ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ДВОЈКИ (6): Како се запознале?

Добивај вести на Viber

Почетоците се најсимпатичниот дел од секоја љубовна приказна. Овојпат наш избор се првите средби на познатата пејачка и авторка Кристина Арнаудова со сопругот, на фолкерите Татјана и Новица и на популарниот музичар Слаткар со поранешната манекенка Сања Николиќ

Кристина Арнаудова и Александар Петровски

Познатата пејачка, авторка и хуманистка и поранешниот ракометар и тренер, актуелен директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“, заедно живеат од 2001 година.


- Се запознавме во станот каде што тој живееше со двајца цимери, а јас дојдов како гостинка на девојката на неговиот цимер. Таа сакаше да нè запознае и тврдеше дека ние двајца би биле идеални еден за друг, во што очигледно била во право. И денес сум ѝ бескрајно благодарна бидејќи љубовта е ретка и треба да ја препознаеш и да се бориш за неа. Веќе вториот пат кога се сретнавме бев вљубена, а третата средба веќе бевме во врска–откри во едно интервју Арнаудова.

Татјана Лазаревска и Новица Василевски

Докажаните фолк-интерпретатори пред неколку години одлучија да ја напуштат земјата во која изградија кариера и отпочнаа ново животно поглавје на другата страна од светот, во Мелбурн, Австралија. Во една прилика Татјана раскажа дека токму музиката е и главниот виновник за нивната прва средба.


- Се запознавме на една заедничка свирка, но тоа беше во времето кога и двајцата почнувавме да ги градиме кариерите. По првото познанство, често знаевме да се сретнеме на различни фестивали, музички манифестации, често излегувавме на исти места. Љубовта дојде нешто подоцна – се потсети Лазаревска.

Сања Николиќ и Марко Маринковиќ

Популарниот музичар и поранешната манекенка првиот контакт го имале во 2010 година на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.


- Излезе на бина и пред цела македонска јавност откри дека ми пратила покана за пријателство на „Фејсбук“. Се вратив дома и веднаш и напишав „Шо прајш, како си“. Она пушти вода, а јас почнав да ѝ се пуштам – на шега раскажа Слаткар во ТВ-шоуто „Еден на еден“.

Познатата двојка е неполни четири години во брак, а Маринковиќ ѝ посвети и песна на саканата, хитот „Кажи да“.

- Ние сме како ден и ноќ, мора да се стемни за да се раздени, нели? Различни сме, но си имаме потреба еден од друг и се надополнуваме. И двајцата сме лав во хороскоп, а од скоро дознавме дека и двајцата сме бик во подзнак. Па ти сега види – во свој стил објасни Слаткар лани во ноември за „Женски Магазин“.

Подготви: Ѓорге Стојанов