„Позади себе имам многу непреспиени ноќи, многу обиди да се спаси она за кое вреди да се живее“: Интервју со Ана Јанева
Нејзиниот лик стана препознатлив од основање на
беднот Пеперминт, а нејзиниот глас цели 17 години велеше добро утро на Лајф
радио. Уметник, пејачка, новинарка, водителка,
а пред се мајка на две ќерки, Ана Јанева по речиси две децении одлучи да собере
храброст и да го смени животот од корен. Таа повеќе не е дел од бендот, а
радиото го замени со студио, интервјуа со познати уметници и артисти, воедно
работејќи на зголемување на свеста за музичките културни вредности во
Македонија на кои им се предава премалку значење во медиумите. Токму се ова ќе биде тема на
денешното интервју.
Ж.М. Оние кои те познаваат, и кои ја следат твојата работа години наназад, беа доста изненадени од неколкуте храбри одлуки кои ги донесе за краток период. Работа, брак, изглед... Сето она што го негуваше речиси две децении, го промени од корен. Беше ли тешко да излезеш од комфорната зона?
Самиот збор „комфорт“ прејудицира на состојба која не сакате да ја промените, место или начин кој несвесно делува на сите главни или споредни одлуки кои треба да ги донесете. Веројатно и мене ми требаше долго време да излезам од таа сигурна зона, која пак знае да стави превез на реалноста која можеби и не е во согласност со она што во суштина ве прави среќни. Не е лесно да се направи првиот чекор кон неизвесното, но секако е предизвик кој мора добро да се обмисли. Одлуката во исто време да смените работа, емотивен и брачен статус, па и надворешен изглед, не е нешто кое се носи преку ноќ. Имам јас позади себе многу непроспиени ноќи, многу обиди да се спаси она за кое вреди да се живее. Промените понекогаш се од есенцијално значење во животот, секако доколку ве однесат на поубаво место, доколку направат подобра верзија од она што сте биле. Јас сакав таква промена, сакав да направам нешто повеќе за себе, за другите, за секој кој ќе ги препознае моите добри намери. И мислам дека сум на добар пат, за среќа има многу препознавачи, има такви со кои се препознаваш „на прва“, па тоа раѓа добри плодови. Дуваат убави и топли ветрови, само треба да им влеземе во патеката.
Ж.М. Храбар човек не е човек кој не се плаши, туку тој кој се соочува со сопствениот страв. Како ти се соочи со сопствениот страв, и на кој начин излезе од нешто кое трае со години?
Ох, имам јас многу стравови со кои се борам секојдневно, но тоа се стравови кои не ме менуваат суштински, туку за момент ме дефокусираат од намерите. Со овие, сега за сега, добро се справувам, но кога станува збор за стравот од незивесноста, од магливата иднина, од неможноста да се видите себеси за неколку години, е тоа знае да биде тешка борба. Тука мора да се препуштите на поголемата сила, тогаш мора да оставите на Оној кој знае и може сѐ, во мојот случај Бог. Многу работи не зависат секогаш од нас, не можеме сѐ сами, всушност многу малку можеме сами. Со оглед на тоа што знам да бидам „контрол фрик“, за мене, да го разберам и прифатам ова беше најтешката задача. Мислам дека најважно беше да се осигурам дека ги употребив сите сопствени расположливи сили да се справам со ситуацијата, да знам дека пробав сѐ. После тоа следува период на прифаќање на промената и адаптирање на новото, но без товарот на плеќи, со насмевка и верба, гледајќи напред кон неизвесното, со огромна желба и надеж дека некој ме чува во секој мој чекор. Убаво е кога некој се моли за тебе, но поубаво е кога ти се молиш за другите.
Ж.М. Што е она што најмногу ти помогна да излезеш како победник со широка насмевка од нешто што не е нималку пријатно?
