Празнично со Ана Бунтеска: Пандемијава не ја есапам веќе, а празници не славам
Да ја испратиме оваа тешка година, и да ја дочекаме новата со позитивна енергија.
Ана Бунтеска, жена, мајка, наша колумнистка и позната поетеса, како и економист, празнично за Женски Магазин.
* Какви предизвици Ви донесе годинава што изминува, на професионално и приватно поле? (Колку Ве промени?)
- Да сме на чисто, 2020-та беше тешка година. Јас отсекогаш верував дека ниту една работа не се случува без причина, дека дури и најтешките работи се дел од растењето, одраснувањето и учењето. Она што знам е дека во многу ситуации во кои не сум гледала излез, излегло дека ме направиле посилна и (верувам) помудра. Научив да сум стрплива, да ја смирам сопствената еуфорија на „сега, веднаш и одма”. Интровертноста ми помогна да не излудам во 4 ѕида и да се посветам на она што е навистина најважно, ќерка ми, моите родители, пријателите и себе. Успеав во овие услови да ја задржам линијата на присебност и креативност, што многу ми значи. Колумните, песните, проекти кои успеав да ги завршам, а кои ги одолговлекував со изговор дека немам време. Така, следната година ве очекува нова книга поезија, 2 книги со колумните во Женски магазин за 2019 и 2020 година. Во план ми е да ги довршам и трите детски книги, за оние најмалите, потоа за основците и на крај за тинејџерите. Приватно, направив чистка која ја избегнував со години, да оставам зад себе луѓе и ситуации кои ме исцрпувале и физички и ментално. Нема ништо поубаво од чист ум, незагаден од мисли кои создаваат тежина. Се’ на се’, колку и да звучи чудно 2020-та ми донесе љубов кон себе и кон оние кои секогаш се тука, без да се пазариме за мерење емоции во грамови.
* Како ќе ги прославите празниците (Нова Година и Божиќ) годинава? Дали Ве фати празнична еуфорија и покрај пандемијата?
- Никогаш не славам празници, па ни Нова година или Божиќ. Празник ми е секој ден во кој се будам, со благодарност дека сум жива и здрава, дека оние кои ги сакам се тука. Еуфоријата ми е резервирана за купување подароци за ќерка ми, поминување време со неа, муабети, дружба со моите. Пандемијава не ја есапам веќе, научив дека ништо не е вечно (сакале или не), ќе мине и таа. Се надевам само дека конечно поднаучивме нешто сите овие месеци и дека нема повеќе да ги земаме работите здраво за готово. Слободата на излегување, дружење, одење на настани е скапоцена, мислам дека сите веќе поинаку ќе го вреднуваме тоа богатство.
* Што си посакувате да Ви се оствари во годината што доаѓа?
- Она што го посакувам за себе, го посакувам на сите околу мене, без оглед дали ги познавам или не. Тоа е синџир, ако не сме сите како што треба и ако не сме среќни, тоа вака или онака се одразува на сите нас. Посакувам здравје (колку и да е клише), спокој, бистар ум, здрав дух и креативност.
* Ваша Новогодишна порака?
- Бидете благодарни за секој ден кој ви е овозможен да го минете на оваа планета. Тоа значи дека имате можност да си го смените животот, да им го разубавите на оние околу вас, да бидете хумани, свои, среќни. Ви посакувам следната година да ви донесе љубов, да го најдете она што го барате и да кажете чао на се’ што ве прави да бидете ненаспани или тажни. Најдете на што ќе се радувате и тоа нека е секој ден. Проблемите не ги гледајте само како тежина, учете нешто од нив и свртете ги работите во своја корист. Впрочем, среќата е во секој од нас...само чека да ја разбудите. Да сте ми живи и здрави, се читаме во Новата. Чаши горе, живели!
Д.Караташова Илиоска