Празнично со Јасминка Талеска: Во Новата Година да сме сите на број каде и да сме во светот
Да ја испратиме оваа тешка година, и да ја дочекаме новата со позитивна енергија.
Јасминка Талеска, глобален директор за соработка со надворешни клиенти за „Novartis“ и претседател на Македонско швајцарскиот бизнис клуб, која живее и работи во Женева, празнично за Женски Магазин.
* Какви предизвици Ви донесе годинава што изминува, на професионално и приватно поле? (Колку Ве промени?)
- Изминатава година беше полна со предизвици за сите нас. 2020-та година направи силна помена на мојата перспектива за тоа како работиме, како живееме и ќе ја запаметам по револуцијата во науката и нејзината моќ да го подобри нашиот свет. Ме научи како да се радувам на сите нови предизвици и како да се прилагодам на брзината на промените. Исклучително важна година и на професионален и на приватен план.
* Како ќе ги прославите празниците (Нова Година и Божиќ) годинава? Дали Ве фати празнична еуфорија и покрај пандемијата?
- Новогодишните и Божиќните празници секогаш го исполнуваат мојот дом со една посебна магија која предизвикува голема возбуда во семејството. Оваа година сум многу среќна што ќе можам празниците да ги поминам со моето семејство во Скопје.
* Што си посакувате да Ви се оствари во годината што доаѓа?
- Во Новата Година си посакувам да сме сите на број каде и да сме во светот. Си посакувам повеќе здравје и насмевки, прекрасни моменти исполнети со среќа, поминати заедно со најблиските и пријателите.
* Ваша Новогодишна порака?
- Сакајте се и чувајте се уживајќи во секојдневните моменти кои некогаш ви изгледале безсмислени. Да бидеме благодарни за секое следно изгрејсонце и за секоја прегратка за добра ноќ. Среќни празници!
Д.Караташова Илиоска