ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ДВОЈКИ (7): Како се запознале?
Нова тура љубовни приказни,а оваа седмица наш избор се првите средби на брачните другари Панчеви, Плевнеш и Џорлеви
Маја и Дарко Панчеви
Заедно се две децении, а се запознале ненадејно, во кафуле. Македонскиот фудбалски ас неодамна во ТВ-шоуто на Драган Б. Костиќ откри дека познатата пејачка првпат ја забележал на „Макфест“ во 1998 година.
- На сцената се појави плава симпатична млада девојка која отпеа многу убава нумера. „Сакај ме ти“ се викаше песната. Помина одреден период, можеби 6-7 месеци кога случајно се сретнавме во едно кафуле во Капиштец. Седеше близу мене. Го направив првиот контакт за да ја пофалам за настапот на штипскиот фестивал. Се запознавме и многу ми се допадна. Во тој период мојот претходен брачен излет беше на климави нозе, бев послободен и едноставно коцките се наместија. Почнавме да излегуваме, се вклопивме и со размислувањата и така тргна авантурата–раскажа Панчев.
На една од првите средби Маја на шега му признала дека на времето го менувала за две сликички на „тапка“ кога собирала албум.
Силвана и Влатко Плевнеш
Пред две години во Македонската опера и балет го снимија спотот за „Љубовна приказна“, а токму овој видеозапис ги врати во времето кога се родила нивната романса. Кога Силви го пишувала текстот за нумерата, како инспирација ја имала токму нивната љубовна приказна.
- Спотот е снимен во заткулисниот простор покрај големиот концертен клавир кој е симбол на нашата љубов и нашиот животен пат. Често евоцираме спомени, особено онаа наша прва средба на Факултетот за музичка уметност. Додека вежбав, група студенти- бруцоши влегоа во мојата училница и застанаа да ме слушаат. Најубавата девојка од групата којашто ја имав и претходно забележано, стоеше најблиску до мене. Во еден момент престанав да свирам, но таа ме замоли да продолжам. Ми рече: „Свирај нешто лепо Силвани“. Мојот избор беше композицијата „Over the rainbow“. Останатото е историја – се присети Влатко.
Офелија и Зоран Џорлеви
Докажаниот музичар и автор, сопругата ја запознал на нејзината апсолвентска вечер во „Кајак-клуб“ во Градскиот парк. Таа вечер случајно навратил таму со своето друштво од оркестарот на Операта.
- Имаше многу гости во кафеаната, но мојот поглед падна таму каде што требаше. Во животот нема ништо случајно. Целиот живот бегав од Струмица, градот во кој сум роден и мислев дека нема да земам жена оттаму. Но, патиштата господови се чудни, иако не се случајни – изјави Џорлев во една прилика.
Подготви: Ѓорге Стојанов