Покојниот сопруг ми помогна да се прифатам себеси без страв: Искрено интервју со Тајчи
Цели триесет години поминаа откако во само една ноќ, евровизискиот рефрен „Hajde da ludujemo ove noći“ и насмевката ала Мерилинка, ја збудалеа цела поранешна Југославија. Сите сакаа да бидат како Тајчи, таа 1990 година матурантките се облекуваа исто како неа. Порткаловото фустанче и исто такви чевли од „Југовизија“ во Задар, или розовото од „Евровизија“ во Загреб, каде што го освои седмото место беа ултра-хит. Тајчи која и претходно со Хари Мата Хари го испеа дуетот „Sedamnaest mi je godina“, а настапи и на „Макфест“ во Штип стана најголемата југословенска тинејџерска поп-ѕвезда. Три децении подоцна, Татјана Матејаш, сега Камерон, која во јули ќе наполни 50 години направи одличен римејк на големиот хит, заедно со незините колешки од целиот регион.
Тајчи долги години живее во САД, мајка е на три сина, изгледа одлично и сè уште се занимава со музика. Во интервјуто за Женски магазин кое веднаш го прифати, таа зборува за тоа колку ја оптеретила славата, за моментите кога остана сама со трите сина откако нензиниот сопруг Метју почина од карцином, и за она што ѝ помогнало да остане цврсто на нозете. Вели дека онаа старата Тајчи, со која долго се борела, сега повторно заживува.
* Ведрина, но и доза на носталгија буди вашиот нов спот со пријателките, новата верзија на хитот „Hajde da ludujemo“. Каква беше оригиналната идеја да се прослави настанувањето на оваа песна да не се случеше пандемијата со вирусот Ковид-19?
- Имав во план да го посетам Загреб на крајот од март и тогаш да ја најавам мојата нова мултимедијална книга/ албум (Ne)Slomljena, и турнејата по повод 30 годишнината од песната „Hajde da ludujemo“, која требаше да почне со некои помали концерти во јуни, и да продолжи на есен со поголеми и тоа во целиот регион. Се надевам дека сепак ќе успееме да оствариме нешто од тие концерти.
* Интересен детаљ во спотот е портокаловото фустанче кое го носевте на „Југовизија“ во 1990 година. Каде и како ја чувавте сето ова време, и која е неговата приказна, како всушност настана тој Тајчи имиџ кој го копираа многу девојки?
- Да, фустанчето има убава приказна. За „Југовизија“ на подготовките работевме главно мојот тогашен менаџер Едвина Софтиќ и јас. Мајка ми ме запозна со Данијела Цар (Линеа Екслузив) која по идеја на мојата тогашна стлистка Ирина Дамиќ го направи фустанчето. Данијела лично беше во Австрија по материјалот, а покојната Мирјана Кочиќ направи чевли од истиот материјал. Тоа беше тимска работа- мојата мајка го чекаше фустанчето во Загреб и го донесе на генерална проба во Задар со автобус. Убави спомени- беше тешко, но сепак се снајдовме. Сите дадоа 100% од себе и тоа со многу, многу љубов (тогаш немав многу пари соодветно да им платам, но тие прекрасни жени веруваа во мене и ми помогнаа). Вишња Трусиќ ме нашминка и ми направи фризура и сосема случајно „се откри’“ дека потсетувам на Мерилинка. Фустанчето го донесов со себе кога се омажив и се стабилизирав (до тогаш често и многу се селев). Го чувам грижливо и го сакам. Секое конче е изработено со со многу внимание и квалитет – и по сите овие години е во одлична состојба. На некој начин ми е потсетник дека во сè што вложуваме многу труд и љубов долго трае.
Не ме собира веќе, и тоа со радост го констатирам, затоа што е најубаво кога човек убаво се чувсвтува во својата кожа, а не кога тагуваме или се оптеретуваме со тоа дека веќе не можеме да влеземе во старите фармерки или фустанчиња.
* Како ги биравте пријателките за спотот, од кафе идејата токму Тијана Дапчевиќ да биде дел од нив, како сте задоволна со нејзиниот дел?