Мислам дека без умисла ви го одговорив ова прашање, но еве да појаснам. Во годините кога се барав себеси, неслучајно се сртенав со вистината над вистините, дека Бог е љубов и љубовта е Бог. Дури и за оние кои сакаат да го негираат неговото постоење, Тој е таму, во нив, кога љубат, кога ги сакаат своите ближни. Така се надевам и со мене. Секако дека без Него, нема да можев да го најдам патот во темниот дел на шумата, а начинот е навидум едноставен, но суштински важен. Пред и сѐ е благодарноста, прво му благодарам за сѐ, па потоа очекувам, се молам, пеам во црковниот хор, ги сакам луѓето, се радувам и плачам, сѐ во свое време.
Ж.М. Втор голем чекор е тоа што од позади микрофонот премина во студио пред објективот. За краток период направи многу интервјуа, сподели многу приказни, дали мислиш дека нашите медиуми не им даваат доволен простор на нашите уметници? Има премногу музичари кои навистина е благослов да се слушнат, а сепак имаат премалку публика и мал медиумски простор.
Интервјуата и медиумскиот простор кој го отстапува мојата матична куќа „Слободен печат“, меѓу другото е и мојот скромен придонес кон уметноста, барем така сакам да верувам. Би сакала уметниците да имаат повеќе простор, поголема платформа за да можат да ја презентираат својата креативност, автентичност и уметнички израз, а верувам дека ги има многу. Имаме раскошен потенцијал кај многу од нив, но за жал се губат во бескрајните лавиринти на нефункционалниот систем, кој глорифицира невкус и бледи контури на естрадни „ѕвезди“ кои речиси и да не светат воопшто. Но, јас сум тој неизлечив оптимист, кој верува во оние малкумина кои сѐ уште посетуваат симфониски, џез, рок, алтернативни... концерти, изложби, претстави, филмски проекции... Тие го заслужуваат нашето вмнимание, препознавање и афирмација од соодветни структури и институции, медиумски простор, многу публика, сцена и рефлектори кои силно светат.
Ж.М.Покрај секогаш уникатниот и несекојдневен изглед кој го негуваш, по што си и препознатлива, она што е доста забележливо кај тебе овие месеци наназад е тоа што успеа да намалиш дури 15 килограми и тоа за релативно краток период. Која е твојата тајна - сон на секоја жена?
Тоа и не е некоја тајна, тоа е само уште една одлука која се раѓа од грижата за себеси, не е недостижно, само треба да решите дека е време за убави нешта, а тие се на чекор од нас, само треба да посегнеме по нив. Убаво е да се грижите за тоа што јадете, за тоа колку се хидрирате во текот на денот, за тоа дали сте физички активни. Да бидам прецизна за оние, кои можеби ќе сакаат да се обидат да направат промени, јас практикував автофагија или fasting, режим на исхрана со наизменично гладување, секако во комбинација со активно, секојдневно практикување на физички вежби, конкретно пилатес. За мене, ова сѐ уште е начин на живот, кој понекогаш го изневерувам, односно сакам од време на време да си дозволам и по некој „guilty pleasure“.
Ж.М. Со оглед дека живееш со твоите две ќерки Нина и Теона, како успеваш да го менаџираш секојдневието, постигнуваш ли се да стигнеш, имаш ли помош од нив?
Ние сме тим кој функционира беспрекорно, а оние кои ме познаваат, знаат дека уште од мала сакав да имам две девојчиња и еве до ден денес се прашувам, како ли само заслужив да ми биде исполнета желбата :) Мислам дека периодот со тешкотии во менџирањето за мене заврши, сега уживам во придобивките. Навистина не е тешко, тие се доволно големи и зрели, сами да се грижат за повеќето предизвици со кои се соочуваат секојдневно. Се разбира јас сум тука, за поминување на сите препреки кои ги сретнуваме по патот. Многу разговараме и заеднички изнаоѓаме решенија и начини за дилемите кои нѐ мачат сите три. Помошта за мене е нивната поддршка за сѐ што правам, сјајот во очите кога сум радосна и тагата кога нешто ме мачи. Љубовта и секојдневното потсетување дека сме тука за да се сакаме е главниот двигател во нашите животи.
