ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ДВОЈКИ: Како се запознале?
Љубов на прв поглед, симпатии уште од студентските денови, многу заеднички теми за разговор.. Дознајте каква им била првата средба на брачните другари Корубин, Скендеровски и Љуткови
Лиле и Рубенс Корубин
Модната дизајнерка Лиле Корубин и нејзиниот сопруг, сликарот Рубенс Корубин се запознале пред речиси четири децении на денот кога католиците го прославуваат Божик. Лиле е по вероисповед католик и нивната прва средба се случила во нејзиниот дом.
- Таа ноќ, со еден заеднички пријател отидовме во домот на семејството на Лиле. Тогаш првпат се видовме и таа ми остави силен впечаток. Оваа прва средба, првиот поглед беше навистина судбоносен – раскажа Рубенс во интервју за „1Е Магазин“.
Подоцна следувала заедничката прослава на Нова година пред да почнат да се забавуваат. По четири години врска, стапиле во брак.
Маја и Зоран Љуткови
И двајцата завршиле во класата на професорот Владимир Милчин. Кога тој почнал да ја гради кариерата, таа почнувала со своите студии. Иако не се познавале лично, Маја во една прилика откри дека била негова обожавателка која често била во публика на неговите претстави. Се запознале по завршувањето на претставата „Светулки во ноќта“ која се играла на Кермес во Градскиот парк во рамките на манифестацијата „Скопско културно лето“.
- Таа вечер ја префрлив со автомобилот до дома, со „дијаната“ на Игор Ангелков која всушност немаше трепкачи. Со голема сериозност, односно со рака, давав знаци во кој правец се движиме. Мислам дека тоа беше пресудно за неа – раскажа на шега Љутков во едно интервју.
По неколку месеци повторно се споиле на фестивалот „Скомрахи“. Почнале интензивно да се дружат и отогаш се неразделни.
Бојана и Васко Скендеровски
Познатата пејачка и водителка со сопругот кој е извршен продуцент на нејзиното шоу „Улица Македонија“ се запознале на интересен начин. Преку заеднички пријател таа сосема случајно се нашла кај него на работа во фабриката „Југохром“ во Јегуновце.
- Ми се допадна неговата ненаметливост, но и неговата кротка природа. Уште од почеток и како пријатели имавме многу заеднички теми за разговор - раскажа Бојана.