Портрет на Марија Спасовска: Одам по патот кој самиот се создава за мене
Една од најталентираните млади пејачки Марија Спасовска ја сака музиката поради тоа што е константна причина за среќа. Таа е вистински излез од реалноста и место во кое може целосно да биде своја.
Во исчекување е на новите предизвици - факултетски денови. Подготвена е да изучува нови работи, да стекне нови пријателства и знаења, а и да живее сама.
Мојот музички пат наликува... на нешто автентично, свое. Не се трудам никого да имитирам, туку еднаставно го одам патот кој самиот се создава за мене.
Омилена песна... ми е „Кога би знаела сѐ“ од ДНК, во последниов период. Иако текстот е баш меланхоничен, многу ме опушта, па дури и ми го крева расположението.
Мојот имиџ би го дефинирала како... имиџ на девојка својствен за 18/19 годишна возраст. Ништо премногу, ништо помалку.
Моите најрани сеќавања од детството се поврзани со... моите баби и дедовци, а дефинитивно и со настапите во Универзална сала со фестивалот „Поточиња“.
Тинејџерскиот период би го опишала... како преубав период исполнет со многу моменти, пријателства, предизвици, искушенија и искуства.
Омилен јунак од приказните... немам. Никогаш не сум се поистоветувала со ликови и јунаци од приказни, цртани…
Прославата на матурата за мене беше миг кој... дефинитивно ќе го паметам цел живот и беше многу повесел, посреќен и поемотивен од тоа што очекував да биде.
Ме чекаат нови предизвици, факултетски денови. Подготвена сум... да изучувам нови работи, да стекнам нови пријателства и знаења, а и да живеам сама, што носи нови предизвици.
Да се студира и да се занимаваш со музика за мене претставува... предизвик. До сега моето образование одеше паралелно со музиката. Верувам така и ќе остане, но претпоставувам дека во моменти на испитните рокови, студирањето ќе има предност.
Пријателство во оваа професија постои, но... сепак мојот круг на пријатели во приватноста е доста мал. Сакам со сите да се дружам и да имам добра комуникација, но не сум екстремно блиска со премногу луѓе од оваа професија.
Реагирам на критики... само од моите најблиски доколу се аргументирани со реални факти. Позитивна критика секогаш прифаќам. Критики со празни зборови не ни читам.
Мојата дефиниција за љубовта... е искреност, доверба, страст и комуникација.
Најголема поддршка ми е...моето семејство. Така било уште на самиот почеток, така и ќе остане за сѐ во животот, не само за мојот музички пат. Многупати сум зборувала за тоа дека семејството за мене е нешто најважно, најсвето.
Плановите се за практичните луѓе, а моите се поврзани со... она што во тој момент го гледам за соодветно да се случи. Не планирам премногу на долги патеки, освен за тоа што е неопходно. Во секојдневието, непланираните работи секогаш излегуваат поинтересни.
Кај луѓето најмногу почитувам... искрен, нелицемерен однос и приземност. Тоа се најважните добродетели кои човек може да ги поседува.
Особина која најмногу ја сакам и ја поседувам е... искреноста. Најпрво кон себе, а потоа и кон останатите. Научив да признавам кога не сум во право, да кажам „не“ кога нешто не сакам да направам и едноставно да дозволам искрени емоции во моето однесување.
Неостварена професионална желба ми е... многу хитови коишто во еден глас ќе се пеат на голем концерт. Целам кон тоа и се надевам дека некогаш ќе се оствари. До тогаш, многу работа и нема откажување.
С.А.Н