Ж.М. Како е да си мајка на тинејџерки?
Убаво! И не е тешко, ако на време сте си ја завршиле родителската задача. Не велам дека нема предизвици и дека сѐ оди како подмачкано, но за мене е прекрасно искуство. Убавината е во тоа што имам можност и јас да учам од нив, тие имаат различен генерациски код, кој мене ми е многу интересен за истражување. Тие сакаат да ја слушаат музиката која јас ја слушам и обратно, јас ги почитувам нивните вкусови, кои релативно брзо се менуваат, но сепак се прилично истенчени за нивна возраст. И така е со сѐ друго, откриваме нови светови, тие кај мене, јас кај нив. Во секој случај возбудливо е да си раскажеме кој како го поминал денот, да објасниме по некоја нова мудра мисла, да научиме по некој германски збор, да препознаеме музички интервал или да откриеме која е функцијата на растителните клетки...
Ж.М.Кој е најдобриот совет кој си им го дала, а сметаш дека игра голема улога во формирање на нивната личност?
Мислам дека нема еден совет кој во себе ја крие вистинската формула, тоа е повеќе компилација од совети кои ги слушале од мали, со надеж дека нешто од тоа ќе остане врежано во некоја мозочна виуга. Ги учам да бидат благодарни за сѐ, да не судат, да сакаат со цела сила, да сонуваат, да ги почитуваат различностите и да читаат, многу да читаат...
Ж.М. Како најчесто го започнуваш денот, имаш ли некоја рутина, нешто во што најмногу уживаш?
Обично прво отворам очи :) што не е лесно, со оглед на тоа дека скоро никогаш не легнувам рано и секогаш ми фали уште некој час сон. За среќа лесно се расонувам (и тоа без кафе) и денот вообичаено ми започнува со краток преглед на настаните кои се случиле во светот додека јас сум спиела. Уживам да слушам музика која јас ја сакам додека одам на работа, избегнувам да го слушам тоа што некој друг го наредил во плеј-листа на радио станиците. Некако не ми се вклопува во моето расположение кое уште од утрина сакам да го држам на прилично висока фреквенција. Другата утринска рутина веројатно не се разликува многу од онаа на другите жени во светот, импровизацијата е во деталите.
Ж.М. Дали си подготвена повторно да ги почувствуваш пеперутките во стомак, дали веруваш дека "детската љубов" може да се почувствува и по 40-та?
Пеперутките во стомак јас ги чувствувам многу често и внимателно ги чувам и негувам. Тие не се секогаш врзани со романтични чувства, некогаш летаат и на добар концерт, убав филм, претстава... А љубовта е единственото нешто во кое безрезервно верувам. И да, верувам дека таа не зависи од годините, таа е над сите човечки рамки, а јас сум секогаш подготвена со широко отворена прегратка да ѝ посакам добредојде.
Ж.М. Кој би бил твојот совет до сите жени кои живеат во комфор зоната, а сепак чувствуваат незадоволство на многу полиња, сакаат да променат нешто во својот изглед а едноставно не успеваат во тоа?
Не сум сигурна дека сум достојна да давам совети, кои некој би ги усвоил како свој начин на делување. Секој си живее своја приказна, која е исто толку различна колку што има различни ликови на оваа планета. Ако некому му е убаво во комфор зоната, нека си седи таму, но незадоволството е нешто со кое треба да се избориме. Да тргнеме од себе, изгледот се менува со менување на внатрешното себепоимање, тој е само проекција на емотивната или состојбата на умот, за кого како. Убавината е релативна категорија, следствено на тоа, пожелно е прво да си бидете убави самите на себе, така ќе може да блеснете во сиот свој сјај.
Елеонора А.