- Сакав да поканам уметници од целиот регион. Сакав повторно да се поврземе токму како што паметам дека таа песна нè поврза во 1990 година. Дамир Бачиќ, со кој соработувам на проектите во Хрватска ми ги предложи Тијана и нејзината сестра Тамара. Воодушевена сум од нивната работа и од силата со која што зрачат. За жал, Тамара имеше некои техничи проблеми па не успеа да се вклучи на време – јас за спотот се сетив доцна, па сè беше многу спонтано и набрзина. Многу, многу сум им благодарна на сите уметници, а Тијана особено ме воодушеви. Се надевам дека ќе имаме можност уште да соработуваме во иднина.
* Кои музички проекти ги планиравте а не ги остваривте поради вирусот кој го нападна светот?
- Требаше да ја завршам турнејата со мојата сестра Сања која почна минатата есен, а ги опфаќа убавите концертни сали низ САД. Нашето шоу е од забавно - кабаретски тип со многу убави џез евергрини, поп и кантри песни, па дури и две од хрватскиот фолклор. Уживаме во тоа да ја споделиме со публиката мислата дека музиката нè спојува без оглед на тоа од каде доаѓаме.
* Каде точно живеете сега, какви се мерките на пандемија во вашиот град, како ви поминуваат деновите во изолација?
- Живеам во Френклин, во државата Тенеси. Тоа е мало историско гратче на граница со Нешвил во кој живеат многу музичари и продуценти. Убаво ни е тука, затоа што е мирно и тивко, природата ме потсетува на моето Загорје, а сепак сме многу блиску до центарот на градот на музиката- Нешвил.
Сега мерките попуштаат, но повеќето жители сè уште се претпазливи и се придржуваат до регулативите. Во изолација сме веќе два месеци, но сите сме креативни и окупирани со проекти, со музика и со малото куче кое му се придружи на нашето семејство на почетокот на април. Имаме и двор па не се чувствуваме затворени. Но, се сакаме, така што не ни е тешко да бидеме заедно.
* Во регионот останавте синоним за најголемата тинејџерска ѕвезда, но и миленичка на сите генерации. Како дојде до тоа од веселите поп-хитови да се преориентирате на духовна музика и да станете мотивациски говорник?
- Духовната музика беше дел од мојот пат. Кога си заминав од дома, се запишав на Академијата за драма и музика во Њујорк. Тоа беше Академија за мјузикл, кој беше мојот сон од рана возраст. Верував дека школувањето и оддалечувањето од славата ќе ми дадат простор да се одморам и да оздравам. Бев исцрпена и почнав да се губам под огромниот притисок на славата. Војната ме погоди многу емотивно – не знаев на кој начин да си го објаснам на себеси количеството на омраза која однекаде се појави. Јас отсекогаш бев водена од љубовта за секој човек и тешко ми падна таа ситуација.
Духовноста и верата ми помогнаа. По завршената Академија, почнав самата да пишувам песни и да зборувам за некои од тие искуства. Духовноста за мене на некој начин беше предавање на љубовта и барање исцелување.
Кога закрепнав, повторно посакав да ѝ се вратам на световната музика. Пред десет години напишав целовечерен мјузикл, продуцирав Биг бенд шоу со одличниот пијанист Стенли Јерлоу и го објавив авторскиот албум “Awaken”, на кој се наоѓаат песните како Glavu podigni, Sve je moguce и Je, dobro je (на хрватски).
Објавив четири книги (петтата ќе излезе наскоро), водев и продуцирав три сезони на Тв емисијата Waking Up in America и положив сертифициран тренинг за мотивциски говорник. (Life Coach).
Минатата година со сестра ми го издадов цедето Where or When кое е колеција на џез стандарди.
Сè што правам е поврзано со мојата желба низ музиката да раскажам некоја приказна и да допрам човечко срце.
* Вашиот сопруг Метју ја загуби битката со лошата болест против која заеднички се боревте. Кои ви се најдрагите спомени на него и што е она највредното што од него го научивте?
