од 250 ЕУР.
• Возачот кој ќе се затекне или наиде на место на кое е случена сообраќајна незгода, должен е на барање на полицискиот службеник да го превезе лицето повредено во сообраќајна незгода до најблиската здраствена установа.
За непочитување на оваа законска одредба предвидена е парична глоба во износ од 250 ЕУР.
• Дете помало од 5 (пет) години, на задното седиште од возилото, смее да се превезува, во поставено посебно детско седиште, кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин.
На предното седиште од возилото смее да се превезува дете до 2 (две) години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче или ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење на возилото, при што истото е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување.
За непочитување на оваа законска одредба предвидена е парична глоба во износ од 35 ЕУР.
РСБСП со апел: Возете одговорно и внимателно, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и уживајте во патувањето и пристигнете безбедно на саканата дестинација.