Почнавме од нула : Приказната за „Специјал“

Добивај вести на Viber

Речиси зад секоја успешна бизнис приказна, има импресивна и мотивирачка историја за патот до успехот, за балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот, како и за жртвите кои треба да се направат во текот на раководењето со една успешна компанија.

Постојат речиси триесет години на пазарот, а денес се успешен и препознатлив бренд за пецива, слатки и готвени јадења. Нема кој не пробал бурек, пита, пастрмајлија, принцес крофна или еден од многуте видови леб во „Специјал“. Денеска, познатата фурна може да се пофали со развиена дистрибутивна мрежа и дури 22 продавници во Скопје.

Додека утринското кафе го пиевме во фурната во скопската населба „Карпош 4“, за почетоците, раскажува основачката и сопственик на компанијата „Специјал“ Милица Ѓорѓиевска.

„ Беше вистински предизвик, но не беше ни најмалку лесно да изградиме во Македонија бренд од нула, особено во периодот на распадот на Југославија, во време кога практично и не беше доволно развиен пекарскиот сегмент. Но со апсолутна посветеност кон работата, постојаното следење на новитетите и иновациите, како и флексибилноста за брзо приспособување на потребите на пазарот, денес сме бренд кој е лидер во областа. Секако големо влијание, за започнување со ваков тип на бизнис имаше и нашето 10 годишно живеење во Германија, бидејќи на местото каде што живеевме во близина имаше пекара, па оттука дојде и идејата за започнување на ваков бизнис.

Работна атмосфера - подготовка на леб и познатите лепињи „босанки

По враќањето од Германија работев во „Комерцијална банка“, но истата решив да ja ризикувам и напуштам. Со силна воља и мотивираност заедно со сопругот одлучивме дека е вистинско време да си основаме нешто свое. Долниот кат од куќата во Новоселски пат кој имаше 400 квадрати го претворивме во погон, вработивме пекар, технолог и шофер и најпрво започнавме со дистрибуција по маркети”. На почетокот постоеше некој страв- дали ќе успееме но со многу труд, чесна работа и добра организација започна успешната приказна“, се сеќава Милица Ѓорѓиевска.

“Дури по неколку години од основањето на фирмата, е отворена првата пекара на „Специјал“, во 2000 година во населбата Карпош 4. „Потоа го отворивме и вториот дуќан, спроти „Кјуби“ а сега веќе имаме 5 наши пекари и уште 17 како дел од маркетите“, додава Милица.

Најважно ни е рецептите да се старински, по традиционален рецепт

Во прво време, во „Специјал“ се продавале само леб и бели пецива, но подоцна како побарувачката на клиентите се зголемува, се отвора и слаткарски дел. „Првично набавувавме слатки од други фирми, а потоа вработивме и мајстор за слатки, не можевме да постигнеме без него. Подоцна, како што животот и обврските на луѓето почнаа се побрзo да се движат, воведовме и готвени јадења“, додава нашата соговорничка.

Најважно за неа, готвените јадења е да се по старински, традиционални рецепти, и затоа муштериите толку ги сакаат. „Мило ми е кога гледам како луѓето доаѓаат тука, си купуваат готвена храна за дома, а некои и си ручаат овде. Она поради што ја задржавме довербата кај луѓето се и пристапните цени“, вели Ѓорѓиевска.

Со вработените имаме еден убав, пријателски однос 

„Специјал“ од пред неколку години воведе и мени за вегетаријанци, а од скоро се во тренд со популарниот хроно начин на исхрана, па се подговуват и хроно леб и пецива. Милица е многу горда што „Специјал“ ги задржал редовните клиенти. Со некои од нив дури и се поздрави додека разговаравме, онака, како сосед со сосед.

„И со вработените имаме еден убав, пријателски однос. Да водите голема компанија со повеќе од 250 вработени е многу тешко. Треба да сте силни, организирани, иновативни и најважно што треба е да имате и претприемачки дух. Но кога ќе изградите тим од професионалцинци, можете да учите едни од други и работата да оди само напред. Младите, нововработените ми замеруваат што воопшто не им се поставувам како надредена, но ако е така, тоа не би била јас. Сега по 29 години имаме свои погони за производство, свои магацини, адиминистрација, и дистрибуција. Со истата енергија и мотивираност и по толку години напорно работиме и јас и мојот сопруг. Редовно ги посетуваме сите наши пекари, ги сослушуваме нашите вработени и одблиску и директно ги следиме желбите и потребите на нашите лојални и потенцијални потрошувачи”, вели Ѓорѓиевска.

За да останете успешни и лидер на пазарот, едноставно мора да ги следите сите новитети

„ Да се има конкуренција е добро, затоа што токму тоа ја прави нашата компанија да биде уште поиновативна. Континуираното следење на потребите на пазарот е многу важно, бидејќи живееме во брзо време, секој ден се случува нешто ново, нова методологија, нови процедури. А за да останете успешни и лидер на пазарот, едноставно мора да ги следите сите новитети”, вели Милица.

Раскажувајќи за патот до успехот таа истакна колку е важна посветеноста кон работата и постојаното професионално усовршување, но како истовремено и успешно таа ги балансирала кариерата, семејството и приватниот живот, како клучни за успехот кој го постигна.

На крајот, Милица ни рече дека ништо од ова не би постигнала без поддршката од сопругот Славко. Секако од голема важност и придонес е и синoт Горан Ѓорѓиевски кој години наназад успешно ја води компанијата, а по професија е машински инжињер, со што стручно и ажурно ги следи сите технолошки иновации во дејноста. Најголемата радост на Милица и на Славко, се внуките Андреа, Лина и Лора. Единствено ќерката Гордана е посветена на сосема друга професија.

„ Доколку сакате да сте успешни мора да бидете упорни, посветени на тоа што го работите, постојано да се едуцирате и можеби најважно од се да имате јасна визија и амбиција. Посебно ми е драго што нашата визија ќе продолжи да трае, бизнисот ќе го наследат децата и внуците“, ни рече Милица за крај.