Покрај мојот, ги носам куферите на мојата сопруга и ќерка: Интервју со Илија Илов

Добивај вести на Viber

На трети август ќе ја крунисаме нашата љубов со црковен брак, истиот ден ќе се одржи и свадбената церемонија во хотел “Дрим” - Струга. Осум месеци напорно се подготвувавме за деталите околу свеченоста, веруваме дека тој ден љубовта ќе го победи времето! 

„Ако некогаш посакаш душата да ти танцува во облаците, во одреден дел од танцувањето ќе мора да претрпиш молњи и да го вкусиш невремето“ ... Како што Кристофер Поиндекстер ја објаснува симболиката за предизвиците во животот кои водат до клучни промени, така и невремето кое го одалечи Илија Илов, познат во македонската јавност по учество во разни модни проекти и видео записи, донесе голем број новитети како на приватен, така и на професионален план.

Кога една врата се затвора, нова се отвора, а онаа која Илов ја затвори пред две години за да го пронајде својот животен пат, придонесе тој да се врати во сосема ново руво, реализиран татко и сопруг, со поинакви мисли, идеи и желби за иднина полна предизвици. 


Многумина заминуваат во потрага по својата среќа надвор од границите на нашата земја, но ретко кој успева за толку кратко време целото искуство да го сублимира во една инспиративна животна приказна. За искуството во изминатите две години, како и идните планови, Женски Магазин позборува со Илија Илов, кој и покрај големиот број обврски околу крунисувањето на љубовта со саканата Елена, со задоволство прифати да одговори на нашите прашања.

* Пред две години замина за Америка и се прости со дел од следните зборови: „Од Македонија се разделив брзо. Никој не го спречи мојот пат. Луѓето што некогаш беа до мене, исчезнаа. Некогаш се борев за нивната љубов. Овојпат ми е сеедно. Рамнодушен сум!“. За кого беше упатено ова збогување?

-  Ова беше фикциска порив, кој во реалноста ме чинеше вистинско две годишно оддалечување од Македонија. Поради овие неколку реда јас имав проблем со властите во Америка, кои го оддолжија процесот за мојата документација. Во дигиталниот свет сите зборови се вечни!

* Замина со празен куфер спомени, а со што се врати?

- Се вратив со вистински живот. Сега покрај мојот куфер, со себе ги носам куферите на мојата сопруга и ќерка.


* Една година по заминувањето се сврши со твојата избраничка Елена и ја добивте ќерката Лана. Како се снаоѓаш и колку те промени улогата на татко?

- Лана ми даде нова смисла на моето постоење. Таа ме роди како татко и ми покажа дека не е страшно да си храбар!

* Веруваш ли во судбина или сметаш дека човекот сам го одбира својот пат?

-Верувам дека сите патиштата се вистински и дека погрешни избори не постојат.

* Наскоро ќе ја крунисаш веридбата во брак. Може ли да ни откриеш детали за свадбата?

- На трети август ќе ја крунисаме нашата љубов со црковен брак, истиот ден ќе се одржи и свадбената церемонија во хотел “Дрим” - Струга. Осум месеци напорно се подготвувавме за деталите околу свеченоста, веруваме дека тој ден љубовта ќе го победи времето! За сите гости спремивме специјално изненадување! 


* Обично се смета дека ќерките се миленички на татковците. Во каква личност би сакал да израсне Лана и што е тоа што би сакал да ја советуваш од сега како пример или мото да го следи во животот?

- Лана е вистинска моја миленичка! Пред да и’ посакам нешто неа, сакам себе си да си посакам успех во татковството! Би сакал моите насоки да и’ се само избор, додека вистинската одлуки да се само нејзини!

Посакувам Лана да израсне во чесен човек, затоа што секој чесен човек е добар човек. Да научи дека за секоја вредна работа треба да се даде жртва! 

* Колку те промени животот во Америка и што е тоа кон кое си професионален насочен?

- Во Америка научив дека доколку некој вистински ти значи, треба да го почитуваш неговото време. Мојата професионална определба се’ уште пркоси со она што вистински сакам да го работам. Но сепак, секогаш, во работата, јас го давам својот максимум и верувам дека професионалната етика е многу важен дел за среќата на човекот.

* Мислите преточени во книга раскази наскоро ќе имаат своја промоција. Што беше твојата најголема инспирација за создавање на ова дело?

- По 5 години конечно мојата збирка раскази “ Пластични приказни” на крајот од месец август, во издание на “Или-или” ќе ја има својата промоција.

“Иако неговите раскази се насловени како „пластични“ во нив има сè, само нема пластика. Има во нив многу душа, но и многу крв и месо, и други телесни екскременти”. - Проф. д-р Венко Андоновски, Рецензија за “Пластични” приказни”.


* Пред заминувањето во Америка имаше солидна кариера на македонско тло. Од сликање во полуголо издание, до учество во кампањи, видео записи и колумни. Колку ова искуство придонесе да се пронајдеш себе си на професионален план?

- Јас верував дека можам да успеам во полето на филмот и моделството во Америка. Веднаш најдов модна агенција и снимав два филма, но проблемите со документацијата само ја оддалечуваа мојата желба и мојата мотивација целосно се истроши. Од друга страна пак, расказите се преведени, имам агент, но сепак ја чекам македонската промоција, за да можам целосно да се посветам на тој пазар.


* Што е тоа што најмногу ти недостига од Македонија?

-Ми недостасуваат блискоста, џагорот, непосредноста и недореченоста на луѓето. Ми недостасуваат многу вкусови, мириси и звуци. Но сепак мојата фамилија е мојот најголем неутрализатор.

* Во потрага по својот пат, какви жртви треба да направи човек за да стигне до посакуваната цел?

-Треба да создаде цел, доколку интензитетот на посакување се намали, тоа е поголема жртва отколку принесувањето на истата. Мислам дека времето е најголемата жртва, затоа што само за него не постои рехабилитација.

* Кога би можел својата животна приказна да ја прераскажеш преку некое дело, кое би било тоа?

“Робинзон Крусо” - Даниел Дефо

Бојана Нојиќ