- Метју беше исклучително силен и храбар човек. Ги сакаше луѓето и животот. Беше авантурист и бизнисмен, не се плашеше да ги смести жената и малите деца во автомобил и да тргне на тримесечна турнеја. Имаше силна верба и не се плашеше од смртта. Му беше ужасно тешко да нè остави и да загуби сè што загубивме со неговото заминување, но и тогаш нè молеше да не тагуваме по него, туку да пронајдеме љубов и радост и да веруваме дека тој е на подобро место.
Тој ме научи дека љубовта е повеќе од чувства. Љубовта е одлука и нешто што со својот секојдневие личен раст го продлабочуваме. Ме научи дека сум посилна отколку што понекогаш мислам, и ми помогна да се ослободам од сè она што не сум и да се прифатам себеси без стравот од критичарите. На нашите синови им даде многу љубов и ги научи, низ својот пример дека силата на мажот не е во мускулите и во грубоста, туку во љубовта и во сочувствувањето со другите.
* Колку ви беше тешко да останете сама со трите сина, како се борвте, што ве одржа на нозе во тешките мигови?
- Ме одржуваше токму тоа што знаев дека сакам да бидам здрава и смирена за своите синови. Мојата мајка секогаш ми велеше дека морам да бидам силна за нив. Се потпирав на неа, на пријателите и за општеството. Знаев дека не можам низ сето тоа да поминувам сама – никој од нас не треба да биде сам... Секогаш постои некој кој ќе ни подаде рака, само не треба да се срамиме да прашаме – или да прифатиме помош. Ми помогна психотерапијата на која сè уште одам, затоа што верувам дека психотерапијата, и во моментите кога не патиме од емотивни или ментални стресови ни дава можност да ги согледаме болките и тешкотиите од здрава перспектива и да ги оттргнеме пред да се „инфицираат“ и пред да се претворат во сериозни проблеми.
* Како се вашите синови, колку години имаат и со што се занимваат?
- Данте, 19, студира Имресивна реалност на Савана колеџот за уметност и дизајн. (SCAD). Еван, 17 матурираше во средно училиште и исто така се запиша на SCAD, иако сѐ уште не се определи за специјализација. Го интерсира дизајн, музика, лидершип и продуценстки позиции. Блеис, 14, сака глума и пеење, свири тапани во училишниот марширачки бенд, одличен ученик е и прекрасен тинејџер. Многу сум среќна мајка. Сите тројца се освесетни млади луѓе, чувствителни и силни.
* Какви спомени ве врзуваат за Македонија?
- Сè уште ми е најдраг спомен настапот на штипскиот фестивал „Макфест“. Настапив со песната „Кабала“ и носев костум на кукличка. Имав и кореографија во стил на кукличка. Мислам дека бев наградена за најдобар сценски настап. :)
А, кога бев на врвот на популарноста, имав пријател во војска во Гевгелија, кој бев да го посетам по некој концерт, па поради Тајчи тој доби слободен ден.
* Хрватските медиуми пишуваа за вашиот соработник Дејвид Ленгли, кој го претставија како вашата нова љубов. Каков човек е тој? Како освен кога заедно настапувате го поминувате времето заедно, дали сте исполнета и среќна?
- Дејвид и јас заедно создаваме музика. Тој ја загубил мајката на 17 години (од карцином) па има разбирање за она низ кое поминуваат моите синови. Освен музиката, внесе во нашите животи малку насмевка и многу љубов. И поддршка дека по најголемите трагедии мораме понатаму да живееме.
* Колку денес во вас остана од онаа старата Тајчи, тинејџерката која во еден здив ја освои поранешната држава?
- Всушност сега таа „старата“ Тајчи повторно заживеа. По долгиот период во кој се борев со неа – затоа што тој период ѝ зададе многу рани на кои долго им требаше да зацелат.
Еднаш кога ќе се опуштиме од болката, и кога ќе се прифатиме себеси онакви какви што сме пред светот околу нас да ни каже какви сака да бидеме, тогаш повторно заживуваме во радост и во љубов. Во тоа е мирот, задоволството и исполнетоста – затоа што тогаш, без страв и без оптеретување можеме да дадеме сè од себе и да им овозможиме на другите малку радост и позитива.
Милица Џаровска