Празнично со Габриела Кулебанова: Секој ден дополнувам со нови украси и светилки во домот

Добивај вести на Viber

Да ја испратиме оваа тешка година, и да ја дочекаме новата со позитивна енергија. 

Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, празнично за Женски Магазин.

* Какви предизвици Ви донесе годинава што изминува, на професионално и приватно поле? (Колку Ве промени?)

- Јас сум навикната на предизвици, ако нема сама си ги барам. Оваа година ќе речам дека донесе повеќе прилагодување кон условите на функционирање како професионално така и приватно. Плановите за работење се сменија согласно здравствените мерки и можностите за начинот на функционирање. Ние во приватниот бизнис само треба да си ја завршиме работата на крај, на овој или на оној начин, обврските си течат работите мора да врват. Можеби и од ова извлековме и некои поука за начинот на работење, како што се онлајн платформите во замена на физичкото комуницирање. Дел од ова секако ќе остане и како алтернативен начин за работа и во иднина. 

Секогаш семејството е на прво место, па овде не може ништо да ми го поремети редот па ни некоја си Ковид пандемија. Само што и работењето и учењето онлајн, иако сме дома не го прави поголемо поврзувањето од претходно за да речеме „да сега сме повеќе заедно“. Едноставно времето за мене е исто расположливо кога се во прашање приватните обврски и семејството. 

Промените не се големи во однос на претходно и мислам дека се занемарливи. 

* Како ќе ги прославите празниците (Нова Година и Божиќ) годинава? Дали Ве фати празнична еуфорија и покрај пандемијата?

- Секој мора да се раководи со позитивна мисла кон сите работи што ги прави, така и самиот и тие околу него ја чувствуваат добрата енергија и работите одат полесно. 

Секако накитив по куќата со новогодишни светилки и украси, а и секој ден само дополнувам како ми се раѓа нова идеја. Може ќе конкурирам за награда ?!

Една сијаличка кога трепери јас се чувствувам поразиграно, а верувам и сите ние. Мора сами да си ги направиме интересни миговите и колку што може да се оттргнеме од ова сивило и монотонија во текот на годинава која сите чекаме барем формално да заврши надевајќи се на промени и олабавување од притисокот на претпазливост од пандемијата. 

* Што си посакувате да Ви се оствари во годината што доаѓа?

- Годинава што поминува ако ја тргнам оваа темна точка од пандемијата за мене не беше толку лоша. Секоја доаѓа и поминува и ние по природен тек си поминуваме заедно со годините трудејќи се да ги задржиме позитивните траги и веселите моменти, а останатото да го оставиме позади нас, така и оваа година . 

Не дека не очекувам повеќе од следната што доаѓа, но секогаш ќе кажам „До тебе е, колку и како ќе си направиш толку очекувај да ти се врати!“ Значи не очекувам од годината , очекувам сама од себе, само си пожелувам и верувам дека можеме да направиме подобро, поубаво и посреќно секојдневие. 

* Ваша Новогодишна порака?

Малите моменти ги прават големите нешта. 

Богатството е во едноставноста и искреноста. 

Да бидеме едноставно среќни, исполнети со малку кое дава многу среќа и насмевки.


Д.Караташова Илиоска