Порано не се лижеше лажичето за кафе, денес ги гризат и ги плукаат- правила на фино однесување

Добивај вести на Viber

Ова се правила кои никаде не можете да ги прочитате и да ги научите на памет. Може да се наследуваат од колено, на колено, односно да ви ги пренесат родителите, може да ви се природно всадени, како природна состојба, ДА!, има луѓе кои едноставно се раѓаат со фини и културни манири, а може и да читате, да истражувате, да гледате, да практикувате и полека, полека да совладате.

На пример, имаше “на времето една книга се викаше “Бон-тон“.

Во оваа книга имаше стотици правила за тоа, како треба фино, љубезно и културно да се однесувате во дадени ситуации. Книга, во која беа напишани правила за фини, љубезни и културни манири.

Беа опишани темелни детали од разни ситуации во кои беше перфектно објаснето што смеете, а што не смеете да направите.

Еве на пример и вакви ситуации беа објаснети-кога пиете кафе, во кафуле, или ресторан, лажичето со кое го промешувате кафето, не смеете, односно не би било фино да го излижете. Значи, треба само да го промешате кафето и тоа тивко, без да удирате по ивиците на порцеланот, а лажичето да го положите во тацната, во која се разбира би требало да има салветка, која ќе ги впие тие две-три капки кафе кои ќе останат на лажичето, за да не си ја исфлекате кошулата.

Или тоа дека мажот прв влегува во кафана, се разбира за да тој да види каква е состојбата таму. Ја придржува вратата на жената, таа влегува, а тој ја затвора вратата. На излегување е обратно. Тој ја отвора вратата, таа излегува, а тој ја затвора вратата. Освен ако надвор е врнежливо времето, па прво тој да излезе, да го отвори чадоорт, да ја придржи вратата, а жената да му се придружи.

Денеска, речиси сите млади луѓе, шетаат со пластичните лажичиња од кафе во уста, односно ги гризат, ги превртуваат низ уста, зборуваат со нив додека го пијат кафето, излегуваат со нив од кафуле, за потоа во некој момент да го џитнат лажичето некаде. Таму каде што ќе им дојде.

Види сеа, колку и да врви времето напред, колку и да е брзо живеењето, колку младата генерација да живее по некои свои модерни, нови правила, колку ова-колку она, ваква драстична различност е неприфатлива. Значи ако до пред два-триесет години, лажичево се оставало во тацна, а денеска се препелка низ уста и се фрла, тоа е културолошка катастрофа, особено поради фактот, што некои состојби, а тука е секако во прв ред воспитувањето и културните манири, не може и не смеат да подлежат на какво било модернизирање на светот и векот.

Ја имавме оваа книга дома. Бон-тон во тврд повез. Во повеќето семејства, ја имаше оваа книга на полиците на семјните библиотеки. Веројатно по некоја од старите добри книжарници можеби може да се најде и денес, ама еве веќе некое време ја барам и ја нема. Не сум видела во книжарниците во Загреб, или Белград. Сакам да ја подарам на некои деца-матуранти, на мои блиски пријатели. Ама ја нема. Како што исто така, замислете во ниту една книжарница не можам да најдам Енциклопедија Британика. Ни на англиски, ни на македонски. Замислете!! Ееееј, не ми се врува. И неа ја барав пред некој ден, за на крај да морам да одам кај препродавачите на стари книги, на кеј на Вардар. Ја најдов таму. Беше стара, оштетена…. Не ми пречеше тоа толку, ќе ја купев, ама ми помина низ глава мислата дека веројатно некој млад човек, ја извадил од семејната библиотека и како тотално неважно парче ја извадил на улица да ја продава. Има некои работи, кои можете да ги однесете на бувљак. Стари креденци, фотељи, каучи… Ама има некои работи, кои никогаш не смеете да ги продадете. Стриот накит од баба, нејзиниот порцелански сервис, кој со таква љубов и гордост ви го подарила, сребрениот есцајг, кој е исто така дел од семејните вредности и традиции, старите албуми со пожолтени фотографии, исто така не смеат да се мрднат од дома… Вујаклија, 1000 зашто, 1000 затоа, Достоевски, Толстој, Хемингвеј…, Енциклопедија Британика, ова бре не смее да се пипа од дома. Исто како што порано сте ги тргале од рафтови за да избришете прашина, и тоа книга, по книга, а кога мајка ви не дома, само фушерски одоздола-одозгора, ко мачка со опашка, истото тоа треба да се прави и сега. И у наредни сто години. Ова се некои нешта кои треба да постојат за век и веков.

Ако ваквите работи се изнесуваат од дома и ако се продаваат за три-четири стотки, тоа е трагедија на модерното време. На кое сакате време.

Со тоа како да си ги сечете гранките од семејното стебло и ги продавате. Сечете по душите и срцата на вашите претци и ги продавате, за да седнете со тие пари на кафе со пластично лажиче.

Не знам што се случи! Навистина не знам, ама откако се случи онаа трагедија во Белград, се некако вакви приказни излегуваат од мене.

Ја знам дека нема враќање назад, или има исклучително тешки и трновити патишта, преку кој човек, како-така ќе мора се врати до старите и добри вредности, или…

Или нема друго. Ќе нѐ нема. Или ќе нѐ снема.

И пак покрај сувото, ќе изгори и суровото.

Налет да се стори сѐ што не почитува мајка и татко, постар човек, вредности, традиции, човештина, љубов, љубезност, воспитување…

Ах, налет да се стори. 


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин